ИЗГРАДЕН ВРЗ ОСНОВАТА НА ЛЕГЕНДАРНИОТ FERRARI 355, ИКОНА МЕЃУ СПОРТИСТИТЕ ВО 1990-ТЕ, МОДЕРНИОТ 355 BY EVOLUTO® Е ЗАМИСЛЕН КАКО ПРОТИВОТРОВ ЗА МОДЕРНИТЕ ДИГИТАЛИЗИРАНИ СУПЕРСПОРТСКИ АВТОМОБИЛИ
Реткост е, дури и меѓу пасионираните љубители на автомобили, името Evoluto Automobili. Но, не грижете се! Нема место за тревога. Иако името звучи италијански, станува збор за млада британска марка регистрирана во 2019 година која штотуку го обелодени својот прв проект наречен 355 by Evoluto®. Првите информации за медиумите беа пласирани на 10 јули, за моделот официјално да биде најавен ден подоцна на Фестивалот на брзината на Гудвуд. Првиот примерок во живо ќе биде обелоденет дури во август на престижната манифестација: Седмица на автомобилите во Монтереј. Настан кој се одржува секоја година во округот Монтереј во Калифорнија, каде како круна на настанот е надалеку познатата: Изложба на елеганција на Пебл Бич.
Според Evoluto Automobili, нивниот проект 355 by Evoluto® претставува влез во нова ера во сегментот наречен: враќање на автомобилските класици во живот. Идејата која стои зад оваа млада марка и по која таа се разликува од досега виденото е враќање на класичните автомобили во живот, но не преку класична реставрација туку преку процес на реконструкција и редизајн. Односно, преку подобрување на конструкцијата на автомобилот во секој аспект, и внимателно, и со вкус модернизирање на дизајнот. Едноставно, во ова модерно дигитализирано доба тие сакаат да внесат врвно аналогно доживување зад волан какво што приредувале легендарните спортски модели од минатото. Затоа го измислуваат и заштитуваат како трговска марка поимот Peak Analogue® кој асоцира на врвно аналогно возачко искуство, и ќе фигурира како придавка во името на сите нивни проекти. Секако почнувајќи од Peak Analogue® 355 by Evoluto®.
ФУЗИЈА НА КАРБОН И ЧЕЛИК
Создавањето на 355 by Evoluto® може да се поистовети со изработка на филигран. Почнува со расклопување на оригиналниот автомобил до гола шасија и темелно чистење на шасијата. Следи зајакнување на шасијата со поставување на елементи од карбон-фибер на критичните точки преку што е постигната 23% поголема отпорност на усукување на шасијата во однос на оригиналот. Ова зајакнување создава робусна основа која служи за подобрување на возната динамика преку која Evoluto Automobili сакаат да им овозможат на идните клиенти врвно возачко искуство зад волан. Секако карбон-фибер обилно се користи и за каросеријата и секаде каде што конструкцијата дозволува. Така тежината од сериските 1.422 kg е симната на 1.250 kg, бројка која била определена уште при планирањето на реконструкцијата.
ПОМОЌЕН И ПОИЗДРЖЛИВ
Крутата шасија лесно може да го поднесе зголемувањето на моќноста на бисерот од мотор кој се смета за еден од најдобрите мотори на Ferrari. Со зафатнина од 3.5 литри овој V8 со рамно коленесто вратило и 5 вентили по цилиндер во оригиналната конфигурација испорачувал 380 КС при 8.250 min-1 и бил еден од најмоќните мотори во своето време. Меѓутоа ова не било доволно за инженерите од Evoluto и тие отишле чекор подалеку. Го навиле на 420 КС при 8.500 min-1 и го направиле поиздржлив менувајќи во процесот преку 200 компоненти.
Главата на мотор е фино обработена на CNC машина за да можат да се постават поголеми вшмукувачки вентили. Преку нив е подобрен протокот и олеснето полнењето на цилиндрите. Поставени се нови брегасти вратила на вшмукувачките вентили и нови подигнувачи. На овој начин подобрен е одзивот на моторот кој сега многу полесно ги набира вртежите. Поставена е и нова спојничка осовина која беше ахилова пета кај оригиналот. Издувот е спортски изработен рачно од титаниум. Изводите од цилиндрите се со иста должина за да им се дозволи на издувните гасови од секој цилиндар во исто време да стигнат до колекторот. Така се олеснува дишењето на моторот, се намалува повратниот притисок и се подобрува звучната кулиса.
Комплетно е сменета управувачката електроника на моторот. Се користи модерен систем со бобина на секоја свеќичка кој испорачува попрецизно палење, посилна искра и поголема ефикасност. Резултатот е експлозивен одзив на педалот за гас и чувство за поголема поврзаност меѓу моторот и возачот. Воедно издржливоста на системите и доверливоста е донесена на ниво својствено за 21 век. Заедно со управувачката електроника на моторот, целосно е сменета комплетната електрична инсталација на автомобилот со воведување на нови современи електронски системи кои ја олеснуваат дијагностиката и сервисирањето.
МЕНУВАЧ ЗА СЛАДОКУСЦИ
Модификација претрпел и менувачот кој е полесен од оригиналот, попрецизен е и нуди подиректна конекција при менувањето. Сега секое префрлање во некој од шесте степени на пренос е посебно доживување кое кај возачот буди чувство за потполна контрола над автомобилот. Сопирањето му е препуштено на Brembo. Вентилираните бушени дискови ги зафаќаат 6 клипни клешти напред и 4 клипни клешти назад. Се користат црева и глицерин наменет за тркачки автомобили и соодветно на намената посебни сопирачки плочки. Како опција се нудат и карбон-керамички дискови кои сопираат уште подобро и влеваат поголема сигурност.
Одејќи согласно девизата Peak Analogue®, или врвно аналогно возачко искуство, во Evoluto сакале да ја задржат разиграната природа на автомобилот. Затоа создале подвозје кое нуди високо ниво на тракција кога се вози со висока брзина, но ја оставиле и можноста возачот лесно да предизвика пролизгување кога сака да ги истражува границите на автомобилот. Затоа и изборот на гуми е внимателно направен. Место ултимативните Michelin Pilot Sport 5, поставени се Pilot Sport 4S кои дозволуваат повеќе игра. Бандажите од лесна легура се ковани и посебно се направени само за 355 by Evoluto®. Мерат 19 инчи и напред носат гуми со димензии 235/35, а назад 305/30.
УМЕРЕН СОВРЕМЕН ДИЗАЈН
Дизајнот е внимателно дотеран за да ја долови суштината на оригиналот, а сепак да покаже насоки на современ модел. Всушност дизајнот е модерна интерпретација на класичниот Ferrari 355 која подеднакво плени со својот настап. Има нова предна маска со интегриран слитер и поголем отвор за довод на воздух врамен со LED светла за возење дење. Сокриените предни светла, исто така, користат LED технологија. Покрај бројните отвори на каросеријата во форма на шкрги кои го подобруваат ладењето поставени се и аеродинамични прагови, функционален дифузор одзади и нов капак на моторот.
Внатрешноста е ултра-луксузна опточена со скапи материјали и со отворени можности за персонализација кои одат во недоглед. Дури и на предлогот даден преку прикажаниот модел е тешко да се најде замерка.
За цената воопшто не станува збор. Од Evoluto Automobili на даваат ниту „рамка“. Ако се земе предвид дека просечната вредност на еден оригинален Ferrari 355 изнесува околу 100.000 евра тогаш доработката сигурно ќе биде далеку повисока од неа. Со цел да се задржи ексклузивата планот е да се изработат вкупно 55 примероци од 355 by Evoluto®.