БИЛЕТОТ НА MASERATI ЗА ВРАЌАЊЕ ВО ПРВА ЛИГА МОЖЕБИ НЕМА ЗВУЧНО ИМЕ, НО СЕКАКО ИМА ЗВУЧНА СОДРЖИНА СО КОЈА СТАРТУВА НОВА ЕРА ЗА МАРКАТА. СО УНИКАТНИОТ СТИЛ И ВРВНАТА ТЕХНОЛОГИЈА MC20 E ПРВ ОД ОВАА ВРСТА НА РАСНИ ГРЛА И СО НЕГО MASERATI ЈА ПИШУВА НОВАТА ИСТОРИЈА НА МАРКАТА
После многу премрежиња кои ја зафатија славната италијанска марка, Maserati успеа да истрае и да им се врати на корените. Славниот тризабец на Нептун кој ги краси овие ремек дела на четири тркала конечно се врати во историското седиште на марката, Модена. Таму инженерите на Maserati во новиот развоен центар наречен: Maserati Inovation Lab го креираа MC20. Автомобил создаден да зашемети. Нов Maserati способен да дивее на патека, и воедно да биде поим за елеганција во движење, со извонредна возна динамика и висока доза на комфор. За да биде врската со потеклото на марката поцврста, Maserati ја возобнови историската фабрика Вијале Чиро Меноти и во неа рачно почна да го склопува MC20, првиот модел со кого се пишува новата ера на марката.
ВИРТУЕЛЕН РАЗВОЈ
Во Maserati се горди дека 97% од развојот на МС20 е направен виртуелно. Системот кој е оригинално развиен од Maserati и го носи името „Virtual Vehicle Dynamics Development” се потпира на сложен математички модел во кого се вметнуваат сите параметри што може да се замислат за да се добие т.н. виртуелен автомобил. Ваквиот начин драстично го скусува времето за развој и ги крати трошоците. На пример, велат во Maserati, може да се добијат параметри за три различни типови на амортизер и да се одбере кој е најсоодветен во многу кус временски период. Секако на крај вистинскиот избор се прави после реалните тестови на затворена патека и на планинските патишта кои вртат низ Апенини чии врвови се издигаат токму над Модена.
МОТОР СО ПАТЕНТИРАНА ТЕХНОЛОГИЈА
Виртуелниот развој бил клучен и при развој на новиот мотор Nettuno кој сам по себе претставува техничка револуција, и за секој случај е заштитен од Maserati низ низа интернационални патенти. Нема двојби дека моторот е создаден од чиста страст за постигнување на техничко совршенство. Ваквата страст за создавање доаѓа кога после дваесет години отсуство марката конечно се враќа во својот дом и добива слобода да развие нов високотехнолошки мотор со врвни перформанси. Душа на овој 3.0 литарски V6 со агол меѓу цилиндрите од 90° е иновативниот систем на согорување со пред-комора и две свеќички. Технологијата доаѓа од светот на Формула 1 и за првпат се вградува во мотор од сериско производство. Пред-комората е мал тесен цилиндар со повеќе отвори на дното поставен на врвот од главниот цилиндар. При процесот на вшмукување тој се полни со смеша од воздух и гориво заедно со цилиндарот. Кога свеќичката во пред-комората ќе го запали ова мало количество на смеша експлозијата под висок притисок излегува низ отворите и ја пали смешата во главниот цилиндар во повеќе точки одеднаш. Овој процес создава многу ефикасно палење и согорување, во неверојатно кус временски интервал, кое е за 30% побрзо отколку класичното палење со свеќичка. Кога нема потреба од високи перформанси тогаш наместо од пред-комората смешата се пали класично со втората свеќичка поставена странично во главниот цилиндар. Кон оваа технологија се приклучува и двојниот систем за вшприцување: директен кој работи со притисок од 350 бари, и индиректен со притисок од 6 бари. Потпомогнат со два турбо полначи кои пумпаат со 2 бари овој 3.0 V6 испорачува 630 КС при 7.500 min-1 и максимален вртежен момент од 730 Nm меѓу 3.000 и 5.500 min-1. Максималниот број на вртежи е ограничен на 8.000, а специфичната моќност изнесува 210 КС на еден литар зафатнина.
ПЕРФОРМАНСИ ЗА ПОЧИТ
Спарен со осум степен менувач со две спојки и диференцијал со ограничено пролизгување Nettuno е спремен да го катапултира МС20 од место до 100 km/h за 2,88 s, а до 200 km/h за 8,8 s, и да достигне максимална брзина од преку 326 km/h. Но, не е сè во брзината, има нешто и во забавувањето. Способноста да сопре во место од 100 km/h за помалку од 33 m говори дека масивните карбон-керамички апарати се на висина на задачата. Отпорни на прегревање, што е исклучително важно за на писта, предните вентилирачки и бушени дискови од 390х46 mm ги зафаќаат фиксни шест клипни клешти, додека задните од 360х28 mm ги зафаќаат четири клипни пливачки клешти. Контролата ја обезбедуваат т.н. виртуелна управувачка оска со двојни напречни водилки и напред, и назад, што е реткост дури и во оваа класа. Ваквиот тип на оска обезбедува во секое време, без оглед на страничното напрегање тркалото да стои релативно вертикално во однос на подлогата со што се постигнува максимална тракција. Кога на ова ќе се додаде и адаптибилната суспензија со активни амортизери и пет модуси на работа WET, GT, SPCORSA, тогаш јасно е зошто МС20 се врзува со висока возна динамика. Важна улога имаат и специјално развиените гуми на Bridgestone. Нивната Potenza Sport со асиметрички дизајн и димензии 245/35 ZR 20 напред и 305/30 ZR 20 назад ја подобрува стабилноста во свијоци и ја зголемува осетливоста на управувањето создавајќи чувство дека МС20 го менува правецот во миг кога возачот ќе помисли.
ИТАЛИЈАНСКА УБАВИНА
Maserati МС20 не е создаден да плени само со технологијата туку и со убавината. Италијанците, мајстори на занаетот кога е во прашање дизајнот, успеале девизата: формата ја следи функцијата, да ја претворат во: функцијата ја следи формата. Елегантен и спортски МС20 го краси неповторлив стил во кого е вметната врвна аеродинамика. Автомобилот е поделен на два дела. Стилски горен дел каде сè и е подредено на естетиката и аеродинамичните секции се слеани во линиите на каросеријата за да се постигне висока ефикасност без да се наруши елегантната линија на МС20. Дури и елегантниот спојлер слеан во задниот дел на каросеријата не ја нарушува неговата убавина. Од друга страна во долниот дел на автомобилот обоен во црно и во карбон-фибер се случува техниката. Подот е комплетно затворен и е плод на комплексни аеродинамични анализи за да се постигне аеродинамична ефикасност од една страна и голема стабилност од друга страна. Затоа МС20 е способен да надмине максимална брзина од 326 km/h и да остане силно залепен за асфалтот без оглед на условите. Комплетно изработен од карбон-фибер МС20 е изграден околу монокок кој од напред е предвиден да носи три изведби. Постоечкото купе, кабриолет кој треба да се појави наскоро и целосно електрична верзија. Монококот ја формира кабината која ја краси спортска елеганција. Внатре доминира минимализам и сè е рационално. Има два екрани од 10 инчи еден пред возачот и еден поставен централно преку кого се управува со функциите. Централниот гребен е едноставен без многу орнаменти. Вртливо копче за селекторот на модусите за возење, две копчиња за менувачот, две за стаклата, едно вртливо за гласот на аудио и безжичен полнач на мобилен. Внатрешноста е поставена со комбинација на кожа, алкантара и детали од карбон-фибер кои се изведени така да наликуваат на ткаенина. МС20 е и практичен. Има ден багажник напред од 47 литри и еден одзади од 101 литар.
Нема двојби дека Maserati со МС20 наново ја пишува својата 107 годишна историја. Токму тоа и беше визијата на славната италијанска одгледувачница на расни тркачки грла при создавање на новиот знаменосец кој дефинитивно е прв од ваква врста. Со МС20 Maserati се поставува на позиција кон која од секогаш се стремел, да создава спортски автомобили кои комбинираат луксуз и перформанси носејќи го притоа уникатниот стил на марката.