И ДЕН ДЕНЕСКА, 131 ГОДИНА ОТКАКО СЕ ПОСТАВИЈА ТЕМЕЛИТЕ НА МРО, СПОМЕНОТ ЗА НЕЈЗИНИТЕ ОСНОВАЧИ, ШЕСТЕМИНА ИДЕОЛОЗИ, НЕ ГУБИ ОД СВОЈОТ ИНТЕНЗИТЕТ НИ МАЛКУ. ДАТУМИТЕ НА ИСТОРИСКИТЕ НАСТАНИ СЕ СВОЕВИДНИ БЕЛЕЖНИЦИ ЗА ТОА ШТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИ, А СЛЕДСТВЕНО И ШТО ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ, ДАВАЈЌИ ПОУКА. НИМ ГЕСЛО ИМ БЕШЕ СЛОБОДА ИЛИ СМРТ
Верна на неговиот спомен, Македонија го слави 23 Октомври. Денот на македонската револуционерна борба е прогласен за неработен во 2007-ма, со донесувањето на Законот за државни празници. Нацијата им оддава признание и на шестемина идеолози кои во 1893-та, понесени од желбата за слобода и независна држава, во станот на Христо Батанџиев (учител) во Солун се собрале за да ја основаат Македонската револуционерна организација како своевиден симбол на борбата за слобода, меѓу нив и Даме Груев (возвишен како апостол и волја на револуционерна Македонија) и Иван Хаџи Николов (книжар) и Петар Поп Арсов (филолог) и Христо Татарчев (доктор) и Андон Димитров (учител) – интелектуалци, образовани луѓе, сите до еден. Истовремено била договорена и програмата за дејствување (конспиративно), а подоцна бил донесен и основниот закон (уставот) на организацијата, било избрано и раководното тело (Централниот комитет со кој претседателствувал Христо Татарчев, додека секретар бил Даме Груев). Набрзо се раширила, создала мрежа на свои соработници. Имено, приклучувањето на јунаците од калибарот на Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев…, придонело да ја зацврсти и својата позиција, генерално. Ги понесувала националната идеологија, слободољубивиот дух. И покрај тоа што биле во рана младост, имале нешто повеќе од 20 години.
Во суштина, сите се стремеле кон исти цели – слобода и независна држава, но исклучиво со свои сопствени сили, без помош отстрана. Формирањето на МРО е всушност почеток на револуционерната борба за ослободување на македонскиот народ од ропството, потчинетоста, непријателската власт – се разбира, во континуитет: Илинденското востание (2 aвгуст 1903 година) и Крушевската Република, народноослободителната борба… До прогласувањето на самостојна, независна држава. Предизвиците се големи и ден-денеска, но Македонија ги избегнува политички сите провокации. Македонската револуционерна организација функционирала до 1908-ма.
Чествувањето на 23 Октомври е проследено со повеќе настани, се положуваат венци пред спомениците на револуционерите, а во Собранието се доделува и наградата за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Македонија, во износ од 10 просечни плати во последното тримесечје на годината. Овој пат лауреат е поетот Славе Димоски.
За многу години!