Некогашните успешни модели денес повторно влегуваат во производство. Таа е формулата со која Рено се раководи во период од 10 год. Најнапред добар план, а потоа тргнува со производство. Реноовата легендарна „петка“ на електричен погон влезе во производство и ја освои наградата Автомобил на годината за 2025. Не можеше да ја добие таа награда на времето во ХХ век, но затоа сега ја има во џеб. Дизајнот е тој истиот, односно сличен на некогашниот, а токму тоа го посакуваат љубителите на „петката“.
Еве им прилика повторно да си ја купат во ново пакување. Истата формула, истиот рецепт го применува и со „твингото“. Минатата година концептот имаше светска премиера на Салонот за автомобили во Париз, а годинава на саемот во Брисел кој секоја година се одржува во јануари, Рено повторно го претстави „твингото“, но сега за првпат ја претстави внатрешноста. Генерално сѐ што имаше во старото „твинго“ има и во новото, електричното, но и дизајнот е задржан, само што сега е малку подотеран, обновен, со нови материјали, со нови досетки и без излегување надвор од старата шема. Секако дека димензиите се малку поголеми, старото „твинго“ беше долго 3,6 м а електричното се очекува да биде некаде околу 4,0 м. Друга разлика е каросеријата со пет врати и двата екрани, едниот со инструменти пред возачот , а другиот централен повеќенаменски.
Задната клупа останала иста, односно по потреба оди нанапред или наназад, во зависност од тоа колку возачот има потреба од товарен простор или треба повеќе место за патниците – совршена досетка која ја имаше и во старото „твинго“. Според најавите, новото „твинго“ ќе се продава по цена под 20.000 евра. Можно е концептот „рено твинго е – тек“ да мине во сериско производство некаде кон крајот од годинава, така што ќе биде целосно подготвено за манифестацијата Автомобил на годината. Дали Рено ќе освои трета едно по друга титула, односно дали „твинго е – тек“ е добитната комбинација?