ПОД НОВОТО ВОДСТВО ГЕРМАНСКАТА МАРКА OPEL ИЗГЛЕДА МНОГУ ЦВРСТО, ПАЛЕТАТА Е РЕЧИСИ ЦЕЛОСНО ОБНОВЕНА, ДОДАДЕНИ СЕ НЕКОИ НОВИ МОДЕЛИ, А ВО УРБАНИОТ СЕГМЕНТ Е МОДЕЛОТ CORSA, КОЈ СО ДЕЦЕНИИ Е ЕДЕН ОД ОМИЛЕНИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ ВО СЕГМЕНТОТ.
Новата шеста генерација на германскиот супермини пристигнува со дизајн што вешто ги сплотува минатото и модерното во својот спортски и елегантен изглед. Corsa под привлечната надворешност пакува многу повеќе отколку што се очекува, поседува целосно нова моторизација, а имплементацијата на новоразвиените технологии го дополнува ефектот за напреден автомобил.
ПРЕПОЗНАТЛИВИ ЛИНИИ СО НОБ ОБЛИК
На прв поглед веднаш е забележливо дека новата Corsa изгледа позрело, дизајнерите користеле помалку меки потези, а на нивно место настапуваат конкретни, германски линии, со што е постигнат посилен изглед што ги истакнува елеганцијата и динамиката преку напредниот дизајн. Софистицираноста се забележува штом ќе се погледне предниот дел, каде што обликот на маската, поставеноста на светлосните склопови и имплементацијата на магленките создаваат целосна хармонија. Кровната линија потсетува на автомобил купе што придонесува за подобрување на аеродинамиката, преку неа се прикажува спортскиот имиџ, додека задниот дел ја дополнува мускулестата форма со интегрирање на спојлерот над задното стакло. Потезите што се влечени по надворешноста несомнено велат дека Corsa е карактеристичен Opel во кој може да се препознае ДНК на претходните генерации што јасно укажува дека ова е ново продолжение на малата молња што е подготвено да удира силно.
МЕСТО НА НАПРЕДНА ТЕХНОЛОГИЈА
Кабината е место во кое се поминува најголемото време во автомобилот и затоа инженерскиот тим што работел на новата Corsa се обидел ова место да биде колку што е можно подобро изведено. Имено, имплементацијата на нови технолошки решенија и модерни опции е сеопфатно применета. Централната конзола е благо накосена кон возачот, а на неа главната улога ја игра 7- инчниот екран чувствителен на допир преку кој се командува со повеќето секундарни функции.
Декоративните елементи и атрактивните шавови како и спојот на останатите детали ја прават кабината особено атрактивна. Просторот кој е на располагање потврдува дека комодитетот е задржан на високо ниво, како на предниот дел, така и на задната клупа. Практичноста во мало пакување се заокружува со багажниот простор, неговата форма е правилна и лесно достапна, а располага со зафатнина што изнесува повеќе од 300 литри. Тоа со што може да се пофали оваа генерација се новите технологии и системи за помош што обично се среќаваат кај повисоките класи возила. Вистински белег се светлосните состави во LED-технологија што може да се надградат и со матрикс систем intelliux, што Opel првпат го нуди во сегментот. Покрај тоа, постојат голем број најсовремени системи за помош, како што се предупредување за судир со автоматско сопирање во итни случаи и детектирање на пешаците, како и адаптивна контрола на брзината, кај Corsa дебитантско претставување има и системот за одржување на возилото во коловозната лента, а овие асистенти се грижат времето поминато со Corsa да биде колку што е можно побезбедно и порелaксирано.
СООДВЕТНА МЕРКА
Новата генерација на Corsa е опремена со особено економични бензински и дизел-мотори. Кај бензинците главна улога игра 1,2-литарскиот агрегат со три цилиндри што доаѓа во три различни изведби со јачина од 75 КС, 100 КС и 130 КС. Дизелската верзија е со моќ од 100 КС што ги испорачува 1,5-литарскиот четирицилиндричен мотор опремен со турбополнач. Во оваа пригода се дружевме со верзијата 100 КС на бензинскиот агрегат што се покажа како повеќе од доволен за секојдневните потреби, дури на моменти знае да ја прикаже и својата пргава страна. Постигнувањата се во зоната од 9,9 секунди за забрзување до 100 км/ч, а максималната брзина што се испорачува изнесува максимални 188 км/час. Перформансите што се напишани на хартија изгледаат значително поуверливо во секојдневната употреба. Новата Corsa во овој облик успешно и многу агилно се справува со предизвиците во сообраќајот благодарејќи на карактерот што го поседува овој мал турбоагрегат со 205 Nm влечна сила. Како дополнување на податоците во прилог е и нејзината потрошувачка што во наши раце едвај надминуваше 6 литри на 100 километри, со што го заслужува епитетот на еден од најекономичните модели во класата. За да се постигнат овие карактеристики инженерите подготвиле добро пресметан и прецизен менувач со шест брзини, а наедно напорно работеле на намалување на тежината, па затоа во споредба со претходникот, новата Corsa е полесна за околу 10 проценти.
Надворешниот изглед, кој е со динамични и спортски линии, го преточува тоа чувство и во возењето, кое со новата Corsa изгледа динамично, што е клучен фактор за повеќе забава. Тоа е постигнато со поставувањето на возачката позиција пониско, со што центарот на гравитација е понизок. Ваквото „сетирање“ овозможува вистинско уживање на патиштата што изобилуваат со свијоци, а во исто време создаваат чувство на комфор кога се вози на автопат. Директниот и прецизен управувач, како и изведбата на потпирањето го дополнуваат пријатното чувство што целосно ја комплетира сликата за еден исклучително управлив мал автомобил.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ТРИЦИЛИНДРИЧЕН, ТУРБОБЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 1.199 СМ3 |
МОЌНОСТ: | 00 КС ПРИ 5.500 ВРТ/МИН. |
МЕНУВАЧ: | 6 СТЕПЕН МАНУЕЛЕН |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: БАРАБАНИ
|
ГУМИ: | НАПРЕД 195/65 R16, ПОЗАДИ 195/65 R16 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.090 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4.060X1.765 X1.433 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
9.9 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА |
5.2 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
98 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ |
16.990 € |