Citroen C5 X Plug-in Hybrid 225 S&S e-EAT8 SHINE-ВРАЌАЊЕ НА ПРЕПОЗНАТЛИВИТЕ ВРЕДНОСТИ

26/12/2022

МОДЕЛОТ C5 X Е ВПЕЧАТЛИВА КРЕАЦИЈА, ПОЛНА СО СВЕЖ ДИЗАЈНЕРСКИ ПРИСТАП ПРЕКУ КОЈ CITROEN ПОВТОРНО СЕ ОСМЕЛИ ДА ГИ ПОМЕСТИ ГРАНИЦИТЕ И НАМЕСТО СÈ ПОПРИСУТНИОТ АТЛЕТИЗАМ И СПОРТСКА ДИНАМИКА, ДА ГО ПОНУДИ ОНА ШТО НАЈДОБРО ЗНАЕ ДА ГО НАПРАВИ… ВРВЕН КОМФОР

 

Откако француската марка го пензионираше најголемиот автомобил во гамата, моделот С5, јасно порача дека класичната седан и караванска изведба се дел од минато. Времето на автомобили што поседуваат повеќе од препознатливиот карактер на компанијата се враќа во полн сјај. Креирањето добива максимална слобода, затоа „двојниот шеврон“ во рамките на групацијата е брендот кој на авангарден начин ќе ги создава автомобилите во иднина, строго по свое видување. Офанзивата започнува со максимален шарм но, овој пат, тој не е во облик на традиционален седан, туку нешто сосема поинакво.

КОМПЛЕТНО РАЗЛИЧНО

При првата средба со моделот C5 X непогрешливо може да се каже дека е производ кој доаѓа од дизајнерската школа на Citreon. Новиот C5 X е мешавина од вкусови… па така по рецептот на врвните француски кулинарски мајстори додаден е малку седан, неколку лажички SUV и напрсток од караван, за да се добие нешто што е комплетно изненадувачки и различно од сè останато на пазарот. Стилот на предниот дел еволуира од изгледот што марката го примени на кросоверот C4, а дневните светла во форма на V се продолжение на хромираната решетка, која самата е формирана од двојниот шеврон мотив. Креативната употреба на карактеристичното лого е забележливо низ целиот автомобил. На профилот се издвојуваат големите лакови на тркалата, кои се малку проширени одзади, што е типична карактеристика за SUV возилата. Со должина нешто повеќе од 4,8 метри и пропорции кои го прават уникатен, C5 Х е еден од дизајнерски највозбудливите автомобили со кои сме имале прилика да се дружиме во тековната година. На задниот дел, големиот спојлер под малото задно стакло е детаљ што не се пропушта, тука автомобилот прави чуда со вашата перцепцијa. Севкупно гледано слободно може да се каже дека C5 X на најдобар можен начин ја враќа ексцентричноста на Citroen, без да ги премине границите на вкусното однесување.

НЕСЕКОЈДНЕВНО НИВО НА КОМФОР

Формата и функцијата се во еднаква понуда кај C5 X, тоа најдобро го покажуваат предните седишта каде приоритетот е ставен на удобноста. Со својата великодушна големина, обложени со слој од 15 мм мемориска пена, комфорот е налик на престој во дневна соба. Ниту патниците во задниот дел не се изоставени, бидејќи и тие добиваат несекојдневно ниво на комфор. Просторот над главата е достапен и за лица со висина од 2 метра, а она што воодушевува е местото за нозете кое е добиено благодарение на долгото меѓуоскино растојание на автомобилот. Капацитетот на багажникот кај хибридниот модел е за нијанса помал и изнесува просечни 485 литри. Но затоа, пак, надоместува со широкиот отвор и практичната висина која му овозможуваат складирање на габаритни предмети. Употребените материјали и завршната обработка во кабинскиот простор се истакнуваат со изразен квалитет и одличен финиш. Во поглед на дигитализацијата С5 Х го следи трендот што владее со автомобилската индустрија во поново време. Пред возачот е поставен мултифункционален дисплеј со сите потребни информации, а во тестираниот примерок „хед-ап дисплејот“ репродуцира слика на ветробранското стакло кој според потребите може да ја прикаже навигацијата, информации за автомобилот или други податоци поврзани со возењето. Екранот задолжен за мултимедијата е поставен високо на контролната табла, истиот го користи најновиот софтвер на Citroen кој е сличен на она што би очекувале да го најдете на паметен телефон. Не радува и фактот дека има хардверски копчиња за брз пристап, како и копче за контрола на гласот. Вообичаените функции за пресликување на паметни телефони со оперативните системи на Android и Apple се, исто така, присутни заедно со опцијата за безжично полнење.

ИДЕАЛЕН ЗА УРБАНА СРЕДИНА

Моделот кој ни беше отстапен на неколку дневно дружење ја поседуваше најмоќната агрегатска комбинација во понудата. Станува збор за 1.6 литарскиот турбо бензински агрегат со моќност од 180 КС кој работи во спрега со електро мотор што произведува 110 КС за вкупна моќност од 225 КС. Бензинецот има 300 Нм, а електромоторот поседува 320 Нм што прави заедничката влечна сила да изнесува 360 Нм. Хибридниот погон силата ја испраќа на предната осовина ексклузивно преку добро одмерената 8 степена автоматска трансмисија која му овозможува на С5 Х да достигне од 0 до 100 км/ч за 7,9 секунди, додека стрелката на брзиномерот своето патешествие го завршува на максимални 225 километри на час. Кај C5 X постојат четири режими на возење: Sport, Comfort, Hybrid и Electric.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН
ТУРБОБЕНЗИНЕЦ
ЗАФАТНИНА: 1.598 СМ3
МОЌНОСТ НА
БЕНЗИНСКИ
АГРЕГАТ:
180 КС (133kW)
При 6.000 врт/мин.
МОЌНОСТ НА
ЕЛЕКТРОМОТОР :
110 КС (81KW)
МОЌНОСТ НА
ХИБРИДЕН
СИСТЕМ:
225 КС (165KW)
МЕНУВАЧ: 8 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД:MCPHERSON
ПОЗАДИ: MULTILINK
ГУМИ: НАПРЕД 205/55 R19
ПОЗАДИ 205/55 R19
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
КГ 2.185 КГ
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В
4.805 X 1.859 X 1.485 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
7,9 СЕКУНДИ
ДЕКЛАРИРАНА
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
1,4 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
225 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ:
53.940 ЕВРА

Спортскиот режим ја дава целата моќ на располагање, но за нас тоа почнува да ја поткопува вистинската намера на автомобилот, што е удобноста. При тестирањето, го користиме електричниот режим колку што е можно повеќе, а тој не одонесе до 45 километри во градски услови на користење. Кога ја испразнивме батеријата, префрливме во Comfort режимот кој е максимално суптилен во испораката на сила, додека опцијата Hybrid незабележливо го комбинира моторот со внатрешно согорување и електроните кои доаѓаат од батерискиот систем со зафатнина од 12,4 kWh. Во суштина Plug-in автомобилите се одлична опција за секојдневна употреба во урбаните средини, затоа што без да потрошите ниту еден милилитар гориво можете да ги извршите сите дневни пропатувања низ градските гужвите, додека на отворен пат главната улога му припаѓа на бензинскиот агрегат кој патем ќе троши помалку од 8 литри на секои 100 изминати километри кога работи самостојно или во хибриден режим под 4 литри. Во време кога сите производители тежнеат кон спортското, Citroen се потрпира на страната на удобното возење и не се обидува тоа да го затскрие на ниту еден начин.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ