Претставуваме BRABUS 900 ROCKET R ”1 OF 25”-НЕМИЛОСРДНА ПОТРАГА ПО ПЕРФЕКЦИЈА  

12/07/2023

ОТВОРАЊЕТО НА НОВО ПОГЛАВЈЕ ВО ИСТОРИЈАТА НА BRABUS ЗАПОЧНУВА СО БЕСНОТИЛАК НА ОСНОВА НА PORSCHE 911 TURBO S СПОСОБЕН ДА КАТАПУЛТИРА ОД МЕСТО ДО 100 KM/H ЗА 2,5 СЕКУНДИ И ДО 200 KM/H ЗА 7,2 СЕКУНДИ

 

Brabus, престижното тјунерско ателје од Ботроп, своето реноме го изгради благодарение на бесните креации поставени врз основата на моделите на Mercedes-Benz изработени до перфекција и набиени со неверојатна моќност. Едно од најпрепознатливите наследства на Brabus е линијата на модели наречена Rocket која обединува суперспортски перформанси завиткани во префинет луксуз. Последниот изданок на оваа тема моделот 900 Rocket „One of Ten“ поставен на основата на Mercedes-Benz CLS GT 63 S беше претставен минатата година во чест на јубилејот 40 години од основањето на Brabus, а за кого веќе стана збор на овие страници. Меѓутоа годинава Brabus одлучи да го шокира светот и ознаката Rocket да ја постави на модел од Porsche. Со овој потег Brabus отвора ново поглавје во својата историја и се свртува кон производителот од Цуфенхаузен. Секако тоа не значи дека ја напушта соработката со својот децениски партнер, туку само ја проширува понудата во својата немилосрдна потрага по перфекција.

Најновата креација е поставена на платформата на Porsche 911 Turbo S спремна да понуди ултимативно возачко искуство преку воодушевувачко чувство на сирова моќ завиткана во неповторлив стил на една уметничка креација.

ЗАСТРАШУВАЧКИ НАСТАП

Како и претходната ракета од Ботроп и оваа личи како да беснее со 300 km/h дури и кога стои. Уште при прва средба со новиот Brabus 900 Rocket R ”1 of 25” организмот почнува да лачи адреналин подготвувајќи се за искуството кое го очекува. Застрашувачкиот настап е плод на внимателно дотераниот дизајн и силно нагласена ширина на каросеријата со додатоците на Brabus кои доаѓаат од препознатливата линија Widestar комплетно изработена од карбон-фибер. Приказната почнува од напред, со комплетно нов браник во кого е вметнат нагласен спојлер со застрашувачки голем отвор за довод на воздух. Браникот продолжува да се шири кон страниците во кои се вметнати посебно стилизирани жабри за одвод на врелиот воздух од под тркалата генериран од сопирачките.

Одзади приказната се чини дека е уште позастрашувачка. Широките страници дозволиле отворање на уште поголеми доводи за воздух кон моторот и задните сопирачки. Задникот завршува со масивен дифузор од кого стрчат четири издувни топа, а капакот од моторот завршува со интегриран спојлер внимателно дотеран во воздушниот тунел на Brabus.

 

БЕСНОТИЛАК ОД БОКСЕР

И најмалиот допир на педалот за гас ја буди нескротливата моќ на 3.8 литарскиот шестцилиндричен боксер навиен да ослободува 900 КС, или точно 250 КС повеќе од серискиот 911 Turbo S. Дивата природа на 900 КС е надополнета со камионски вртежен момент од 1.000 Nm кои им се предаваат на сите четири тркала преку  осумстепениот менувач со две спојки и при старт буквално ги „гужваат“ гумите на Continental SportContact 7. Стартот е брутален. Катапултира како вистинска ракета. Од место до 100 km/h се потребни само 2,5 секунди, но незапирливиот нагон за  забрзување после достигнување на белешката 100 е тоа што одушевува уште повеќе. Оваа ракета на четири тркала продолжува да притиска со неверојатна сила ловејќи 200 km/h во 7,2 секунди и продолжувајќи да максималните 340 km/h. Крајната брзина е електронски ограничена со цел да се заштитат гумите на Continental.

Перформансите не се единственото воодушевувачко искуство кое го нуди 3.8 литарецот. Тој подеднакво е способен и да музицира. Маѓепсувачкиот звук што го испушта спортскиот издув изработен од легурата Inconel е посебно дизајниран во звучна лабораторија. Електронски контролираните вентили му нудат на возачот можност да ја регулира издувната нота од кокпитот. Кога вентилите се затворени боксерот работи релативно тивко, погодно за секојдневно возење. Но, кога вентилите ќе се отворат тогаш се случува вистинско крешендо од звуци кои одземаат здив подеднакво како и перформансите.

ЗА БРЗО ИСЧЕЗНУВАЊЕ    

Беснотилакот што го нуди Brabus 900 Rocket R ”1 of 25” не е наменат само за ловење на брзински рекорди на права линија. Неговата возна динамика ќе го одушеви секој искусен пилот дури на една тркачка патека како што е зелениот пекол на Нирбургринг. Електронски управуваниот погон на четири тркала го испраќа вртежниот момент кон секое тркало одвоено со што обезбедува извонредно тракција и стабилност при секое свртување. Посебно развиеното спортско потпирање кое целосно се прилагодува е уште едно поглавје на кое во Brabus се исклучително горди. Без оглед дали се вози на пат или на патека, 900 Rocket R е подготвен да одговори на секое возачко барање.

Тркалата се уште една ексклузива врзана само за Brabus. Изработени според врвна технологија на ковање и машинска обработка овие моноблок бандажи од лесен метал се дел од серијата Brabus P Platinum Edition и мерат 21 инч напред и 22 инчи назад. Кон нивниот дизајн со пет краци додадени се типичните аеро дискови на Brabus изработени од карбон-фибер. Оваа комбинација од метал и карбон не само што нуди впечатлив визуелен ефект, туку има и практична намена да го одвлекува врелиот воздух од сопирачките. Бандажите се обуени во гуми со димензии 255/45 ZR 21 напред и 335/45 ZR22 назад.

РЕМЕК ДЕЛО ОД ЕНТЕРИЕР

Наспроти агресивниот настап на надворешниот лик на Brabus 900 Rocket R внатре владее елеганција. Ентериерот е ремек дело на дизајн и врвна изработка која се издига на ниво на филигран. Секој детаљ буквално е создаден да биде контраст на наметливата надворешност. Посебно штавената кожа, неверојатно мека и пријатна на допир е користена за обложување на кабината. Прошиена е со уникатната шестаголна шема која се среќава, на седиштата, но и на страниците од централниот гребен и на подот. Долу, пак, токму пред возачкото седиште е поставен логотип на Brabus потпишан од лицето кое рачно ја изработува внатрешноста. Деталите од лакиран карбон-фибер и анодизиран алуминиум само ја дополнуваат оваа благородничка ексклузива.

Соодветно на оваа автомобилска ексклузива е пресметана и цената. За да се стане сопственик на 900 Rocket R ”1 of 25” во Brabus бараат 461.500 евра секако без давачки. Како што навестува името ќе бидат произведени само 25 примероци од овој беснотилак на четири тркала. Списоците во Ботроп се отворени па која милува нека побрза.

 

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ