За тие од другата страна на Атлантикот важи следново правило колку повеќе цилиндри во моторот толку подобро, а автомобилот да биде што поголем, погломазен. Таму имаат навика да прашаат колку цилиндри има твојот автомобил, а не каков автомобил возиш. Ако е реден со четири цилиндри, за нив тоа е за потсмев. Ако возиш „шестак“ или „осмак“ тогаш автомобилот е добар, односно супер, а 10 или 12 цилиндри, е тогаш автомобилот е супер луксузен. Така некако американската јавност ги класифицира автомобилите. Но времињата се менуваат и денес имаме сосема поинаков тек на работите.
Браќа близнаци Никита и Илја, канадски државјани, денес работат во едно мало место во Калифорнија. Нивното семејство од Украина се преселило на канадско тло кога тие имале три години. Таму го стекнале своето знаење за автомобилите, нивно конструирање и обликување. Потоа имаат работено во повеќе автомобилски компании, почнувајќи од Тојота и сѐ така до Кадилак и сите останати меѓу нив. Таму стекнуваат големо искуство кое подоцна го преточуваат во сопствената компанија Оилстеинлаб основана во 2019 год. Желбата да направат свој автомобил се остварува пред неколку години со прототипот „халф 11“. Денес близнаците кројат сериозен план за сосема нов автомобил. Работат напорно скоро четири години и веќе зад себе имаат над 3.500 работни часови и како што најавуваат, нивното супер купе наречено „хф 11“ следната година ќе стигне до првите сопственици. Да појасниме. Купе двосед со централно сместен 4,5 л боксер мотор со 650 КС при запрепастувачки 12.000 врт/мин. и погон на задна оска. Најинтересниот дел е то што „хф 11“ не тежи ни 1.000 кг, податок кој не е својствен за тамошните сфаќања за спортските автомобили. Таму се главни „масл кар“ со најмалку осум цилиндри во V и должина безмалку колку една класична „шевролет“ или „кадилак“ лимузина. Купето „хф 11“ е малку покусо од 4,4 м, повторно нешто што е надвор од сите правила за американско купе со еден куп коњски сили. Купето со само 907 кг крие уште едно изненадување, електричната изведба ќе биде тешка само 953 кг и ќе поседува дури 800 КС. Како близнаците успеале да направат толку лесно купе!? Нивни се идејата, планот и се друго, а производството на шасијата од јаглеродни влакна е доверено на Маркхам од Онтарио, компанија слична на надалеку познатата Мултиматик.
Планирано е да бидат произведени само 25 примероци, а цената за еден примерок е позната уште од сега, 1,85 милиони долари. Никита Бридан во една пригода изјавил, „не правиме најбрз автомобил, најскап, најубав, не трчаме по најмногу коњски сили и нема да уриваме рекорди. Единствено што сакаме е сопствениците да имаат насмевка на лицето при секое возење додека нивниот „хф 11“ ги изненадува со возните способности. Како нема да имаат насмевка на лицето кога супер купето има тежина како болид од формула 1, а скоро слично е и со силината.
Догодина некаде во доцна пролет ќе стасаат првите примероци до купувачите. Занимливо е тоа што Оилстеинлаб не наведува дали тие 25 примероци се веќе продадени или има некој што сѐ уште не е купен. И уште нешто, 11 од нив ќе бидат со пакет опрема наречена „манијак“. Што крие тој пакет ќе дознаеме наредната година.