Peugeot 308 1.5 HDi ATN 8 GT-ПОДГОТВЕН ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НA ПРЕСТОЛОТ

19/05/2022

КОМПАНИЈАТА PEUGEOT ЈА ПРОДОЛЖУВА НИЗАТА НА МОДЕЛОТ 308, А ОВОЈ ПАТ НА ПАЗАРОТ ГО ИСПРАЌА ПО ПОДГОТВЕН ОД КОГА И ДА БИЛО ДОСЕГА. ОПРЕМЕН СО НАЈНОВИ ТЕХНОЛОШКИ РЕШЕНИЈА, ВРВЕН ФИНИШ ВО ИЗРАБОТКАТА И МАРКАНТНИОТ ДИЗАЈН НА ЕКСТЕРИЕРОТ ВО КЛАСАТА ДИРЕКТНО ЦЕЛИ КОН ПРЕЗЕМАЊЕ НА ПРЕСТОЛОТ

 

Во француската компанија добро знаат дека на европските пазари сè уште важна улога играат хечбек моделите. Затоа новата 308-ка доаѓа во целосно ново пакување кое особено го потенцира дизајнот и софистицираноста, а покрај стандардните мотори со внатрешно согорување достапен од лансирањето е и со две plug-in хибридни изведби. Дека 308 е предводник на своевидна пресвртница за француската марка доказ е и тоа што е првиот модел кој го носи и новиот амблем на лавот.

 

МАРКАНТЕН ПЕЧАТ

Кога за првпат ќе го погледнете целосно новиот Peugeot 308 со сигурност прво што ви паѓаат на ум е неговата впечатливост. Елегантните пропорции играат голема улога, особено кога го гледате автомобилот од напред. Тенките предни светла со LED матрична технологија и истакнати дневни светла поставени вертикално се во кохезија со решетката на ладилникот. На неа, пак, е нагласен новиот амблем на брендот и значката со бројот 308 која гордо стои на долниот раб на хаубата создавајќи јасна слика на исклучителен дизајнерски пристап со длабока спортска нота. За добивањето на поелегантни пропорции тимот задолжен за новата генерација на 308 ја зголемил должината за речиси 110 мм, висината е намалена 20 мм, а меѓуоскиното растојание е зголемено за 55 мм. Профилот делува доста динамично, пред сè поради долгиот поклопец на моторот, аголот на поставеност на ветробранот и ниската линија на кровот, како и контурните линии кои навлегуваат од двата краја на возилото кон вратите. Погледот кон задниот дел ни открива уште една страна на францускиот пристап кон обликувањето каде што продолжува стилот на тенки светлосни елементи со изразен светлосен потпис и црна попречна лента со висок сјај која ги спојува во една целина. Во севкупниот облик се вклучува и слегувачката линија на покривот преточена во спојлер задолжен за подобра аеродинамика. Марката Peugeot досега имала исклучително убаво дизајнирани модели кои ја носеле „тројката“ во името, но со новиот 308 Французите се надминаа себеси во естетски смисла.

 

АМБИЕНТ ОД ПРЕМИУМ КЛАСА

За кабината на моделот 308 веднаш може да кажеме дека е вистински погодок. Во неа не се издвојува само современиот дизајн, туку јасно е потенциран и севкупниот квалитет на завршна обработка што е присутен низ целиот простор. Возачот седи ниско и спортски во седиште кое има одлична странична потпора, а за пронаоѓање на оптималната позиција и поставеност на малиот, ново дизајниран управувач потребно е малку време. Кабинскиот простор не е најраскошниот во класата, но секако дека 4 возрасни лица ќе се чувствуваат сосема комотно во амбиентот. Просторот за багаж располага со големина од 412 литри во основната конфигурација, а доколку имате потреба за транспорт на погабаритен товар со соборување на задните седишта добивате 1.323 литри. Забележлива улога игра инструмент таблата пред возачот која ја демонстрира посветеноста на Peugeot на најдобар начин. Префинетоста на доработениот iCockpit во 3D технологија кој работи поефективно и поседува нови детални графички решенија дополнително го подигнува севкупниот впечатокот. Инфозабавниот екран беше една од најголемите болки на претходната генерација, но во најголем дел целосно новиот систем ја надминува таа пречка. Новиот 10 инчен дисплеј изгледа одлично и е поддржан од секундарен i-Toggles панел чувствителен на допир под него кој е со иста ширина и половина од висината, поставен под агол за полесна употреба со кратенките за сите главни функции и може да се конфигурира по желба. Времето на реакција и прецизноста се брзи и точни, додека контролите за климатизација сè уште само на допир, но поголемиот дисплеј ја олеснува нивната контрола. Новиот 308 е полн со безбедносни функции, а особено ни се допадна адаптивната контрола на темпоматот која го користи радарот скриен зад новото лого на Peugeot на предната решетка што ги чита знаците на патот. Системот е секогаш подготвен за активирање, а тоа го прикажува со големо “OK’ на iCockpit-от, потребно е само притискање на копчето за потврда на управувачот и системот започнува со дејствување.

 

ЕДИНСТВЕН ВО ПОНУДАТА

Во тестираниот примерок задолжен за погонот е единствениот турбо дизелски агрегат во понудата со зафатнина од 1.5 литри и расположива моќ од 130 КС, неговата влечна сила изнесува 300 Nm и е на располагање од ниски 1.750 врт/мин. Погонот е на предната оска, а за трансмисија е задолжен 8 степен автоматски менувач кој се одликува со одлично избалансиран пренос за кој сметаме дека се поставува како идеален избор кај 308. Бараните задачи ги извршува беспрекорно добро без разлика кој модус (sport, normal, eco) на работа го избрал возачот, соработката со исклучително флексибилниот двигател во реалност овозможува одржување на високо возно темпо и реално ниска потрошувачка на гориво. За тоа сведочи и просечната потрошувачка што ја постигнавме по речиси 600 изминати километри, а таа изнесуваше 5,5 литри на секои 100 километри. Со зафатнина на резервоарот од 52 литри и повнимателно возење 1.000 километри со едно полнење се остварливи со сигурност. Забрзувањето до 100 км/ч трае 10,6 секунди што е во рамките на конкуренцијата, додека стрелката на брзиномерот запира на повеќе од доволни 207 километри на час. Покрај естетските промени оваа генерација на 308 поседува новина и под лимот, моделот е поставен на најновата генерација на платформата EMP2 на брендот, што е веднаш забележливо по сетирањето на суспензијата која е малку потврда, но сепак во возењето покажа прифатливо ниво на удобност. Компромисот помеѓу комфорот и спортското управување делува многу ветувачки, постигнатата рамнотежа само покажува колку труд е вложено од страна на инженерите на марката. Бучавата од суспензијата е добро изолирана во кабината, а силна страна на 308 во возената конфигурација е стабилноста при голема брзина.

 

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

 

МОТОР: ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН
ДИЗЕЛ
ЗАФАТНИНА: 14989 СМ3
МОЌНОСТ: Максимална моќ:
96kW/130КС
МЕНУВАЧ: 8-СТЕПЕНА АВТОМАТСКА
ТРАНСМИСИЈА
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД 225/40 R18,
ПОЗАДИ 225/40 R18
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
1.361 КГ
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: 4.367/1.852/1.444ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
10.6 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
4,5 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
207 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ:
34.390 ЕВРА

 

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ