Претставуваме LOTUS ELETRE R-ЕЛЕКТРИЧЕН ШОК ЗА ВРАЌАЊЕ ВО ЖИВОТ

01/04/2024

БЛАГОДАРЕНИЕ НА ИНОВАТИВНИТЕ ТЕХНОЛОГИИ НА LOTUS ELETRE ВОЗЕЊЕТО НА ЕЛЕКТРИКА МНОГУ ПОВЕЌЕ ДОБИВА НА СМИСЛА. НАВИЕНАТА ИЗВЕДБА ELETRE R МАЃЕПСУВА СО СВОИТЕ ПЕРФОРМАНСИ, ВОЗНАТА ДИНАМИКА И БРЗИНАТА НА ПОЛНЕЊЕ НА БАТЕРИИТЕ

 

Влегувањето во светот на електричните хипер-спортски автомобили со Evija за Lotus беше отворање на вратата за влез во иднината. Нејзините 2000 КС сокриени под вонземниот дизајн воден од потребите на аеродинамиката и овозможуваат да понуди перформанси за пример. Воедно, напредната шасија и лесната градба преточени во возна динамика која мами насмевки со секој изминат километар се елементи кои отсекогаш биле важни за Lotus без оглед што сега електриката ја презема погонската спрега. Токму на овие принципи за постигнување на врвна возна динамика, зачнати од славниот Колин Чепмен, се потпира наследството на Lotus и се пренесува на секој нов модел.

Тие подеднакво важат и за првиот хипер-SUV на електричен погон наречен Eletre чија навиена изведба Eletre R маѓепсува со своите перформанси и со возната динамика. SUV од Lotus? Па уште електричен? Самата помисла ги згрозува тврдокорните љубители на марката кои сѐ уште сонуваат за Lotus полесен од тон со навиен бензинец поставен централно. Но, факт е дека марката која мина низ низа премрежиња низ годините и лани го прослави 75. роденден мора да се сврти кон глобалните текови во колку сака да опстане. Впрочем, и љубителите на Porsche негодуваа за Cayenne, а со него Porsche стана глобален играч. Тоа е намера и на Lotus. Поточно на кинеската мултинационална компанија Geely која го поседува Lotus, и што е уште поважно му дозволува повторно да блеска како во времето на Чепмен.

Под вакви услови доаѓа ултимативниот Eletre R наполнет со врвна технологија, активна шасија и аеродинамика кои поставуваат репери во сегментот заедно со масивните 905 КС доволни за лов на стотка во само 2,95 секунди. Името ја следи долгата лоза на имиња на модели на Lotus кои почнуваат на буквата Е, а зборот Eletre значи „Оживување”.

 

БРЗО ПОЛНЕЊЕ НА БАТЕРИИТЕ

Бидејќи Eletre R е наменет за секојдневна употреба, динамиката на живеењето сама по себе го наметнува прашањето околу брзината на полнење на батериите. Lotus го има вистинскиот одговор. Систем со напон од 800 волти кому во однос на вообичаените системи од 400 волти му треба половина од протокот на струја за иста испорака на моќ. Така се скусува времето на полнење, се користат потенки кабли, се подобрува ефикасноста и се генерира помалку топлина. Литиум-јонските ќелии не се пакувани во модули, туку ќелиите директно се вметнати во куќиштето. На овој начин се намалува тежината и се зголемува бројот на ќелии на ограничен простор. Густината на пакувањето на батериите дозволува испорака од 175 Wh/kg бројка која во превод овозможува поголема автономија.

 

Времето потребно за полнење на литиум-јонските батерии со капацитет од 112 kWh изненадува. Без оглед на изведбата приклучен на стандарден домашен приклучок од 22 кW Eletre полни батерија од 0 – 100% за помалку од 6 часа. Брзото полнење на приклучок од 350 kW на мрежата од јавни станици се случува во време од пауза за кафе. Имено од 10 – 80 % батеријата се полни за 20 минути, а во само 5 минути може да се наполни за опсег од 120 km. Мора дека се сложиме дека овие времиња веќе влегуваат во прифатлив тајминг. Исто така и автономијата од 600 km со полна батерија. Плус наоѓањето станици за полнење е лесно благодарение на интелигентниот систем за навигација. Тој не само што ги пронаоѓа, туку кажува и дали се зафатени.

 

ПОСТАВЕН ВРЗ ТРКАЧКИ ГЕНИ

Eletre е кулминација на 75 години врвни достигнувања на Lotus на полето на возна динамика, управување, потпирање и аеродинамика. Наменет да биде глобален продукт Eletre минал близу 2 милиони километри низ тестови во различни услови од кои добар дел на Северниот круг на патеката Нирбугринг која е репер за фино сетирање на подвозјето и управувањето. Лесната и цврста шасија е добиена со паметно комбинирање на алуминиум и високо легиран челик. Таа е дел од глобалната платформа на Geely на која во иднина ќе бидат поставени низа од премиум електрични возила. EPA – Electric Premium Architecture e модуларна платформа која дозволува висока флексибилност и во случајов е уникатната за Lotus. Од нејзината цврстина доаѓа извонредниот баланс, комфор и рафинираност без оглед дали се вози на пат или надвор од него. Eletre е првиот Lotus кој ќе се прави надвор од В. Британија. Производството е организирано за во фабриката на Geely во Вухан, Кина каде е основан цел технички оддел од инженери на Lotus за управување со производство. Првите серии ќе бидат наменети за кинески пазар.

Eletre се потпира на мулти-линк систем напред и назад со компоненти од лесна легура. Специфичната конструкција ефикасно ги прифаќа силите на оптоварување и напречно, и надолжно и му овозможува на Eletre да вози како вистински Lotus. Воздушните пружини со двојни комори и активните амортизери ги прилагодуваат параметрите 1.000 пати во секунда и му овозможуваат на Eletre буквално да дише со патот. Управувањето за првпат кај еден Lotus е електромеханичко. Досега Lotus не се откажуваше од хидрауликата. Мина долг пат на фино дотерување за да обезбеди чиста конекција меѓу возачот и тркалата и брз интуитивен одзив на секое свртување на волан, со 2,5 свртувања открај-докрај.

Два електромотори еден напред и еден назад се движечката сила на Eletre R. Имаат комбинирана моќност од 905 КС и комбиниран вртежен момент од 985 Nm. Обичниот Eletre и Eletre S доаѓаат со 603 КС и 710 Nm со едно степен менувач напред и назад. Кај Eletre R задниот менувач е двостепен за поголема ефикасност при високи брзини. Максималната брзина застанува на 265 km/h иако Eletre R е способен за многу повеќе. Во Lotus сметаат дека многу поважно е како вози, а не колку вози. Затоа кај Eletre R кон погонот на четири тркала е додадена векторска распределба на вртежниот момент меѓу тркалата на иста оска и активно управување на задната оска.

ДИЗАЈН ПОД АКТИВНА АЕРОДИНАМИКА

Без оглед на мрсните димензии, 5 метри должина и 2 метри ширина, Eletre R делува лесен и воздушест како спортски автомобил. Дури и предното стакло со агол од 27° е навалено како кај спортист. Како и кај Evija формата ја следи функцијата, па така и Eletre R носи низа т.н. порозни решенија кај кои воздухот буквално минува низ автомобилот. Воздухот што влегува низ маската излегува низ отворите на хаубата, шкргите зад предните тркала и се насочува под рамниот стомак. Страничното струење минува низ отворите на задните носачи на кровот, а притисокот од под задните тркала излегува низ отворите на задните крила. Внимателно конструиран спојлер во три дела е поставен над задното стакло, а активно крило е сокриено под него. Тоа се подигнува при поголема брзина. Кога ќе се накоси под агол од 18° го смалува отпорот на воздух за 1,8% зголемувајќи го негативниот потисок за 60 kg. Под агол од 32° го смалува отпорот за дополнителни 1,8% а го зголемува негативниот потисок за 112,5 kg. При нагло сопирање се искосува на 34° и делува како воздушна сопирачка.

Внатрешноста е изработена од рециклирани материјали со врвен квалитет и делува благородно. Амбиентално осветлување, меко затворање на врати, систем за подобрување на квалитет на воздух, четири зонски клима уред, местење на седишта во 12 насоки, head-up дисплеј, стакло кое го одвојува задниот дел од кабината се комфорни елементи кои повеќе се очекуваат во луксузни лимузини. Информациски систем со 5G, Apple Carplay и Android Auto нуди бескрајни опции за поврзување. Звукот низ кабината се разлева преку 23 звучници на специјалистот KEF Reference Audio со моќност од 2.160 вати.

Евидентно е дека со Eletre возењето на електрика многу повеќе добива на смисла. Цената за обичниот Eletre стартува од 95.990 евра, поопремениот Eletre S чини од 120.990 евра, а за ултимативниот Eletre R Lotus бара да се пикне раката уште подлабоко во џеб сѐ додека не се дофатат почетните 150.990 евра. Сите посебни желби, новиот центар за персонализација на Lotus ќе ги исполни и соодветно ќе наплати.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ