Светско првенство во формула 1-ЛАНИ ТЕСНО, ГОДИНАВА ВЕЛИЧЕСТВЕНО

16/12/2022

ПРВАТА ТИТУЛА НА МАКС ФЕРСТАПЕН СО РЕД БУЛ БЕШЕ ВО СЕНКА НА ПРЕВИРАЊАТА ОКОЛУ СУДИСКИТЕ ДОКАЖУВАЊА КОЛКУ БИЛА ИСПРАВНА ОДЛУКАТА ЗА РЕСТАРТ НА ТРКАТА ВО АБУ ДАБИ, НО ЗАТОА ВО 2022 ГОДИНА ТОЈ ГО СОБОРИ РЕКОРДОТ ЗА ПОБЕДИ ВО ЕДНА СЕЗОНА И ПОСТАВИ СВОЈ СО 15 ТРИУМФИ!

 

Кога во 1988 година се случи дотогаш невидената доминација на Аиртон Сена и Ален Прост, кои славеа на 15 од 16 трки, светот долга низа години сметаше дека тоа постигнување ќе остане недостижно за идните генерации.

Сепак, супер-тимот на Ферари кој беше обединет околу Жан Тод на почетокот од новиот век, успеа да постави свои рекорди со Михаел Шумахер како возач и Рос Браун како технички директор, за подоцна Мерцедес да го направи истото во ерата на турбо моторите која стартуваше во 2014 година. И таман кога човек ќе помисли дека нема каде понатаму, во 2022 година беа извозени 22 трки, а Ферстапен славеше на 15 од нив. Импресивниот рекорд на Сена и Прост од 1988 година сега може да се набљудува од повеќе аспекти, но веројатно само фановите на овие возачи можат да жалат зошто тогаш се возеле помалку трки, бидејќи суровоста на бројките кои Ред Бул ги има се засноваат пред сѐ на проширениот календар.

Ферстапен на последната трка во Абу Даби славеше трета година по ред и стана осмиот победник во низа кој ја имал и пол позицијата на Јас Марина. Победата никогаш не беше доведена во прашања, но се случуваше вистинско „филмско сценарио“ во борбата за второто место меѓу Перез и Леклер, кое воедно го одлучуваше и прашањето кој ќе биде втор на табелата во поединечен пласман.

Откако во Бразил Ред Бул употреби тимски наредби најпрвин да го пропушти Ферстапен напред, а потоа и да го повика возачот да му ја врати позицијата на Перез, Ферстапен изјави дека нова епизода на тимски наредби само би го комплицирала крајот на сезоната.

Овој пат немаше тимски наредби, тоа е зафркната одлука за донесување. Можевме да пробаме да го блокираме Леклер, но дали тоа ќе беше ферски? Мислам дека немаше да биде најдобар начин како да ја завршиме сезоната. Личеше дека Чеко ќе го стигне, но сепак загуби многу време во мешаницата со Пјер и Алекс, а јас тоа го видов на екраните додека возев. Во моментот кога Чеко влезе во бокс ние сметавме дека тој треба да биде внимателен со гумите, но секогаш е лесно да се коментира по трката.

Имено, додека Перез беше второпласиран и со мала предност пред Леклер, некаде во средината од трката на Јас Марина, Ферари употреби познат трик со цел да повлијае на стратегијата на ривалите со лажна порака преку тимското радио. Таа гласеше: „Влези во бокс спротивно од она што ќе го направи Ред Бул“. Тоа остави впечаток дека Ферари ќе има иста стратегија како и Перез, но во суштина тие го испланирале сето тоа и Леклер ја продолжи трката без да застане во бокс, односно со едно застанување. Перез и Ред Бул спроведоа стратегија со две застанувања, па иако го надополнија заостанувањето, нивниот возач финишираше 1,3 секунди зад возачот на Ферари.

Морам да кажам дека сѐ што сакавме да направиме го направивме баш како што сакавме. Сето ова беше планирано претходно, и сега можам да кажам дека ги надмудривме и дека ги натеравме да мислат дека ќе одиме во бокс. Тие ни поверуваа и влегоа двапати во бокс. Ние го сработивме нашиот дел одлично и горд сум на нашата изведба, објасни Шарл Леклер.

Трката во Абу Даби ќе влезе во историјата и како прва на којашто возачите добиле медали коишто треба да ги одбележат нивните возачки постигнувања. Досегашната пракса била дека иако возачите ги добиваат трофеите, многу од нив завршуваат во витрините на нивните тимови и тоа е впишано во договорите. Често возачите мораат да направат реплики од некои трофеи доколку ги сакаат за себе. Според соопштението на ФИА, медалот ќе биде уникатен личен спомен за одбележување на нивното врвно постигнување. Трката во Абу Даби беше вкупно 1.079 во хронологијата на Формула 1, а медалите ќе станат редовна пракса од идната сезона.

Коментирајќи ја одличната сезона, тимскиот шеф на Ред Бул отвори филозофско прашање, околу тоа колку се повредени нивните ривали од таквата доминација.
Кога ќе освоите 17 победи и ќе направите она што ние го направивме, станува јасно дека тоа ги повредува нашите ривали. Сигурен сум дека тие ќе бидат уште повеќе мотивирани да бидат наши предизвикувачи следната година. Тоа се квалитетни тимови и ништо не смее да биде земено здраво за готово во 2023 година. Колку погоре се искачуваш, толку ситуацијата е позатегната. Такво беше нашето искуство оваа година. Најбрз начин да станеш непопуларен меѓу останатите учесници е да победуваш и да победуваш конзистентно. Ние сме тркачки тим во сопственост на фабрика за енергетски пијалаци и се тркаме против фабрики и историски брендови. Се разбира дека тоа не им дава на ривалите да бидат комфорни, гласи анализата на Кристијан Хорнер.
Иако за време на гран при викендот Биното одлично ја спроведе мисијата околу обезбедувањето на второто место, на крајот сепак објави дека заминува од челната позиција во Ферари. Сепак, неговата контра анализа укажува дека тие по грешките со кои се компромитираа во овој шампионат, се посветиле на развојот за идната година.

Развојот на Ред Бул во текот на 2022 година се должи на неколку фактори. Тие имаа јасна задача дека треба да го направат нивниот болид полесен, додека тоа не беше случај со нас. Тие знаеја што треба да решат за да извадат перформанси од болидот. За нас беше многу покомплицирано бидејќи се трудевме да се подобриме преку развој на аеродинамиката, како и да го развиваме самиот концепт на болидот. Исто така, нашиот развоен пат заврши брзо, пред сѐ поради кратење на трошоците. Но сѐ уште постојат работи кои треба да ги преиспитаме. Дали донесовме правилна одлука да престанеме со развојот за 2022 и да се посветиме на следната година? Не знам! Тој одговор ќе ни го даде идната сезона. Можеби можевме да направиме подобар и соодветен развој на болидот во рамките на нашите напори. Тоа е едно од оние нешта што треба да се преиспитаат. Сепак, продолживме да се бориме до последната трка иако можеби никој не го очекуваше тоа. Имавме осцилации и постоеја трки каде што не бевме доволно добри, па сето тоа мора да се ревидира. Сепак, освоивме второ место кај возачите и второ место кај конструкторите и на последната 22 трка се боревме за пласман на подиумот. Тоа е она што ми е важно на мене, рече Матија Биното.

За да биде приказната комплетна, во анализата се вклучија и од Мерцедес, кои во финишот на сезоната станаа речиси рамноправни ривали со првите два тима, што не беше случај на стартот од сезоната.

Имавме наши подеми и падови, но тоа е дел од она што се нарекува дека некој зони на болидот ги разбираме добро, а некои сѐ уште не. Од гледна точна на тоа колку го скративме задоцнувањето во однос на болидите пред нас, имавме огромен напредок, а тоа е можно само со добро разбирање на тоа каде лежат проблемите и на истите да се поработи како тим. Имаме самодоверба дека поседуваме алатки, како во воздушниот тунел, така и во одделенијата за развој и унапредување на перформансите, и тоа ни овозможува да им се приближиме на ривалите. Сѐ уште има празнина и последната трка во Абу Даби тоа го покажа. Тоа мора да биде надополнето во текот на зимата и мислам дека имаме многу добар процес и воспоставен систем за да го постигнеме тоа. Развојот што го имавме преку годината ќе продолжи и во зимскиот период и очекувам дека идната сезона ќе имаме многу силна позиција. Ние сме тим што е навикнат да победува, тим што е навикнат да биде напред, а сега тоа не бевме. Тоа ни овозможи да направиме позитивни промени и поради тоа сме мошне подобри,- изјави Џејмс Воулес, кој е главен стратег на „сребрените стрели“.
Трката во Абу Даби беше последен настап и за четирикратниот светски првак Себастијан Фетел. Тој во иднина нема да биде активен возач, иако неговото искуство и знаење ќе биде драгоцено за многумина. Сепак, во прв момент, неговата главна ролја ќе биде како амбасадор на борците за климатските промени.

 

КОНЕЧЕН ПЛАСМАН (ВОЗАЧИ)

  1. Макс Ферстапен 454
  2. Шарл Леклер 308
  3. Серхио Перез 305
  4. Џорџ Расел 275
  5. Карлос Саинц 246
  6. Луис Хамилтон 240
  7. Ландо Норис 122
  8. Естебан Окон 92
  9. Фернандо Алонсо 81
  10. Валтери Ботас 49

 

КОНЕЧЕН ПЛАСМАН (ТИМОВИ)

  1. Ред Бул 759
  2. Ферари 554
  3. Мерцедес 515
  4. Алпине 173
  5. Мекларен 159
  6. Алфа Ромео 55
  7. Астон Мартин 55
  8. Хаас 37
  9. Алфа Таури 35
  10. Вилијамс 8

 

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ