Peugeot 3008 GT Pack Hybrid4 300 AWD e-EAT8-ДОПОЛНИТЕЛНА БУСТЕР ДОЗА

28/12/2021

БЕЗПОШТЕДНАТА БОРБА КОЈА СÈ ПОВЕЌЕ СЕ РАЗГОРУВА ВО АВТОМОБИЛСКИОТ СВЕТ НЕ ДОЗВОЛУВА ДОЦНЕЊЕ, ОСОБЕНО КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА НОВИ И НАПРЕДНИ ТЕХНОЛОГИИ ВО ПОЛЕТО НА ЕЛЕКТРИФИКАЦИЈАТА. ВО PEUGEOT ТОА ГО СФАЌААТ ДОСТА СЕРИОЗНО, ЗАТОА НА СВОЈОТ ИСКЛУЧИТЕЛНО ПОПУЛАРЕН МОДЕЛ ПОКРАЈ ЕСТЕТСКИТЕ ПОДОБРУВАЊА ОТСЕГА МУ ВГРАДУВААТ И ХИБРИДНО „СРЦЕ“ СО КОЕ САКААТ 3008 ДА СЕ ИСТАКНЕ ВО ОПКРУЖУВАЊЕТО КАКО SUV ШТО ЈА ПОДИГА ЛЕТВИЧКАТА ЗА СТЕПЕН ПОВИСОКО

 

Со фејслифт на актуелната генерација на моделот 3008, компанијата Peugeot го збогати опсегот и со две електрифицирани изведби кои претходно не можеа да се добијат во понудата на моделот. Ние имавме прилика да поминеме неколку дена со Peugeot 3008 GT Pack Hybrid4 300 AWD e-EAT8, верзијата со која е поставен највисоко на скалата во понудата.

ВИСТИНСКА ПЕРЈАНИЦА

Примерокот кој ни беше отстапен на неколкудневно дружење претставува вистинска перјаница во гамата на SUV модели од француската марка, т.е. моделот 3008 GT Pack Hybrid4 300 AWD e-EAT8. Но, што тоа конкретно значи во пракса? Во оваа прилика нема да се задржуваме на надворешниот дизајн, бидејќи ретко кој ќе може да го разликува од конвенционалните модели (французите играат на картата, електрифицираните модели да поседуваат идентичен изглед со нивните ICE верзии), и да даде било каква замерка на стајлингот. Истото важи и за внатрешноста која од техничка гледна точка има добиено дополнувања поврзани за управување со модовите на работа и приказот на екранот пред возачот. Остатокот од внатрешноста е збогатен со врвни материјали од најфина „штепувана“ црвена кожа и дрвени елементи како и голем панорамски кров. Од таа причина ќе се фокусираме на она што не може да се види со голо око и е скриено длабоко под каросериските облини.

ВРВНО ДОСТИГНУВАЊЕ

Основата ја сочинува 1.6 литарскиот турбо PureTech бензинец што испорачува завидно ниво на моќ, еднакво на 200 КС. Тука се и електро моторите, оној на предната осовина располага со 108 КС (81 kW), а вториот што ги движи задните тркала има моќност од 111 КС (83 kW). Иако на прва бројката изгледа далеку поголема, сложена математичка пресметка производителот декларира вкупна излезна моќ еднаква на 300 КС, што секако е повеќе од доволно. Изборот како ќе се користи расположливата енергија е оставена на возачот, понудени се четири модови на работа, hybrid се вклучува како „дифолт“ при стартување на возилото, потоа electric начинот на возење во кој тотално е анулирана употребата на бензинскиот агрегат, преку sport опцијата се истиснува максималната сила од сите три мотори и 4×4 режимот кој акцентот го става на теренските способности преку паметно вклучување на задниот електро мотор и начин на испорака на неговата сила.

СЕКОГАШ ПОДГОТВЕН НА СÈ

На почетокот се обидовме да возиме само на електро погон, според декларираниот опсег со полна батерија може да се изминат максимални 59 километри, во реални услови на температури кои беа 10-на степени над 0-та, батеријата од 13,2 kWh jа испразнивме во целост после поминати 44 километри. Од друга страна, пак, значи дека дневните обврски низ град може да завршите без воопшто да користите фосилно гориво. Полнењето зависи од моќноста за трансфер на ел. енергија на полначот кој се користи, така што дополнување на празната батерија може да трае од максимални 6 часа и 30 минути до минимални 100 минути. Со второто полнење стартувавме во хибридниот режим кој на хибридниот 3008 му остава можност да одлучува сам дали да користи електрична енергија, или да го користи бензинскиот мотор, или, пак, да ги комбинира и двете.

Исто така, понудена е функција „e-SAVE“ која му овозможува на возачот да го сочува остатокот на електрична енергија за да ја користи по желба за време на неговото патување. Оваа одлика е особено корисна кога ќе влезете во урбана област. А, фактот што имате електричен мотор прикачен на задната осовина значи дека добивате и соодветен погон на четирите тркала кој е секогаш добредојден вон асфалтниот терен.

За крај остана да го испробаме и спортскиот режим на работа со кој речиси 1.9 тони тешкиот 3008 се претвора во „ѕвер“ на патот. Забрзува до 100 км/ч за 5.9 секунди и незапирливо галопира кон законските ограничувања на брзината, во овој случај се користат сите расположливи средства да се постигне посакуваното, затоа и батеријата се троши побргу, а потрошувачката на гориво се искачува далеку повеќе од декларираното. Она што секако оди во прилог е дека доколку 3008 се користи на вообича- ен начин во хибриден мод на работа може да испорача потрошувачка која во просек се движи околу 4,5 литри на секои 100 изми- нати километри, како што пишуваше на патниот компјутер кога го вративме вози- лото.

Француската марка во последните неколку години активно работи на електрификација на својата гама. Дел од моделите добија целосно електрични верзии, а останатите, како што е и случај со 3008 ја дополнија понудата со приклучни хибриди, потег кој наиде на одличен одзив и поддршка од страна на купувачите. Правецот по кој во моментов е насочен Peugeot го лансира брендот во самиот врв како една од водечките автомобилски компании кои се најактивни на темата транзиција, што јасно покажува дека лавот во иднина сè повеќе ќе се „храни“ со електрична енергија отколку со фосилно гориво.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН БЕНЗИНЕЦ
ЗАФАТНИНА: 1598 СМ3
МОЌНОСТ: Максимална моќ:
147kW/200КС(бензински мотор) +
81kW/108КС(ел.мотор-напред) +
83kW/111КС(ел.мотор-назад)
Вкупно: 300 КС
МЕНУВАЧ: 8 СТЕПЕНА АВТОМАТСКА
ТРАНСМИСИЈ
ПОГОН: НА СИТЕ ЧЕТИРИ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: НЕЗАВИСНО ПОТПИРАЊЕ
СО ДВОЈНИ НОСАЧИ
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД205/55 R19,
ПОЗАДИ 205/55 R1
МАСА НА ВОЗИЛОТО: 1.840 КГ
ДИМЕНЗИИ;Д/Ш/В: 4.447/1.841/1.624ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: 5.9 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: 1.7 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: 235 КМ/Ч
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: 69.820 ЕВР

 

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ