АВТО-МОТО-Претставуваме ASTON MARTIN VALOUR-110 ГОДИНИ АВТОМОБИЛСКИ СПЕКТАКЛ

22/11/2023

VALOUR E НАЈДОБРОТО ОД ASTON MARTIN, И ОД МИНАТОТО И ОД СЕГАШНОСТА, И ПРЕТСТАВУВА ПРОТИВОТРОВ ЗА ИДЕЈАТА ДА СЕ СОЗДАВААТ АВТОМОБИЛИ КОИ СЕ ТРУДАТ ДА ГО ИЗОЛИРААТ ВОЗАЧОТ ОД ВОЗЕЊЕТО

 

Да се знае како да се прослават 110 години постоење е умешност со која владеат оние што важат за посебни. Во оваа ретка група гордо стои името на легендарната британска марка Aston Martin, за која без двоумење може да се заклучи дека гравитира кон врвот. Доказ за умешноста на Aston Martin во создавање на автомобилска ексклузивност е славеничкиот модел Valour чија продукција во чест на прославата ќе биде ограничена. Зад името Vаlour се сокрива ретка ѕверка преку која во Aston Martin на достоен начин оддаваат почит на едно славно минато поткрепено од долгата традиција на создавање на безвременски модели, по кои сè уште се копнее како да се во цутот на младоста.

БРИТАНСКА ИКОНА

Годинава навршуваат 110 години од поставувањето на партнерство меѓу британскиот бизнисмен Лајонел Мартин и инженерот Роберт Бемфорд. Партнерство резултирало во создавање на компанијата Aston Martin Lagonda од коja произлегол првиот модел на Aston Martin и иницирал повеќе од еден век автомобилска спектакуларност поткрепена од иновации и тркачки успеси. Името Aston Martin почнува да се врзува со ексклузивни спортски автомобили во текот на 1950-те и 1960-те години кои се појавуваат откако во 1947 година компанијата ја презема британскиот индустријалец Дејвид Браун. Славата започнува кога се појавува серијата на Гран-тур модели под ознаката DB која доаѓа од иницијалите на сопственикот и сè уште се користи. Прв на сцена стапува моделот DB4, а потоа неговата подобрена варијанта DB5 која се појавува на филмското платно во 1964 години во филмот за измислениот шпион Џејмс Бонд насловен како „Goldfinger”. Управуван од актерот Шон Конери, Aston Martin DB5 преку ноќ станува статусен симбол. Оттогаш, спортските автомобили на Aston Martin се сметат за британска културна икона. Токму на врвот од оваа јагма која владее по Aston Martin застанува славеничкиот модел Valour.

ИНСПИРИРАН ОД БОГАТО НАСЛЕДСТВО

Aston Martin Valour е автомобил чија лоза влече длабоки корени врзани за низа модели од минатото. Тежнее да стане модерна икона која го спојува класичниот карактер со современи линии. Инспириран е од дизајнот на оригиналниот V8 Vantage од 1977 година, од неговата тркачка варијанта RHAM/1 „Muncher” создадена за трките на издржливост на Ле Ман, и од V600 Vantage од 1998 годинa чиј V8 благодарение на двата механички компресори туркаше 600 КС и во тоа време важеше за најмоќниот сериски автомобил на светот. Valour е едно современо ремек-дело со беспрекорен дизајн и изведба кои потсетуваат на ексклузивниот One-77. Од друга страна, исклучително возачки ориентираниот карактер го врзува со уникатниот модел Victor изграден врз монокок од карбон-фибер на One-77, но со рачен менувач и 836 КС извлечени од атмосферскиот 7.3 литарски V12. Valour, пак, е изграден врз просторната алуминиумска шасија од модерниот V12 Vantage, но со дополнителни зајакнувања за поголема торзиска цврстина и со 5.2 литарскиот битурбо V12, исто така, спарен со рачен менувач.

НЕЗАУЗДАНА МОЌ

Техниката со која е наполнет Valour сама по себе го буди возачкиот апетит. Посебно кога ќе се разбере дека моќноста на моторот V12 од 5.2 литри е подигната на 715 КС, а вртежниот момент на 753 Nm, и за првпат е спарен со шест-степен мануелен менувач. Со мотор поставен напред-централно во шасијата, рачен менувач и погон на задна оска Velour ги ужива сите предиспозиции да стане пантеон на најдобрите возачки настроени автомобили на сите времиња. Влечејќи корист од единствената калибрација на моторот и менувачот, масивната моќност на Valour е незауздана, и му нуди на возачот полна снага и потполна контрола во секој степен на пренос. Механичкиот диференцијал со ограничено пролизгување го подобрува чувството за директна врска меѓу автомобилот и возачот. Секако, задолжена за зголемена безбедност контролата на тракција и стабилност доаѓа на помош, но само кога сите средства се исцрпени.

Високата возна динамика доаѓа од специјално сетираното активно потпирање со адаптибилни амортизери. Пружините и стабилизаторите се посебно скроени само за Velour. Целосно е модификувана и геометријата на тркалата која обезбедува попрецизно водење низ свијоци и подобрена рафинираност при впивање на ударите. Новото управување на кое е посветено многу време за калибрација му овозможува на возачот прецизна контрола и директна врска со предните тркала, како и мисловно брз одзив и на најмало свртување на волан.

Благодарение на стандардните карбон-керамички дискови Valour има и повеќе од доволно голема сопирачка моќ. Напред работат вентилирачки и бушени дискови од 410 x 38 mm кои ги зафаќаат шест-клипни сопирачки клешти. Одзади дисковите имаат димензија 360 x 23 mm и четири-клипни клешти. Сопирачките имаат стабилна сопирачка сила дури и на патека кога температурите на загревање достигнуваат и до 800°С. Така му нудат на возачот да го истражува целосниот потенцијал на Valour со прецизна контрола и максимална доверба.

Прекрасно дизајнираните бандажи од лесен метал кои наликуваат на пчелино саќе и се изработени со постапка на ковање. Обуени се во последната генерација на AML спецификацијата на гумите на Michelin, Pilot Sport S 5, со димензии 275/35 R21 напред и 325/30 R21 назад.

УНИКАТНО УРЕДУВАЊЕ

Кабината на Velour е приказна за себе. Во неа подеднакво е претставена прославата на 110 годишнината преку комбинации кои ги определува тимот на дизајнери на Aston Martin, но може по свој терк да ја уреди и купувачот. На пример, традиционалниот британски волнен твид инспириран од покривките на седиштата од победникот на Ле Ман DBR1 од 1959 година совршено е вклопен во тркачките школки од лакиран карбон-фибер. Вклопен со лакираниот алуминиум на вратите и на централниот гребен лакираниот карбон фибер дополнително ја нагласува ексклузивноста на ентериерот. Ексклузивен може да биде и екстериерот. Каросеријата на Valour е поделена во четири сегменти: предница, хауба, страници и задник. Купувачот може да избере од огромната лепеза на рачно извлечени обоени линии и графички дизајн кои можат да бидат додадени на една од 21 специфично измешани бои. Купувачот што ќе побара дополнително персонализирање ќе биде префрлен во одделот Q чија дејност е токму персонализирање на моделите на Aston Martin. Во чест на 110 годишнината од основањето на марката Valour ќе биде произведен во ограничена серија од 110 примероци. Целата продукција е веќе распродадена. Цената иако од Aston Martin не ја објавуваат се проценува на вредност од преку 1 милион фунти.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ