Претставуваме Brabus Rocket 900 „ONE OF TEN“-РАКЕТА НА 4 ТРКАЛА

21/01/2022

ДА НЕМА ДВОЈБИ, ИМЕТО ОТКРИВА. ЧУДОВИШТЕВО КАТАПУЛТИРА ОД МЕСТО ДО 100 KM/H ЗА 2,8 СЕКУНДИ, ДО 200 KM/H ЗА 9,7 СЕКУНДИ И ДО 300 KM/H ЗА 23,9 СЕКУНДИ. А, ЛИМИТИРАНИОТ МАКСИМУМ ОД 330 KM/H СТОИ САМО ЗА ДА СЕ СОЧУВААТ ГУМИТЕ

 

Brabus, префинетото тјунерско ателје од Ботроп кое 40 години ги доработува моделите на Mercedes-Benz по мера на истенчен вкус одлучи достоинствено да го прослави јубилејот. Создаде лимитирана серија од само десет примероци на својата новокреирана ракета на четири тркала BRABUS ROCKET 900 која во името добива наставка „ONE OF TEN”. За вредноста на оваа ограничена серија од десет примероци да биде поголема одлучија и читателите на највлијателниот магазин за мотоспорт во Германија: Auto Motor und Sport кои 15-ти пат по ред го изгласаа Brabus за најпопуларна тјунерска марка. Јасно е дека уметниците од Brabus одлично си ја завршиле работата и создале ексклузива која е спремна да попари со перформансите кои се плод на чудовишната моќност на прославениот V8  битурбо, погонот на четири тркала и фино дотераната шасија. Но, и да одушеви со благородната изведба на кабината и со видно нагласениот агресивен настап.

 

ЗАСТРАШУВАЧКИ СТАВ

Веднаш паѓа в очи дека ракетата на Brabus личи како да „бришка“ со 300 km/h дури и кога стои. Возбудливиот став на ова купе со четири врати кој застрашува доаѓа пред сè од модификуваните раширени страници потребни за под нив да се сместат огромните тркала со широки гуми. Тие му додаваат дополнителни 78 mm растегнувајќи ја вкупната широчина на 2.068 mm. Страниците се изработени од карбон-фибер, а од истиот лесен и цврст материјал се и предниот браник со интегриран спојлер, и задниот со интегриран дифузор. За поголема стабилност при високи брзини поставено е и повеќеделно задно крило исто од карбон-фибер. Овие модификации придонеле да нарасне и должината на ROCKET 900 на 5.066 mm. Секој од поставените елементи е внимателно дизајниран во воздушен тунел со што е подобрена аеродинамиката која директно влијае на перформансите на оваа ракета на четири тркала.

Свој удел имаат и масивните отвори за довод на воздух на предниот браник преку кои се лади моторот и сопирачките. Во страниците од маската се вметнати цевки од вшмукувачкиот тракт кои директно водат воздух до двата турбо полначи подобрувајќи го нивниот учинок со самото зголемување на брзината. Дека се водела прецизна сметка за аеродинамиката укажуваат дури и тркалата кои се покриени со аеродинамички дискови од гол лакиран карбон-фибер за да се подобри струењето на воздухот околу нив. Водењето сметка за аеродинамиката е една од причините за вртоглавите перформанси, но главниот виновник е биковски моќниот битурбо V8.

 

ПОВЕЌЕ ЗАФАТНИНА, ПОВЕЌЕ МОЌ

Нема замена за зафатнината. Под оваа позната девиза се воделе и инженерите во Brabus кога ја модификувале енерганата која се сокрива под хаубата на оваа ракета. Создаден врз база на четири децении тјунерско искуство овој V8 битурбо е нешто посебно. Зафатнината е зголемена од 4.0 на 4.5 литри со проширување на дијаметарот на цилиндрите на 84 mm и со зголемување на одот на коленестото вратило на 100 mm. Тое е изработено од полно парче метал на CNC машини и прецизно избалансирано. На него преку лесни клипни лостови изработени по иста постапка се врзани ковани клипови, па  со нив ја намалува инерциската маса во моторот што придонесува за полесно ловење на вртежи. Вака скроената основа носи високоперформансни турбо полначи развиени во Brabus. Тие имаат поголема компресорска комора која го зголемува притисокот на полнење на 1,4 бари. И снабдувањето со гориво е модификувано со специјални пумпи кои работат под висок притисок, а ремапирана е и управувачката електроника. За да се забрза струењето на издувните гасови поставен е спортски издув од не`рѓосувачки челик со отворен проток и активни клапни.

Сета оваа игра на инженерите од Ботроп дозволила моќноста да нарасне на чудовишни 900 КС при 6.200 min-1 со вртежен момент од 1.250 Nm при 2.900 min-1. За да се сочува погонот на четири тркала 4MATIC+ и спортскиот менувач со девет степени и можност за рачно менување SPEEDSHIFT MCT9, вртежниот момент е електронски ограничен на 1.050 Nm кои сè уште се доволни да го набрчкаат асфалтот под тркалата. Чудовишни се и перформансите. Катапултирањето од место до 100 km/h е за 2,8 s, до 200 km/h за 9,7 s и до 300 km/h за 23,9 s. Mаксимумот e лимитиран на 330 km/h за да се сочуваат гумите заради релативно големата тежина од 2.120 kg.

 

ВОЗИ КАКО НА МАЧКИНИ ШЕПИ

Благодарение на воздушното потпирање кое во Brabus го модификувале и го нарекле AIRMATIC SPORT овој колос вози како на мачкини шепи. Кога ќе се одбере модусот Comfort меко ги пегла нерамнините, но не на сметка на доброто држење за асфалтот. Веќе во модусот Sport кога автомобилот ќе се спушти за дополнителни 25 mm независното потпирање напред и назад во полна мера ги искажува своите квалитети на патека. Сепак, возењето не е брутално тврдо. За дополнително да се подобри тракцијата на одличниот погон на четири тркала подобреното потпирање е надополнето со новоразвиени бандажи од лесна легура кои се обуени во гуми на Pirelli. Овие Brabus Monoblock Z Platinum Edition бандажи се добиени со високотехнолошки процес на ковање кој дава лесна, а цврста конструкција. Нивната ексклузивност дополнително е нагласена со аеродинамички дискови од гол лакиран карбон-фибер. Обуени во гуми P Zero со димензии 295/30 ZR 21 на 10,5Јх21 напред и 335/25 ЗР 22 на 12Јх22 назад покрај тоа што нудат одлична тракција задолжени се и за акцентирање на спектакуларниот лик на ROCKET 900. Зад нив, пак, се сокриваат огромни карбон-керамички вентилирани и бушени дискови со димензии 402х39 mm и со фиксни клешти напред, и со димензии 360х32 mm и со пливачки клешти назад.

РЕМЕК ДЕЛО ОД ЕНТЕРИЕР

Посветеноста на детали, освен кај техниката, уметниците од Ботроп силно ја истакнуваат и при креирањето на внатрешноста која во Brabus носи своја заштитена значка MASTERPIЕCE или ремек дело. Неа ја креираат искусни врвни мајстори во срцето на мануфактурата на Brabus во Ботроп, според вкусот и желбите на клиентот. Доказ за потеклото на ентериерот е благородниот беџ на BARBUS MASTERPIECE поставен на потпирачите на седиштата. Кај овој прв примерок од серијата ROCKET 900 „ONE OF TEN” сивата боја на каросеријата се пресликува во внатрешноста преку сивите шевови и нагласените рабови на прошиениот шаблон во облик на ромбоид. Тие даваат префинет контраст со црната боја на кожата и на алкантарата, а се повторуваат и кај патосниците. Акцентирањето на спортскиот дух во кабината го дополнуваат елементите од гол лакиран карбон-фибер, лакиран алуминиум и не`рѓосувачки челик, додека амбиенталното осветлување го продлабочува уживањето во оваа благородна средина.

Секако уживањето во оваа ексклузива, посебно ако се знае дека серијата е ограничена на само десет примероци за цел свет, има и соодветна цена. BRABUS ROCKET 900 „ONE OF TEN” прикажан на овие фотографии чини 435.800 евра без давачки. Цената за останатите девет примероци ќе зависи од желбите на клиентите кои во Brabus со драго срце ќе ги исполнат.

 

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ