Претставуваме BMW M2-ПО СТАПКИТЕ НА ИКОНАТА ОД 1980-ТЕ ГОДИНИ

26/10/2022

СОЗДАДЕН ЗА ДА ПОНУДИ НАЈЧИСТА ФОРМА НА ВОЗАЧКО ЗАДОВОЛСТВО ПО СТАПКИТЕ НА ИКОНАТА Е30 М3, НОВИОТ М2 ЈА ПРОДОЛЖУВА ЈАГМАТА ЗА М И СО ПРАВО Е ПОДАРОК ЗА АВТОМОБИЛСКИОТ СВЕТ ОД BMW M GMBH ВО ЧЕСТ НА ЈУБИЛЕЈНАТА 50 ГОДИШНИНА

 

Новата генерација на М2 недвојбено ја продолжува традицијата на спортското одделение на BMW, славниот М, како колевка од која излегуваат ултра-спортски модели со компактни димензии. Фамата која започна со моделот 2002 turbo во 1973 година не престанува да возбудува со секој нов модел. Воедно, новиот М2 е совршен подарок за прославување на 50 годишнината на BMW М кој како спортска дивизија беше основан во 1972 година со цел да го води тркачкиот програм на Баварците. Иако за волја на вистината 2002 turbo не е инженерски подвиг на М, во BMW новиот М2 тесно го врзуваат со него можеби затоа што сакаат како серија да го дистанцираат од иконата на 1980-те неприкосновениот Е30 М3. Модел кој всушност ја создаде јагмата за М која не попушта ниту денес, и воедно му донесе светска слава на логото М.

Иако во BMW можеби ќе се налутат, сепак, кога ќе се фрли поглед на новиот М2 веднаш пред очи излегува сликата на Е30 М3: испапчени предно и задно крило, силно нагласени прагови, лута муцка и мускулест задник. Понатаму, BMW го рекламира М2 како спортски автомобил кој ветува возачко задоволство во најчиста форма, што повторно го врзува со Е30 М3 за кого познавачите сметаат дека е еден од најдобрите возачки настроени автомобили на сите времиња. Сакале Баварците тоа да го признаат, или не, новиот М2 гази по стапките на иконата М3 од 1980-те години и тука ќе се сложиме нема ништо лошо.

 

МУСКУЛИ И САМО МУСКУЛИ

BMW M2 пршти од моќност без оглед од кој агол се гледа. Неговиот мускулест став најавува беснотилак од кого произлегува најчиста форма на возачко задоволство. Кај него формата ја следи функцијата. Испапчените предни и задни крилја визуелно поврзани со силно нагласените прагови ја покриваат широката трага која значително ги надминува димензиите на обичното купе, а со цел значително да се подобри стабилноста и способноста за лов на свијоци. Огромните аглести отвори во предниот браник покрај агресивниот визуелен настап се преку потребни за доволно снабдување со воздух и ладење на моторот и сопирачките. Хоризонтално развлечените бубрези на BMW дополнително го нагласуваат препознатливиот лик на моделите кои доаѓаат од М. Мускулестиот задник подеднакво ја нагласува моќноста со тесните вертикални отвори за одвод на врелиот воздух од сопирачките, извајаниот спојлер на капакот на багажникот, интегрираниот дифузор во црна боја од под кого стрчат два пара огромни издувни цевки.

 

ЃАВОЛОТ Е ВО ДЕТАЛИТЕ

Нема двојби дека беснотилакот што го најавува преку својот стас М2 го оправдува преку своите перформанси врз кои кумува фино наштиманиот шестцилиндарец со неверојатен апетит за лов на вртежи. Моторот само во детали се разликува од енерганата која работи во моделите М3 и М4. Но, токму деталите ја сокриваат ѓаволштината на овој 3.0 литарски твин-турбо кој одушевува со својот моментален одзив и линеарната испорака на моќност дури и кога се наоѓа на лимит од дозволениот број вртежи. Лимитот е поставен високо на дури 7.200 min-1, безмалку 1.000 вртежи над вртежите на кои ја остварува максималната моќност што е исклучително погодно за на патека. Паралелено со набирањето на вртежите моторот ја збогатува и звучната нота која подеднакво крева адреналин и во граничното подрачје се претвора во вистинско крешендо.

Моќноста на М2 ја надминува онаа на претходникот за здрави 90 КС. Моторот испорачува 460 КС при 6.250 min-1 и максимален вртежен момент од 550 Nm меѓу 2.650 и 5.870 min-1 овозможувајќи му притоа на М2 да спринтува од место до 100 km/h за 4,1 секунди, а до 200 km/h за 13,5 секунди. Максимумот традиционално е лимитиран на 250 km/h додека опционалниот M Driver`s Package го крева лимитот на 285 km/h.

 

РАЧНИОТ МЕНУВАЧ Е ОПЦИЈА

Стандардно кај М2 моќноста се испраќа кон задните тркала преку осум-степениот автоматски менувач М Steptronic со систем Drivelogic кој дозволува екстремно брзи префрлања на граница на тркачки автомобил. Директната врска со моторот дозволува моментално забрзување, но и прескокнување на степени кога на пример треба да се префрли во низок степен пред свијок. Функцијата Drivelogic дозволува избор на три начини на менување кое може да биде целосно автоматско или мануелно кога степените се одбираат преку палки зад волан.

Рачниот шест-степен менувач се нуди како опција, но веруваме вистинските сладокусци ќе се одлучат токму за него. Тој нуди чиста форма на поврзаност меѓу возачот и автомобилот поттикнувајќи спортско возење преку кусиот од и екстремно прецизното префрлање. Врзан е со системот Gear Shift Action кој го  прилагодува менувањето зависно од број на вртежи и не дозволува пролизгување при силно сопирање пред свијок кога се префрла во понизок степен. Меѓутоа кому ова му пречи може целосно да го исклучи системот и да ужива во полна контрола. Со рачниот менувач спринтот е за нијанса по спор: 4,3 секунди до 100 km/h и 14,3 секунди до 200 km/h. Но, затоа возачко доживување е далеку поинтензивно.

 

ПРЕЦИЗНА КОНТРОЛА И УПРАВУВАЊЕ

Кусото меѓуоскино растојание, широката трага меѓу тркалата, совршениот баланс заради 50:50 тежинска распределба ветуваат прецизна контрола и управување кое реагира на миг. Специфичната кинематиката на предната и задната оска создадена само за М2 со посебно конструирани  врски со шасијата, електронски контролирани амортизери и управување со варијабилен пренос дозволуваат возачот буквално да танцува со автомобилот како што ќе посака. А кога ќе се претера на помош доаѓа масивниот сопирачки апарат со вентилирачки дискови од 380 mm напред со фиксни шест-клипни клешти и 370 mm назад со пливачки клешти. Бандажите мерат 19 инчи напред и 20 инчи назад. Обуени се во гуми 275/35 напред и 285/30 назад, а постои опција М2 да биде испорачан со гуми за на патека.

 

СПОРТИСТ И ОДВНАТРЕ

Внатрешноста е олицетворение на спортист со кокпит ориентиран кон возачот и е набиена со технологија која соодветствува со актуелните текови. На кокпитот доминираат екрани, а возачот гледа во дисплеј со графика која одговара со намената. Се седи во тркачки кади од карбон-фибер кого го има насекаде низ кабината, а остатокот е преслечен во фина кожа и алкантара со акцентирани детали во боите на логото М. По желба од карбон-фибер може да биде и кровот со кого тежината дополнително се намалува за 11 килограми и го спушта тежиштето за уште подобра возна динамика.

Новиот BMW М2 е спортист во најчиста форма со кого Баварците им се враќаат на корените создавајќи возачки ориентирани машини кои одушевуваат.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ