Претставуваме Prodrive Hunter-„FERRARI ЗА ВО ПУСТИНА”

12/05/2022

ТОКМУ СО ОВИЕ ЗБОРОВИ ДЕЈВИД РИЧАРДС, СОПСТВЕНИКОТ НА СПЕЦИЈАЛИСТОТ ЗА РЕЛИ PRODRIVE, ГО ОПИША СВОЕТО ВИДУВАЊЕ НА ТЕМА ХИПЕРАВТОМОБИЛ ЗА НА ТЕРЕН КОЈ СЕ ПЕРЧИ СО ЗАСЕГА НЕНАДМИНАТИ ПЕРФОРМАНСИ ПРЕКУ БИЛО КАКВА ПОДЛОГА

 

Името му е Hunter, или ловец. Има и зошто. Со него може да се тргне во лов на неизмерно задоволство зад волан кое произлегува од прелетување преку дини, ползење по карпи, пробивање низ шума, копање низ кал, преглед на прекрасните пејзажи на саваните во забрзан мод, па дури и, ако е баш мерак, „бришкање“ по автопат. Мммм… Звучи примамливо нели? Секако дека е! Впрочем идејата за брзо и моќно офроуд купе по принципот на оние од релито Дакар отсекогаш ги прогонувала октанските вљубеници. Дури имало и по некој обид во минатото кој најчесто завршувал како концепт и ништо повеќе од тоа. Меѓутоа британскиот рели специјалист Prodrive кој се прослави во WRC со Subaru Impreza зад чиј волан седеа имиња како Колин Мекре, Ричард Барнс, Петер Солберг, се одлучи за овој радикален чекор и сонот го претвори во јаве.

На улица, пардон, на песок го имаме овој беснотилак со 600 КС под хауба односно меѓу седишта, ќе појасниме и зошто, со постојан погон на четири тркала, огромни гуми и кокпит како во тркач дотеран да заличува на цивил. Всушност Hunter е цивилна варијанта на натпреварувачот од Дакар во категоријата Т1 на тимот Bahrain Raid Xtreme со кого деветкратниот светски шампион во рели Себастијан Лоеб на годинешниот Дакар заврши на второ место. Но, иако цивил помоќен e од тркачот BRX Hunter T1 кој е ограничeн од техничките правила.

 

КОГА Е ПОТКРЕПЕНА, ИДЕЈАТА Е СУПЕР

Prodrive не сокрива дека идејата за реализација на проектот Hunter потекнува директно од главниот финансиер на тимот Bahrain Raid Xtreme, а тоа е принцот на Бахреин, Саман бин Хамад Ал Калифа кому му се допаднала идејата да може да прелетува преку дините побрзо отколку со тркачите од Дакар. На Блискиот Исток е распространета култура за која возењето низ пустината е хоби, начин на опуштање и бегање од монотонијата на секојдневието. Поклониците на оваа забава секогаш трагаат по подобри, помоќни возила кои најчесто ги добиваат со тјунирање и надградба на постоечката понуда на теренци на пазарот. Оваа популистичка идеја всушност била водилка за Prodrive за да се втурне во еден ваков проект. А кога зад грб го имате и принцот на Бахреин како промотор тогаш реално е да се очекува дека проектот Hunter ќе пројде. Посебно на Блискиот Исток каде цената од 1,5 милиони евра без опции и данок, и не претставува проблем за да се протнат барем 25 примероци колку што е планирано да бидат произведени.

 

ТРКАЧОТ ПУШТЕН ОД ЛАНЕЦ

Вообичаено кога цивилен автомобил се поставува на основата на тркач тогаш се придушуваат сите параметри со цел да се прилагодат на различниот начин на користење. Но, во случајот на Hunter тргнале по обратен редослед. Всушност BRX T1 е придушен заради рестрикциите од техничките правила, па затоа Hunter личи како да е пуштен од ланец, посебно моќниот 3.5 литарски V6 твинтурбо во чија основа е издржливиот моторот на Ford, V6 Ecoboost познат од F-150 Raptor и Ford GT. Prodrive ја зема основата и сам ги надградува моторите кои претрпуваат значителен број модификации во однос на сериските. Толку многу што на крај малку нешта ги поврзуваат со оригиналот. Во случајот намерно e избран моторот на Ford бидејќи знаеле колку е издржлив. Сепак, комплетно го смениле за да го ослободат неговиот целосен потенцијал. Моторот добил сув картер, ново коленесто вратило, нови клипни лостови, клипови, брегасти оски, издув, пар поголеми турбо полначи, управувачка електроника… Доволно за на крај 3.5 литарецот да истискува повеќе од 600 КС и 700 Nm. Моќноста е за 50% поголема од онаа на тркачот на Лоеб кој вози со 400 КС. Со олкав излив на моќ Hunter лови темпо 100 за помалку од 4 секунди и достигнува максималнa брзина од безмалку 300 km/h. И што е најважно, за сето ова не му треба асфалт.

 

ВО ЕЛЕМЕНТ ТАМУ КАДЕ НЕМА ПАТ

Основата на Hunter е иста како кај BRX Hunter Т1. Просторна рамка од цевки од високолегиран челик која ја формира шасијата и заштитниот кафез спрема безбедносни пропозиции дадени од FIA. На неа се прицврстени панелите од карбон-фибер кои ја формираат каросеријата и кабината, и сите елементи од подвозјето, моторот и менувачот. Моторот е поставен напред-централно во шасијата.

Толку е втурнат кон средина што буквално влегува во кабината меѓу седишта туркајќи ги возачот и совозачот на страна. Под хауба има место само за вшмукувачкиот вод на интеркулерот. Спaрен е со шестстепен секвенцијален менувач на Sadev кај кого степените се менуваат преку една палка зад волан, влечи за нагоре, туркај за надолу. Останатото го прави хидрауличен актуатор. Менувачот го испраќа вртежниот момент до тркалата преку три диференцијали, централен, преден и заден кои се заклучуваат независно еден од друг, и го дели подеднакво 50:50 кон предна и задна оска.

Тркалата ги водат двојни напречни водилки, а се потпираат на двојни целосно подесувачки амортизери со пружини на секој агол исто како кај BRX Hunter T1. Со таа разлика што кај Hunter во однос на T1 одот е зголемен од 350 mm на 400 mm. За да се добие помеко возење и поголема способност за совладување на груб терен при брзини кои се незамисливи за останатите возила. Така Hunter влегува во елемент таму каде нема пат. Тркалата се огромни. Дијаметарот на гумите изнесува 35 инчи, а ширината 12,5 инчи и поставени се на ковани алуминиумски бандажи од 17 инчи, или 35/12,5–17. Во нив се сокриени со пирачките апарати кои ги сочинуваат вентилирачки дискови најголеми што дозволуваат бандажите, а ги зафаќаат сопирачки клешти со шест клипа.

 

АКО НЕ СЕ ЗАБЕЛЕЖИ ЌЕ СЕ СЛУШНЕ

Дизајнот на Hunter е наменски и нема некоја значајна разлика во однос BRX Hunter T1. Каросеријата личи како SUV-купе, но не како оние кои по пат на маркетиншки трик ни се протнуваат на голема врата од производителите. Ова е вистинско SUV-купе и точка. Способно до крај да го оправда своето име. Секако, создаден наменски Hunter е далеку е од убаво возило. Иако за волја на вистината сокрива некоја грда привлечност. Дизајнот го потпишува Ијан Калум, поранешниот шеф на дизајн на Jaguar со преку триесет години искуство, кој од пред три години основа свое студио за дизајн. Hunter e голем автомобил. Долг е 4,6 метри, а висок е 1,85 метри. Она што делува впечатливо е ширината од 2,3 метри и токму заради неа делува колосално. Но, таа му ја дава преку потребната стабилност за кога се бришка низ пустина и се прелетува преку дини. Внатре има место само за двајца, а одзади место багажник стои резервоар за гориво од 480 литри потребен за кога се вози на долги рути во предели далеку од цивилизација. А во колку не го забележите сигурно ќе го слушнете. Звукот што го ослободуваат двете издувни цевки кои стрчат странично од под вратите е моќен и лут. Повеќе наликува на диво рикање и далеку е од некоја рафинирана сонорна нота. Внатре владее спартански ред. Нема ништо повеќе од потребното. Слично како кај тркачот, но со подобрена звучна изолација. Седиштата се тркачки кади со појаси во шест точки, воланот е преслечен со алкантара за да не лизга, а остатокот од кабината се голи панели од лакиран карбон-фибер. Место инструменти има мултифункционален дисплеј и уште еден на централната конзола од која стрчи невообичаено поставената рачка од рачната на сопирачка. Првиот примерок е обоен во боја на песок по желба на принцот на Бахреин, бидејќи според него одговара на намената. Во Prodrive добиле нарачки за уште четири модели. Според нив изложбен салон не им е потребен. „Тој што е заинтересиран знае каде да не најде”, велат од Prodrive.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ