ОТКАКО ВО ГОЛЕМ СТИЛ ЈА ОДНЕСЕ ПОБЕДАТА НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА АВСТРАЛИЈА ВО МЕЛБУРН, ФЕРАРИ НА СЛЕДНАТА ТРКА ВО ЈАПОНИЈА СЕ ЕТАБЛИРАШЕ КАКО ВТОРА ЕКИПА ЗАД РЕД БУЛ, НО ВЕЌЕ НА КИНЕСКОТО ГРАН ПРИ ВО ШАНГАЈ КОНКУРЕНТИТЕ ИМ ЈА ОТЕЖНАА ЗАДАЧАТА И ГИ НАПРАВИЈА ДУЕЛИТЕ ЗА ПОНИСКИТЕ ПОЗИЦИИ ПОИНТЕРЕСНИ
Макс Ферстапен ги однесе победите во Јапонија, а потоа и во спринт трката во Кина, како и на главната трка во неделата. Со ова тој се врати на победничките патеки покажувајќи доминација слична на онаа од минатата година. Сепак, на спринт трката во саботата, Луис Хамилтон внесе драматика борејќи се со Ландо Норис за второто место, но откако возачот на Мекларен (кој ја имаше пол позицијата во спринтот) отиде прешироко, загуби неколку позиции, па Перез и дуото од Ферари се најдоа пред него.
За разлика од ова, во квалификациите за главната трка Хамилтон направи грешка и испадна во првата сесија, па Ландо Норис и Фернандо Алонсо беа изненадувањата кои се најдоа веднаш зад Ферстапен и Перез.
Сензационалниот победник од Мелбурн, Карлос Саинц по квалификациите се најде на седмото место, зад тимскиот колега Шарл Леклер. Останува забележано дека обајцата се тркаа меѓу себе, особено на почетокот од трката, кога Леклер безмалку го истурка Шпанецот во вториот свиок. На крајот, тие двајца повторно завршија еден зад друг, но две позиции погоре, како четврти и петти, при што Саинц изјави дека можеле и подобро доколку не си биле конкуренти еден на друг.
Ова беше луда трка. Она што се случи на стартот меѓу мене и Шарл нè чинеше обајцата по едно или две места, а тоа подоцна се рефлектираше и во трката. Потоа, се обидовме да го следиме Мерцедес, но кога тој застана (во боксот – з.а.), застанавме и ние, па прерано ги ставивме тврдите гуми. Мислам дека денес петтото место беше максимум што можевме да добиеме, гласи мислењето на Саинц, кој дополни дека Ферари ќе направи истрага околу нивниот пад во перформансите, но сепак задоволен е што успеал да го задржи Расел зад себе.
Од таборот на Мерцедес „се отворија“ дека сепак овој болид не е на нивото на славните претходници и дека наскоро ќе поработат на неговото унапредување. – Испробавме две сосема различни штелувања на болидот за време на овој гран при викенд, но и во двата случаи стигнавме до слични времиња по круг. Потребно е да се поработи во фабриката, затоа што во Формула 1 колку повеќе имаш аеродинамични воздушен потисок, побрзо ќе возиш. Штелувањето е само цреша на врвот од тортата,- искрено објасни Џорџ Расел, апелирајќи до инженерите да продолжат со развојот.
НАДГРАДБА НА СИСТЕМОТ ЗА БОДУВАЊЕ
Акредитираните медиуми на трката во Кина пренесоа вест дека од идната сезона ќе биде унапреден системот на бодување во Формула 1, при што промени нема да има по прашање на водечките позиции. Тоа значи дека првите петмина и натаму ќе бидат наградувани согласно бодовната шема 25-18-15-12-10. Во моментов поени освојуваат 10 возачи, при што за пласманите од 6 до 10 место се употребува шемата 8-6-4-2-1, а според новиот предлог ќе се оди на 12 освојувачи на поени и шемата ќе се коригира во 8-6-5-4-3-2-1. Овој систем би требало да им помогне на екипите од втората половина на табелата бидејќи сега (по четири извозени трки) има три тима без бодови, а кога би се применувал новиот систем, би имало само една таква екипа. На овој начин, малите тимови ќе добијат поголемо внимание, а нивниот поредок ќе биде пресметуван врз база на поголема конзистентност во освојувањето поени, отколку еднократно изненадување. |
АЛОНСО ПОТВРДЕН, САИНЦ ШПЕКУЛИРА
Оваа година на возачкиот пазар ќе има извесни поместувања откако беше најавено дека Луис Хамилтон се сели во Ферари од 2025 година, но Мерцедес сè уште нема најдено замена за него. Ветеранот Фернандо Алонсо потврди дека ќе ја продолжи верноста кон тимот Астон Мартин, со што се иззема себе си од натамошните шпекулации. Карлос Саинц е највисоко рејтингуваниот слободен возач во моментов, кој заминувајќи од Ферари има можност да разгледува повеќе понуди. Бидејќи се очекува од Ред Бул да замине и Серхио Перез, се појавија шпекулации дека Саинц би можел да се најде и во „старото јато“, но Д-р Хелмут Марко за австрискиот весник „Клајне Цајтунг“ изјавил дека тие не можат да му понудат услови како другите тимови. Преговараме со него. Тој ја вози најдобрата сезона во Формула 1, но има мошне лукративна понуда од Ауди, што ние не можеме да ја достигнеме или натфрлиме, гласи изјавата на Марко за австрискиот весник. Од друга страна, шпекулациите за Мерцедес укажуваат дека тие посакуваат докажано име како Макс Ферстапен, но заинтересирани се и за опции да му овозможат камбек на Себастијан Фетел, или пак да лансираат нов млад возач како Андреа Кими Антонели. |
Имам впечаток дека нашиот болид е тежок за штелување, но и за возење, па поради тоа имаме осцилации во перформансите. Имајќи предвид на кое ниво е возилото, а тоа е далеку од оптималното, па не беше можно да се вози на лимитот. За трката во Мајами ќе имаме нови делови, па ќе биде интересно да се види како тие ќе се покажат откако ќе ги ставиме на возилото, најави тимскиот шеф на Мерцедес, Тото Волф.
Трката во Мајами е последна од воведната „прекуокеанска турнеја“ во календарот на Формула 1, по што карванот се сели низ Европа со трките во Имола и Монако.
Ферстапен има 110 бода на првото место во генералниот пласман, додека тимскиот колега Перез е втор со 85 бода. Возачите на Ферари и Мекларен се во дуел за позициите зад нив, при што Леклер води со 76 бода, Саинц има 69 бода, Ландо Норис 58 бода, а Оскар Пјастри е шести со 38 бода. Пилотите на Мерцедес и Астон Мартин следуваат за комплетирање на првата десетка.