ПРИКЛУЧНАТА ХИБРИДНА ТЕХНОЛОГИЈА ПРВИЧНО БЕШЕ РЕЗЕРВИРАНА ЗА ПОГОЛЕМИТЕ МОДЕЛИ НА VOLVO И ОТСУСТВУВАШЕ ОД НАЈПОПУЛАРНАТА ПОНУДА НА МАРКАТА, НАЈМАЛИОТ ПРЕТСТАВНИК ВО ГАМАТА НА SUV ВОЗИЛА. СЕТО ТОА СЕ СМЕНИ СО XC40 T5, ПРВИОТ PLUGIN- ХИБРИДЕН VOLVO ШТО ГО КОРИСТИ ИМЕТО RECHARGE, КОЈ СЕ ПРИКЛУЧУВА КОН ОСТАНАТИТЕ МОДЕЛИ ВО КОМПЛЕТНАТА ТРАНЗИЦИЈА НА БРЕНДОТ КОН ПОТПОЛНА ЕЛЕКТРИЧНА ИДНИНА.
Шведската марка веќе одамна објави за тоа како планира да ја гради својата стратегија во иднина. На водечките лица во компанијата им е јасно дека моментален премин кон градење на целосно електрични возила е практично невозможна мисија. Затоа во период од неколку години марката ги опреми сите модели во гамата со приклучна технологија (plug-in) подготвувајќи ги за следната фаза која треба да настапи за неколку години од кога Volvo ќе започне да ги менува постоечките модели со нови, целосно електрични изведби.
ЦВРСТ ДИЗАЈНЕРСКИ ИЗРАЗ
XC40, на прв поглед, остава впечаток на доста смирен и монолитен изглед, извајан совршено без претерани дизајнерски излети кои треба дополнително да нагласат одредени потези. Со предниот дел доминираат светлосните склопови во облик на „Чеканот на Тор“ поставени на самите краеви од предницата движејќи се до хоризонтално поставената маска со конвексен пресек, создавајќи прецизен облик кој во исто време е спортски и елегантен. Профилот делува цврсто, пред сè поради користените линии и движењето на покривот кон задниот дел што завршува во спојлер.
За дополнување на впечатокот тука се испапчувањата над тркалата кои ja нагласуваат динамичната карактерна линија. Задниот дел на секој Volvo SUV е изведен на препознатлив и традиционален начин, светлосни групи се вертикално поставени кои во случајов се трендовски инкорпорирани во обликот на каросеријата со што ја прават целосна сликата за вистински претставник на марката.
СКАНДИНАВСКА СМИРЕНОСТ
Внатрешноста на XC40 е исто толку удобна и пространа како и сите модерни претставници на марката. Иако XC40 не е со најголеми габарити во класата, одлично се снаоѓа во комбинирање на модерен изглед со комфорно внатрешно пакување, притоа создавајќи одлична рамнотежа помеѓу патникот и просторот за багаж, така што ниту едно лице во кабината нема да се почуствува запоставено. Од таа причина целиот преден дел во кабината на XC40 создава чувство многу слично како кај другите SUV возила на Volvo. Инструментите и целиот преден панел се поставени малку поисправено и делува доста елегантно, скандинавски дизајнирано, со повертикално чувство отколку што е норма за неговите ривали. Голем дел од овој впечаток е создаден од вертикално подредените отвори за воздух и екранот за инфо забавниот систем со неговото портрет ориентирање.
Инаку, речиси сите функции на автомобилот се контролираат преку екранот на допир. Како и кај повеќето нови автомобили управувањето е полесно отколку што очекувате. Под него се поставени неколку копчиња за клучните функции како што е јачината на звукот или изборот за режими на работа. Актуелната генерација е веќе неколку години на пазарот, но внатрешноста на XC40 сè уште се чувствува свежо и изгледа прилично добро за разлика од некои негови ривали.
МОЌЕН, НО И ЕКОНОМИЧЕН ДУЕТ
Намалената потрошувачка на гориво, ниските емисии на штетни гасови и можноста да се патува целосно движени од електрична енергија се клучните точки на plug-in хибридите, па затоа е добра вест што најмалото Volvo испорачува во сите горенаведени полиња. Volvo XC40 Т5 Recharge комбинира 1,5-литарски трицилиндричен турбобензински мотор и електромотор кој силата ја црпи од батерија со капацитет од 10,7kWh, а моќта ја пренесува кон предните тркала преку седумстепен автоматски менувач. Бензинецот испорачува 180 КС, а електромотор учествува со 82 КС за вкупна излезна моќ од 262 КС. Постојат четири режими на возење за максимално искористување на погонскиот систем во зависност од условите на патот и потребите на возачот. Во секојдневна употреба најдобро е да се остави во хибриден режим, што впрочем се вклучува автоматски при стартување на самото возило. Избраниот мод на работа ќе одлучи кој е вистинскиот извор на енергија во вистинско време, со непречена транзиција помеѓу електро погон и моторот на внатрешно согорување.
Доколку се одлучите за Volvo XC40 T5 Recharge, a вашите дневни патувања се вклопуваат во опсегот до 40 км може да слободно да се движите без да користите капка фосилно гориво, под услов батеријата да е полна до 100%. Инаку, кога не сте во „електро мод“ просечната потрошувачка во ниту еден момент не премина 6 литри на секои 100 километри, што секако е податок кој треба да се забележи со оглед на димензиите и тежината на возилото од преку 1.8 тони. За забрзување до 100 км/ч потребно му е 7.3 секунди, а максималната брзина според најновите стандарди на марката е електронски ограничена на 180 км/ч.
Електрифицираниот XC40 претставува вистинско „лајф стајл“ возило за секој што воедно преферира модерен и несекојдневен дизајн со скандинавски призвук кој се издвојува од останатите претставници во класата, моќна работна единица која освен што може да понуди доста забава зад управувачот, секогаш е подготвена да ја покаже својата еколошка страна грижејќи се максимално за животната средина.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ТРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБО БЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 1.477 СМ3 |
МОЌНОСТ: | 180 КС при 5.800 врт/мин. + ел. мотор 82 КС Вкупно 262 КС |
МЕНУВАЧ: | СЕДУМСТЕПЕНА АВТОМАТСКА ТРАНСМИСИЈА |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: MULTILINK |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 235/50 R19, ПОЗАДИ 235/50 R19 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.812 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4.425X1.863 X1.652 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
7.3 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
2.4 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
180 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ |
53.350 € |