Претставуваме BMW M8 – Ултимативен возачки реквизит

24/06/2019

БЕЗ ОГЛЕД ШТО BMW СО М8 ВЛЕГУВА ВО ЛУКСУЗНИОТ СВЕТ НА АВТОМОБИЛИЗМОТ ВО СЕБЕ НОСИ ДОВОЛНО СОДРЖИНА ЗА ДА ВОЗИ НА ВРВОТ МЕЃУ ВИСОКОПЕРФОРМАНСНИТЕ СПОРТСКИ МОДЕЛИ И ТОА ГО ПРАВИ ВО ЧЕТИРИ РАЗЛИЧНИ ИЗВЕДБИ ВО КУПЕ И ВО КАБРИОЛЕТ ВАРИЈАНТА.

 

Ретки се луксузните спортски автомобили кај кои при создавањето е водено сметка да се исполнат специфичните елементи потребни за да се вози на тркачка патека под полно оптоварување. И додека за поголемиот дел марки ова е непознаница, за спортскиот оддел на BMW, прославениот M GmbH ова е правило. Во „М” не се прават отстапки. Нивните креации за кои буквално може да се каже дека се волк во јагнешка кожа претставуваат ултимативни возачки реквизити спремни да се докажат на патеката подеднакво како и на пат. Новиот луксузен суперспортист М8 е токму волк во јагнешка кожа. Доаѓа во четири изведби М8 Coupe и М8 Convertible кои под хауба пакуваат 600 КС извлечени од 4.4 литарскиот V8 твинтурбо на BMW и M8 Coupe Competition и M8 Convertible Competitionво кај кои истиот мотор е навиен на 625 КС за уште повртоглави перформанси.

БРЗ ОДЗИВ И ЖЕД ЗА ВРТЕЖИ

Високотуражниот V8 претставува спој од остар како жилет одзив на педалот за гас и рамномерна испорка на моќност низ целото работно подрачје на моторот. Ова се должи на два твин-скрол турбо полначи поставени меѓу цилиндерските блокови и нов систем за директно вбризгување кој работи на притисок од 350 бари. Оттука се обезбедува брз одзив на педалот за гас како во ретко кој автомобил. Моторот остварува 600 КС при 6000 min-1 и максимален вртежен момент од 750 Nm расположиви меѓу 1800 и 5600 min-1. Интересно, без оглед што макси-малната моќност се остварува на 6000 min-1моторот е спремен да се врти сè до 7200 min-1 кога се вклучува лимитато- рот што го чува од премногу беснеење. Изведбата во моделите Competition испорачува 625 КС при 6000 min-1 и ист вртежен момент од 750 Nm кои стојат на располагање меѓу 1800 и 5800 min- 1. Оваа изведба носи поцврсти носачи кои го врзуваат моторот со каросеријата што резултира со уште поостар одзив на педалот за гас и побогата звучна кулиса во кабината. Специјално развиениот систем за ладење со две различни кола ја држи температурата во подрум дури кога М8 интензивно кружи по тркачка патека. Дополнително помага и системот за масло со посебни ладилници за моторот и уште еден за менувачот. Така се обезбедува рамномерно снабдување со масло дури и во екстремни возачки услови.

ЕФИКАСНО И СПОРТСКИ

Вртежниот момент преку осумстепениот менувач М-Steptronic иницијално се испраќа до задните тркала, а по потреба погонот на четири тркала xDrive го распределува и кон тркалата од предната оска. Благодарение на активниот диференцијал од задната оска се обезбедува испораката на вртежниот момент да биде безмалку без загуби што е пресудно при брз старт, но и при остро напаѓање на свијоци. Сето ова се контролира преку системот Drivelogic кој дозволува да се одбере еден од трите модуси на возење: Efficient, Sport или Ultra Dynamic. Со помош на сетирањето возачот може да избере меѓу модусот со вообичаениот погон на четири тркала 4WD или модусот 4WD Sport каде поголемиот дел од моќноста на моторот се испорачува само кон задните тркала. Она што ќе ги одушеви возачки на- строените ентузијасти е можноста за деактивирање на системот за динамичка контрола на стабилноста DSC. Тогаш испораката на моќност исклучиво е насочена кон задните тркала и во отсуство на асистенција од системите за безбедност на возачот му е дозволено да го истражува лимитот на овој беснотилак на четири тркала.

ШАСИЈА ЗА ЕКСТРЕМНО БЕСНЕЕЊЕ

Да се задоволат специфичните барања кои пред себе ги става М8 во поглед на возната динамика бара посебен при- стап кон секој елемент од шасијата на овој луксузен тркач. Екстремно цврстите лежишта на водилките во комбинација со фино тјунирање на сетпот на секој модел одделно му овозможуваат на М8 да нуди исклучителна стабилност при високи брзини, линерано прифаќање на страничните оптоварувања, прецизно управување и неутрално однесување дури и кога се вози на лимит. Но, ова е само еден дел од претставата за М8. Очекувано е додека возачот ужива беснеејќи на патека да заборави на секојдневните потреби. Секако тие се тука и за нивно исполнување потребно е шасијата да нуди одредена доза на комфор која е потребна и за низ град и за на пат.

ПРИЛАГОДЛИВИ СОПИРАЧКИ

Вообичаениот сопирачки сетап со челични самовентилирачки дискови поставени на ротор од алуминиум за да се заштеди на тежина е правило кое во „М” го негуваат многу одамна. Предните дискови ги зафаќаат фиксни шест клипни сопирачки клешти, додека одзади работат пливачки сопирачки клешти со по еден клип. Секако кому ова не му е доволно може да го надгради системот со дискови од карбон-керамика. Но, тука не завршува приказната за со- пирачките. BMW за првпат во М8 нуди конфигурирање на чувството при притискање на педалот. Интегрираниот сопирачки систем место класично врзување на педалот од сопирачката со главниот сопирачки цилиндер има електричен актуатор кој електричниот сигнал што го добива од педалот го претвора пристисок. Бидејќи отсуствува директната механичка врска инженерите на BMW се сетиле дека електричниот актуатор може да се сетира спрема потребите. Затоа се сетила дека можат да понудат конфигурација на педалот за гас зависно од потребите. Така возачот може да бира меѓу комфорно ориентиранот сетап, или директниот со цврст педал и моментално загризување на сопирачките.

ПРЕПОЗНАТЛИВ СПОРТСКИ КАРАКТЕР

Внимателно дотераниот дизајн јасно дава на знаење за што се е способен М8. Масивните решетки за довод на свеж воздух заедно со масата во црнохром допринесуваат за агресивниот настап на М8. Одзади агресивноста ја нагласуваат двојните издувни цевки кои штрчат од интегираниот дифузор и вкусно дотераниот спојлер на капакот од багажникот. Шкргите за одвод на врел воздух од под хауба и од сопирачките јасно говорат за примената како на пат, така и на патека. Сериски М8 е поставен на ковани бандажи до 20 инчи и е обуен во масивни валци со димензии 275/35напред и 285/35 назад. Вкусно изведената кабина умешно ги спојува луксузното и спортското. Плени со квалитетот на материјалите и обработката претворајќи го М8 во благородно парче висока мода и врвни перформанси.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ