СО КОМПЛЕТИРАЊЕ НА ДЕВЕТ ТРКИ, СИТУАЦИЈАТА НА ВРВОТ НА ТАБЕЛАТА ВО ФОРМУЛА Е Е КРАЈНО НЕИЗВЕСНА
Стофел Вандорн, Жан Ерик Верње, Едоардо Мортара и Мич Еванс се издвоија како главни претенденти за тронот во кампањата за шампионската титула во 2022 година во светското првенство со болиди на погон од електрична енергија.
Откако направи еден круг низ Европа, оваа тркачка серија повторно се сврти кон интерконтиненталните локации како Индонезија и Мароко, а до крајот на сезоната во план се и трките во Њујорк, Лондон и Сеул. Токму Индонезија беше последна од оние кои се комплетираа, а во која славеше Мич Еванс со Јагуар, откако во драматичниот фото финиш со него низ целта минаа Верње и Мортара.
Патеката во Џакарта беше наменски направена за оваа трка, користејќи веќе изградени патишта околу еден комерцијален центар, но со реасфалтирање кое привлече внимание и донесе комплименти за организаторот. Тоа се должи на фактот дека вообичано градскиот асфалт нуди лош контакт на пневматиците, па дијаметралната спротивност ги пленеше возачите.
– Сосема е поразлично од она на што сме навиканти. Асфалтот секогаш е предмет на дискусија, а овој прави сосема поинаква интеракција со гумите. Со жештините кои ги видовме денеска, станува уште позафркнато за да се извлечат максимум перформанси. Организаторите завршиле одлична работа, асфалтот не се распаѓаше како што имаме видено на други патеки. Патеката беше во одлична форма од почеток до крај, беше забавно и поразлично, а тоа е она што прави да биде возбудливо,- рече Стофел Вандорн.
Дополнително, огромниот број на публика укажа дека Индонезија заслужува ваков спектакл и дека возачите сакаат да се вратат во Џакарта.
– Настанот беше одличен, возбудата која ја демонстрираше публиката, исто како и љубезноста со која не пречекаа, беше супер. Се надевам дека идната година ќе се вратиме тука, можеби и со трка во вечерни услови за да биде малку поладно,- изјави Ник Де Врис, укажувајќи дека трката на 33 степени Целзиусови и при 70% влажност на воздухот била исклучително напорна.
Токму жештината направи најдобрите времиња да бидат видени порано, па така времето на Верње од вторите тренинзи од 1:07,594 за круг не беше повторено, па во сите квалификациски сесии, вклучувајќи ги и директните дуели за првите места, се возеше половина секунда побавно! Сепак, Верње остана доследен и ги доби сите директни дуели, вклучувајќи го и полуфиналето со Мич Еванс, а во финалниот директен дуел се сретна со тимскиот колега Антонио Феликс да Коста кој беше побрз од Мортара.
Наспроти очекувањата дека Верње и Коста ќе донесат лесна „еден-два“ победа за тимот Течита, тоа не се случи поради добриот старт на Еванс, кој се вметна меѓу нив, а потоа Коста имаше и мало излетување со што ги остави Верње и Еванс да се борат за првото место. Двајцата возачи се менуваа на врвот благодарение на различните стратегии да ја користат енергијата, за на крајот да бидат достигнати од Мортара. Финишот донесе драма со три болиди еден зад друг на целната линија, но Еванс беше тој што прослави победа „низ иглени уши“.
– Неверојатно е чувството да се освои третата победа оваа сезона. Денеска имавме тешка физичка трка, бидејќи температурата и влажноста беа мошне високи. Сепак, успеавме да избереме вистинска стратегија за најголемиот дел од трката. Балансот на возилото беше одличен, но во последните пет круга почнаа проблемите со гумите. Во тие моменти морав да се бранам од Верње и Мортара, па благодарен сум на тимот што ми овозможи неверојатна трка. Со нетрпение ја очекувам следната во Маракеш,- гласи изјавата на победникот.
Стофел Вандорн заврши петти, зад Коста, жалејќи за пропуштената шанса да се најде на подиумот како што претходно му успеа на претходните две трки во Берлин, а пред тоа и победата во Монако. Тој е водечки во генералниот пласман со 121 поен. Жан Ерик Верње е единствениот во првата четворка што нема победа, но редовно собира поени со високи пласмани и со 116 е веднаш зад него, додека Едоардо Мортара има 114 благодарение на двете победи, но има и две незавршени трки. Уште поголем е контрастот кај Еванс на четвртото место со 109 бода, кој има три победи а, исто така, две незавршени трки и две трки со пласман на 10 место кое носи само еден поен.
Седмиот месец од годината ќе биде клучен за шампионската титула бидејќи во него се планирани пет трки (една во Маракеш, по две во Њујорк и Лондон), а финалето треба да биде во Сеул со две трки на 13 и 14 август.