НОВИОТ MUSTANG MACH-E Е АВТОМОБИЛ КОЈ ВЛЕГУВА ПОД КОЖА КОЛКУ ПОВЕЌЕ ВРЕМЕ ПОМИНУВАТЕ СО НЕГО. ОДЛИЧНИОТ ИЗГЛЕД ВО КОМБИНАЦИЈА СО ИЗНЕНАДУВАЧКИ ДОБРОТО ВОЗАЧКО ИСКУСТВО И ПРЕЦИЗНИОТ ОПСЕГ ВО РЕАЛНОСТА ОБЕЗБЕДУВААТ МНОГУ ПОЗИТИВНИ КРИТИКИ. СВЕТОТ СЕ МЕНУВА, А СО НЕГО МОРА И ЛEГЕНДАТА, ПО СÈ ИЗГЛЕДА ДЕКА ПАТОТ ШТО ГО ТРАСИРА MACH-E, ВЕТУВА ВОЗБУДЛИВА ИДНИНА ЗА MUSTANG.
Електричните возила земаат сè поголем замав, а по она што може да го видиме, тие се тука за да останат. Овие случувања ги натераа производителите да бидат поинвентивни, да пронаоѓаат некои нови решенија, создаваат нови класи на возила, но и да се навратат на имињата од нивното славно минато. Прва компанија која се одважи да го искористи називот што е еден од најзначајните за марката е токму Ford, употребувајќи го можеби најславното име во својата историја, Mustang. Времињата навистина се менуваат и името Mustang сега е прикачено на електрично возило!
МАГНЕТ ЗА ПОГЛЕДИ
Одговорните во компанијата сметаат дека ако нешто е на доволна високо ниво да ги одведе во новиот правец и да ја исполни задачата на театрален начин, тоа со сигурност е Mustang. Најпрво, мора да се признае дека Ford во целост е на висина на задачата кога зборуваме за естетиката на Mustang Mach-E. Купувачите сакаат нивниот миленик да се издвојува од останатите, а Mustang Mach-E го прави тоа на извонредно добар начин. Новиот Mustang Mach-E во целост црпи инспирација од легендарниот модел, а тоа е највеќе забележливо на предната и задната страна од автомобилот. Фронталниот дел има доста агресивен пристап кој потсетува на „muscle car“ автомобил што е постигнато со долгиот поклопец и „лутите“ LED светлосни склопови.
Слично е и одзади, каде се користени стилски задни светла познати од минатото. Одговорните за изгледот на екстериерот употребиле мала дизајнерска итрина, Mustang Mach E совршено одговара на времето и простор во коe живее, тој не е конвенционален SUV. Напротив, кокетира со стиловите кои се атрактивни во моментов, создавајќи уникатна творба која е нешто помеѓу SUV/Crossover/Fastback, едноставно кажано, магнет за погледи без разлика каде и да се појави.
ВО ДУХОТ НА НОВОТО ВРЕМЕ
Дизајнерите на Ford естетски можеби го поврзаа купето и овој нов електричен SUV однадвор, но Mach E внатре е целосно современ и оригинален. Штом ќе влезете во кабината, ќе наидете на добро уреден и прецизно склопен ентериер. Ништо во кабината не потсетува на моделите кои марката ги има во понудата. Сè е креирано во стилот на новото време. Огромниот централен екран доминира со кабината. Неговата вертикална поставеност и димензија од 15,5 инчи командуваат со речиси сè, а има и големо физичко копче за подесување на звукот. Можеби на почеток системот се чини дека е малку препотентен, но како и со сè што е ново, за кратко се навикнувате на неговата функционалност. Доколку сте љубител на сопствена забава секогаш можете безжично да го поврзете својот паметен уред преку Android Auto и Apple. Вториот екран во кабината е наменет за возачот, тој има вертикална поставеност и димензија од 10,2 инчи, поставен е зад управувачот кој ги прикажува клучните информации.
Кога станува збор за комфорот, предните седишта се изразено удобни и поседуваат добра странична поддршка но, сепак, задниот дел е местото каде што Mach-E навистина импресионира. Обично слегувачката линија на покривот би го компромитирала простор на задната клупа, па затоа инженерите на марката играле паметно и задните седишта ги поставиле доволно ниско за да им овозможат и на лица со висина од 190 см. да седнат удобно во задниот дел. Складирањето и транспортот на багажот е организиран доста паметно. Имено, во стандардниот багажник има место за 402 литри, што не ни малку ни многу, а доколку ги соборите задните седишта тогаш добивате 1.420 литри транспортен простор, но на предниот дел каде што обично се наоѓа агрегатот, се крие уште еден багажник со капацитет од речиси 120 литри, тој има и еден иновативен елемент, а тоа е отвор за испуштање на течност, па така слободно можете да го наполните со мраз и да ги ладите омилените пијалаци.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ДВА ЕЛ.МОТОРИ |
МОЌНОСТ ЕЛ АГРЕГАТИ: |
351 КС (258 KW) ПРИ 0.0 ВРТ/МИН |
ЗАФАТНИНА НА БАТЕРИЈА: |
БРУТО:98,7 kWh ДОСТАПНО:88 kWh |
МЕНУВАЧ: | ДИРЕКТЕН МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА СИТЕ 4 ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: MULTILINK |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 225/55 R19, ПОЗАДИ 225/55 R19 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
2.182 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4.713Х1.881Х1.624 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
5.8 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
18.8 KWH/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
180 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
89.000 ЕВРА |
ИНСТАНТНА МОЌ
Погонската единица на Mustang Mach-E во случајот на нашиот тест автомобил вклучува пар електрични мотори, на секоја оска по еден, со вкупно 258 kW или 351 КС и влечна сила од 580 Nm. Енергијата доаѓа од пакетот батерии составен од 376 литиум-јонски ќелии. Ford очигледно е крајно конзервативен во поглед на батеријата, иако истата има вкупен капацитет од 98,7 kWh, а употреблив е капацитет од 88 kWh, Ford остава 10 kWh како залиха. Системот овозможува брзо полнење до 150 kW за што му се потребни 45 минути како би ја дополнил батеријата од 10% до 80%, на стандарден полнач од 11 kW за целосно полнење на батеријата ќе треба да почекате повеќе од 8 часа. Слободно може да кажеме дека Mustang Mach E е изненадувачки забавен автомобил. Иако поседува AWD, агрегатот со поголема сила е инсталиран позади, што значи дека моќта е главно насочена на задниот дел. Поради тоа наглото притискање на педалот за забрзување го прави „разигран“ и многу забавен, што носи насмевка на секој што ќе седне зад управувачот.
Во поглед на перформансите, 2.2 тона тешкиот автомобил забрзува до 100 км/ч за само 5,8 секунди, додека дигиталниот мерач на брзина вели дека 180 км/ч е максималното ограничување. Декларираните 540 километри со полна батерија се измерени во идеални услови, во реалност опсегот на движење најмногу зависи од „тежината“ на десното стапало. Во нашиот случај просечно трошевме 20,6 kW на 100 километри, што значи дека дистанца од 440-450 километри со едно полнење не претставуваат никаков проблем. Mustang Mach-E нуди три начини на возење: Engage, Whisper и Untamed. Секој мод има задача да го прилагоди управувањето, одговорот на педалот за забрзувањето, забавувањето, контролата на стабилноста и ефикасноста на батерискиот систем. Ако некогаш сте возеле електричен автомобил, знаете какво e задоволството кога ел. мотор го испорачува вртежниот момент инстантно. На тесни, кривулести планински патишта, Mustang Mach-E се покажа дека е повеќе крстосувач, на кој природно му одговараат долги рути и поблаги свиоци како би го искажал својот талент во комфорен стил.
Компанијата Ford со моделот Mustang Mach-E прави одлична работа внесувајќи го „брендот“ Mustang во овој нов, електрифициран свет. Носталгичарите ќе останат загрижени, но работите се менуваат со исклучително брзо темпо, а Mustang Mach-E во голема мера ја претставува иднината, не само на компанијата туку и на целата авто индустрија, без разлика дали тоа ви се допаѓа или не.