Претставуваме-HENNESSEY VENOM F5 REVOLUTION ROADSTER-ОТРОВ ВО БЕСНО ПАКУВАЊЕ

03/10/2023

СПОСОБЕН ДА СЕ КАТАПУЛТИРА ДО 300 KM/H ЗА ПОМАЛКУ ОД 10 СЕКУНДИ И ДО 400 KM/H ЗА ПОМАЛКУ ОД 20 СЕКУНДИ, ОТРОВНИОТ ПРОЕКТИЛ ОД ТЕКСАС Е НА ПРАГ ДА СТАНЕ НАЈБРЗИОТ СЕРИСКИ АВТОМОБИЛ НА СВЕТОТ

 

Hennessey, тјунерско ателје и автомобилска мануфактура од другата страна на Големата Бара претставува фино избрусен дијамант сместен на врвот од круната на американската автомобилска индустрија. Приказната за Hennessey започнува во 1991 година, а доказ за нејзината успешност е отворањето на приватно училиште за тјунинг каде новите сили го стекнуваат занаетот учејќи директно од вработените во компанијата, односно луѓе кои секојдневно се занимаваат со оваа проблематика.

Нивните доработки на американските „Muscle Cars”, но и на големите пикапи и теренци пленат со моќност и ексклузивност овозможувајќи им на сопствениците да се издвојуваат од толпата. Подигнувањето на моќноста најчесто оди до 1.000 КС. Највпечатливи се доработките на Ford Mustang кои „прштат“ од агресивен стајлинг и масивна моќ. Но, тјунерите од Тексас не бегаат ниту од мускулите на Dodge Challenger и Chevrolet Camaro, a во игра е и Corvette Stingray. Оние, пак, што сакаат да „бришкаат“ преку отворените прерии на Дивиот Запад можат да добијат тјуниран пикап како Ford Raptor, или Dodge Ram TRX, дури и во изведби 6х6. Во игра се и теренците Ford Bronco, Jeep Grand Cherokee, Dodge Durango, Chevrolet Tahoe. Во Hennessey не бегаат ниту од лимузините на Cadillac. Посебно омилен им е лутиот CTS-V навиен на 1.000 КС. Сепак, гордоста која произлегува од долгогодишните заложби на Hennessey на поле на тјунингот е ултимативниот Venom F5.

 

ИМЕ КОЕ СЕ ПРОВЛЕКУВА ЧЕТВРТИНА ВЕК

Називот Venom е врзан за Hennessey повеќе од 25 години и прерасна во мит кого октанските зависници го поврзуваат со соборување и поставување на брзински рекорди. Првпат името се појави во 1996 година на доработката на легендарниот Dodge Viper. Наречен Hennessey Venom 650R во тоа време беше меѓу најбрзите на светот со максимални 346 km/h.

Во 2010 година Hennessey го претставува Venom GT поставен на шасија на Lotus Exige со битурбо V8 навиен на 1.244 КС. Благодарение на малата тежина од само 1.244 kg Venom GT поставува светски брзински рекорд со 435,31 km/h.

Оттука се раѓа идејата на Hennessey за модел под исто име поставен на шасија од сопствена конструкција, со мотор конструиран дома и секако сопствен дизајн. Така во 2017 година Hennessey го најавува отровниот беснотилак Venom F5. Изграден околу монокок од карбон-фибер предвиден и за отворена варијанта со помошни рамки од алуминиумска легура кои ги носат механичките компоненти и каросерија целосно изработена од карбон-фибер. Стартот на производството на купето и родстерот тргнува во март 2022 година. Годинава се појави и тркачката изведба Venom F5 Revolution, а пред неколку дена и нејзината отворена верзија Venom F5 Revolution Roadster.

 

ФУРИЈА ОД МОТОР

Venom F5 е проектиран да ја мине границата од 300 mph или 483 km/h. Оттука доаѓа и симболичната ознака F5 која се однесува на разорно торнадо од класата F5 кое има ветрови со брзина меѓу 261 и 318 mph. За да ја мине оваа брзинска граница користи фурија од мотор, буквално наречен „Fury” од своите инженери. Сместен централно во шасијата навиен е на неверојатни 1.817 КС и без потреба од измени ги турка и тркачот Venom F5 Revolution и отворениот Venom F5 Revolution Roadster. Овој V8 од 6.6 литри е изграден околу блок од челик со ковани клипови и клипни лостови. Коленесто вратило е добиено од полно парче челик обработено на CNC машина. Главите се од алуминиумска легура, вшмукувачките вентили од титаниум, а издувните од легурата Инокнел. Два турбо полначи туркат воздух преку интеркулер со водено ладење остварувајќи ги бесните 1.817 КС при 8.000 min-1 и вртежниот момент од 1.617 Nm при 5.000 min-1, а максималниот број на вртежи е ограничен на 8.500 min-1. Сето ова турка само 1.385 kg, доволно за луда забава под отворено небо која ја нуди Venom F5 Revolution Roadster.

 

ВРТОГЛАВИ ПЕРФОРМАНСИ

Според системот за следење на брзина V-MAX преку кого се мерени податоците за забрзување и крајна брзина, од Hennesey тврдат дека нивниот проектил на четири тркала е способен од место до 300 km/h да се катапултира за помалку од 10 секунди. И тука не застанува беснотилаков. За да улови 400 km/h му се потребни помалку од 20 секунди. Максималната брзина е предвидена да оди далеку преку 483 km/h, но сѐ уште не е потврдена со официјален запис. Секако сето ова без електрика и помошни хибридни системи. Само чисти октани.

 

СПРЕМЕН И ЗА НА ПИСТА

Venom F5 Revolution Roadster за разлика од обичниот Venom F5 во себе носи гени на тркач, дел сокриени и дел јасно видливи. Подвозјето со поагресивна геометрија на тркалата како кај вистински тркач влегува меѓу сокриените гени. Од тркачите е земена и можноста за рачно прилагодување на амортизерите зависно од условите на патеката, секако со опцијата за возење на пат. Вградена е и дигитална тркачка телеметрија која нуди следење на податоците во реално време внатре во кабина, а возачот може да ја архивира и во компјутер за попрецизна анализа подоцна.

Видливите гени вклучуваат голем сплитер кој стрчи исплазен под носот на Venom и го ограничува протокот на воздух под автомобилот. Во комбинација со рамниот стомак и продолжениот дифузор одзади овозможува масивен вентуриев ефект кој буквално го лепи родстерот за пат. Малите перки од страна дополнително го притискаат носот кон подлогата за подобро водење низ свијок. Масивното задно крило ја подобрува стабилноста генерирајќи вкупен негативен потисок од преку 360 kg при 300 km/h и преку 635 kg при 400 km/h. Инката, пак, која стрчи над кабината носи ладен воздух кон моторниот простор за дополнително ладење на врелата енергана.

ЧУВАЊЕ НА ЕКСКЛУЗИВНОСТА

За да ја сочува ексклузивноста на својот отровен родстер Hennessey предвидува ограничена серија од само 12 примероци. Интересно, веднаш по претставувањето, секој од дванаесетте Venom F5 Revolution Roadster го најде својот сопственик кој е подготвен да чека и до две години за да се сретне со својата нова играчка. Првиот од серијата е изработен во гол карбон-фибер и прекриен со лак полиран до перфекција за да ја истакне структурата на карбонот. Стилизиран е со впечатливи жолти линии кои се повторуваат и во кабината во која се седи во тркачки кади со волан инспириран од Формула 1. Уредувањето е минималистичко за да не се одвлекува вниманието на возачот, но не се бега од исполнување на желбите на клиентите.

Како ќе личат останатите единаесет примероци зависи токму од желбите на клиентите, а секако од желбите ќе зависи и цената која почнува од 3 милиони американски долари.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ