Aston Martin DBX-SUV СО ДУША НА СПОРТИСТ

25/12/2019

DBX, ПРВИОТ SUV НА ASTON MARTIN, ЛЕГЕНДАРНАТА БРИТАНСКА МАРКА ПОЗНАТА ПО ОДГЛЕДУВАЊЕТО НА ЧИСТОКРВНИ СПОРТСКИ АВТОМОБИЛИ, ПРЕТСТАВУВА ПРЕСВРТНИЦА ВО НЕЈЗИНАТА 106. ГОДИШНА ИСТОРИЈА ПРОТКАЕНА СО СЛАВА И ВЕЛИЧЕСТВЕНОСТ.

 

Со нетрпение очекуван, и долго најавуваниот, првиот SUV на Aston Martin, моделот DBX, пристигнува на сцена во полно светло. Создаден за да парира на чистокрвните спортски автомобили DBX е единствениот SUV на пазарот кој може да понуди зголемена проодност и практичност спарени со возна динамика која турка од нога и мами неизмерна насмевка на лицето на возачот.

Бескрајно возбудлив овој прекрасен спортски теренец e тука за да дозволи откривање на нови територии и за да ги поместува границите не само на гордите сопственици, туку и на сопствената марка чија 106. годишна историја е проткаена со слава и величствени моменти кои засекогаш остануваат забележани во аналите на автомобилската индустријa.

ЕЛЕГАНЦИЈА ОНАМУ КАДЕ ШТО НЕ СЕ ОЧЕКУВА

Секторот на SUV без оглед на класите не е место каде што се очекува елеганција при дизајнот на моделите. Тоа е очекувано со оглед дека се работи за сегмент каде на цена е робусноста и мускулестиот настап. Но, во Aston Martin гледаат сосем поинаку врз целата ситуација. Затоа дизајнерскиот тим предводен од Марек Рајхман во DBX вметнува дизајнерски елементи и од модерните, и од историските модели на Aston Martin сé со цел да се исполнат општите критериуми за убавина. Мазното тело добиено со поставување врати без рамки за стаклата да делуваат како да се излеани во едно парче е надополнето со препознатливата впечатлива муцка која влева страв кога ќе се здогледа во ретровизор откривајќи го наследството на Aston Martin.

Подеднакво впечатливо делува и задникот со две издувни цевки, препознатливите светла карактеристични за марката и издигнатиот спојлер слеан со задната врата кој недвојбено потсетува на легендата меѓу супер спортските автомобили моделот Vantage.

ПРАКТИЧЕН БЛАГОРОДНИК

Исполнувањето на општите критериуми за убавина Aston Martin ги повторува и во внатрешноста. Соодветно на намената DBX нуди нота на практичен благородник. Создаден е од внатре кон надвор за да се постигне ниво на просторност и комфор кое ја надминува конкуренцијата. Опточена со кожа кабината го следи дизајнерскиот стил на Aston Martin и го подигнува на повисоко рамниште со досетки како што се користење на Алкантара за таванот и за ролетната од стаклениот кров, што е првпат во автомобилската индустрија. Багажникот мери сериозни 623 литри, има рамни страници и опција за спуштање на автомобилот со притискање на копче за да се олесни товарењето.

Згора на располагање се патни торби и практични џебови во форма на дисаѓи од високо квалитетна кожа кои одговараат со стилот на Aston Martin. Централната конзола во облик на мост и мноштвото отвори за одложување дребулии го олеснуваат секојдневието во DBX.

ВРТОГЛАВИ ПЕРФОРМАНСИ

Срцето на Aston Martin DBX го сочинува веќе прославениот 4.0 литарски V8 твин-турбо кој влече корени од Mercedes-AMG, а е познат од суперспортистите Vantage и DB11. Но, за во DBX нештата кај овој „осмак” се смениле за да се извлече моќност соодветна на големината, и на претставата на овој SUV. Поставени се поголеми турбо полначи, сменет е степенот на компресија, двата интеркулери имаат поголем проток за да обезбедат подобро хранење со ладен воздух, а сменет е и редот на палење на цилиндрите за да се добие поспецифична звучна кулиса која е посоодветна за вокалниот карактер на еден спортски теренец. Вака дотеран моторот испорачува брутални 550 КС при 6.500 min-1 и мрсен вртежен момент од 700 Nm кои стојат на располагање меѓу 2.200 и 5.000 min-1. Сето ова е доволно за вртоглави перформанси кои ветуваат катапултирање од место до 100 km/h за 4,5 сек. и максимални 291 km/h. Згора овој V8 ослободува доволно моќ за да влече приколка од 2.700 kg кои доаѓаат како плус на тежината на DBX од 2.245 kg. Вкупно станува збор за сериозна тежина од преку 5.000 kg заедно со полн резервоар, патници и нивниот багаж.

ЗВУК ШТО ПАРА УШИ

Со менување на редот на палење на цилиндрите вокалниот карактер на овој V8 со брутална моќ е сменет од корен. Затоа звучната кулиса на DBX наежува уште од ниски вртежи. Моќникот баботи со многу чисти тонови кога работи во место, за продорноста да се зголемува во средниот број на вртежи, и за при високи вртежи да се претвори во вистинско крешендо кое наежува, и во кое се препознава звучниот потпис на Aston Martin. Активните вентили на издувот го менуваат звукот зависно од избраниот модус на работа, а промената јасно се забележува бидејќи се менува и бројот на вртежи.

Имено, во модусот GT моторот работи на 650 min-1, додека во модусот Sport+ работата во место се подигнува на 800 min-1 со што се додава дополнителна нота на агресивност. Системот дозволува возачот да си поигрува со звукот дури и при стартувањето на моторот. Доколку го притисне на кусо стакленото копче Start/Stop, DBX го наградува со препознатливо брборење на полн глас. Но, доколку е потребно тивко стартување како наутро за да не се разбуди комшилукот тогаш копчето Start/Stop подолго се држи притиснато.

ВОЗНА ДИНАМИКА НА СПОРТИСТ

Основата за врвната возна динамика на DBX е неговата конструкција од лепени алуминиумски панели, технологија која Aston Martin ја користи кај спортистите. На овој начин се добива екстремно ригидна, а лесна каросерија. Ригидноста е основа за да може подвозјето соодветно да работи притоа користејќи ги продобивките на современата техника. Воздушното потпирање го водат двојни напречни водилки напред и задна оска мултилинк. Тоа дозволува да се менува висината во три нивоа.

Покрај основното ниво тука е можноста да се подигне за 45 mm, или да се спушти за 50 mm. Дигнато до крај го подобрува аголот на пристап од 22,2 на 25,7 степени, аголот на напуштање од 24,3 на 27,1 степен и аголот на прекршување од 15,1 на 18,8 степени што е пресудно кога DBX ќе се изнесе на терен. Контролата над потпирањето ја презема новиот систем eARC кој работи на напон од 48 волти со што се зголемува брзината на реакција, а со неа и возната динамика. Имено, системот обезбедува сила од 1400 Nm по оска која се спротиставува на навалувањето. На овој начин DBX скоро и да не се навалува во свијок и затоа неговата возна динамика е поблиска до спортски автомобил отколку до SUV. Кон ова се приклучува и управувањето со брз одзив кое реагира како мисла дури и на најмало свртување на волан, кој бара само 2,6 свртувања од крај до крај.

Преносниот систем е комплементарен со напредното подвозје. Вртежниот момент од моторот преку деветстепен автоматик, активен централен диференцијал и заден диференцијал со контролирано пролизгување се испраќа кон сите четири тркала. Преносот на вртежен момент варира меѓу 47% предна – 53% задна оска, до 100 % на задна оска доколку е потребно. Понатаму вртежниот момент испратен до задната оска се распределува варијабилно меѓу тркалата за подобра тракција зависно од условите на возење. Независно од активните диференцијали варијабилната распределба на вртежниот момент оди и преку сопирачките за што е заслужен масивен сопирачки апарат од вентилирани и жлебени дискови од 410х38 mm напред и 390х32 mm назад. Благодарение на нив сопирачките перформанси на DBX се на ниво на моќниот Aston Martin DBS Superleggera.

Затоа вредностите на страничното забрзување се граничат со неверојатно за еден SUV. Перформансите кои DBX ги остварува на пат и на патека ги поместуваат границите до ниво за кое се поставува прашањето дали е возможно. Во Aston Martin истакнуваат дека DBX вози рамо, до рамо со нивните спортски модели и ги надминува очекувањата на еден SUV. Да се направи толку убав, рачно изработен и технолошки напреден автомобил повлекува и соодветна цена која почнува од околу 200.000 европски банкноти.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ