EV SPORT 01-МАЛО ЛЕСНО И СУПЕР БРЗО

13/07/2023

Компанијата или подобро да кажеме работилницата АИМ повторно се огласи откако во април го најави доаѓањето на малото купе именувано како „ев спорт 01“. Сета „збрка“ околу деталното најавување е всушност навестување за скорашната светска премиера пред јавноста. Претставувањето ќе се случи на средина од месецов, од 13 до 16, поточно за време на манифестацијата Фестивал на брзината што секоја година се одржува во Гудвуд.

АИМ е релативно нова и микро компанија која делува на полето од автомобилската индустрија и е најпозната по конструирање погонски единици. Да појасниме, АИМ има учествувано во трките на издржливост, а во 2010 година во класата на прототипови стигна како четвртопласиран. Во прототипот од тимот Орека Матмут АИМ имаше вградено свој 5,5 литарски V10 мотор.

Сега работилницата развива електрични мотори и за таа цел го конструираше малото купе „ев спорт 01“. Автомобилот е долг 3,9 метри, има електричен погон – два електромотори со вкупна силина од над 489 КС. Не мора да значи ако возилото е електрично дека треба да биде тешко. Тоа го докажува фирмата АИМ со концептот „ев сопрт 01“ кој тежи 1.424,7 кг. Колку за споредба, купе моделот „евија хиперкар“ тежи 1.678 кг. Автомобилот е во сопственост на Лотус, марка која во светот е позната по лесните шасии и каросерии. Сепак, треба да го имаме следново во предвид, „евијата“ има 4,46 м во должина, а не 3,9 м како концептот „аим ев спорт 01“. Повеќе од јасно е следново, „аим ев спорт 01“ е правен од лесни метали и материјали од јаглеродни влакна.

Ако сѐ оди според планот, тогаш можно е работилницата АИМ да направи мала серија од купе двоседот, а за во иднина можно е да тргнат со производство на свои електрични возила  за секојдневна употреба.

АИМ е јапонска работилница сместена во Нагоја која за време на конструирањето на купе двоседот тесно соработуваше со дизајнерското студио СН Дизајн Платформ, сопственост на Широ Накамура, некогаш главен во дизајнерскиот оддел на Нисан и творец на неколку дизајни, како на пример „нисан р 35 гт – р“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.