СО ПРЕТСТАВУВАЊЕТО НА МОДЕЛОТ FABIA ВО 1999 КОМПАНИЈАТА ŠKODA ОТВОРИ НОВА СТРАНИЦА ВО ГРАДЕЊЕТО НА КОМПАКТНИ ХЕЧБЕК МОДЕЛИ, А БРОЈКАТА ОД 4,5 МИЛИОНИ КУПУВАЧИ Е ВИСТИНСКИ ПОКАЗАТЕЛ ЗА ПОСТИГНАТИОТ УСПЕХ. ПОРАДИ ТОА И ПРИ ПРЕТСТАВУВАЊЕТО НА НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА ЧЕСИТЕ НЕ ЈА МЕНУВАА ДРАСТИЧНО СВОЈАТА СТРАТЕГИЈА НА КОНСТАНТНА ЕВОЛУЦИЈА ЗА ГРАДЕЊЕ НА АВТОМОБИЛ ШТО Е ПРАКТИЧЕН И ЛЕСЕН ЗА СЕКОЈДНЕВНА УПОТРЕБА
Моделот Fabia во новата генерација носи многу повеќе од било кој друг конкурент во сегментот, полн со квалитетни решенија, секогаш притаен играч кој доаѓа од позадина, ненаметливо ги освојува симпатиите на публиката сè со цел да го добие одамна заслуженото место во класата.
ПРЕПОЗНАТЛИВИ ЛИНИИ СО НОВА ФОРМА
Екстериерот на новата Fabia доаѓа во ново обликувана и софистицирана форма, а голем дел од надворешноста е дизајниран да го оптимизира струењето на воздухот. Предниот дел на новата Fabia изгледа малку позатегнат и поспортски, стандардните LED предни светлосни групи се тесни и се протегаат сè до решетката на ладилникот. На долниот дел од браникот е поставен доводот на воздух со решетки кои по потреба се отвораат или затвораат во зависност кога на моторот му треба ладење, што ја подобрува аеродинамиката и ја намалува потрошувачката на гориво. Слично на поголемите модели на Škoda, на профилот од каросеријата се истакнуваат остри набори и прецизно повлечени линии. Спојлерот над задното стакло е уште еден клучен елемент кој дополнително ја зголемуваат аеродинамиката. На вратата од багажниот простор логото на марката го отстапува местото за името на моделот што е гордо испишано на средината по цела должина. Елемент што најмногу привлекува внимание секако се прекрасно дизајнираните задни светла кои црпат инспирација од потполно електричниот модел Enyaq и одлично легнуваат во севкупниот дизајн кај новата Fabia. Изгледот на надворешноста се потпира на постоечките постулати, со современ еволутивен „апдејт“ на дизајнот и задржување на компаниската филозофија.
ПРАКТИЧНО ОРГАНИЗИРАНА КАБИНА
Дополнителната севкупна должина на каросеријата се манифестира на најдобар можен начин во кабината на Fabia. На предните седишта комодитетот е можеби најдобар во касата, идеалната возачка позиција лесно се пронаоѓа, а видливоста е на завидно ниво благодарение на големите стаклени површини. Просторот на задниот дел е местото каде што највеќе профитира новата Fabia. Патниците имат многу повеќе место за колена отколку што е вообичаено за автомобил со оваа големина, што дури може да им парира на некои од развиканите мејнстрим хечбек модели од сегментот погоре. Дека инженерите извеле велемајсторски потези се отсликува и на багажниот простор кој има зафатнина од 380 литри, тој не е само меѓу најдобрите во сегментот, туку е со просечни габарити како возилата од една класа погоре. Користените материјали се одликуват со особен квалитет, а за подигање на атмосферата дел од нив се изведени во црн високо сјаен финиш, додека делот што се протега по средината на централната конзола е направен од мешавина на текстил и гума кој на допир наликува на „џинс“, навистина интересен детаљ. Дигитализацијата не го одминува ниту најмалиот претставник на чешката марка, па така пред возачот на местото на аналогните инструменти е поставен дисплеј задолжен за приказот на примарните параметри. Инфозабавниот дел е контролиран преку екранот со големина од 8 инчи кој воедно може да се поврзе со системите на модерните паметни телефони. Командите за управување со автоматската климатизацијата се физички одвоени, но за да се одбере брзината на дување потребно е дополнително притискање на копче за префрлање на инфозабавниот екран од каде ќе се одбере посакуваниот степен.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ТРИЦИЛИНДРИЧЕН ДИЗЕ |
ЗАФАТНИНА: | 999СМ2 |
МОЌНОСТ: | Максимална моќ: 59kW/80К |
МЕНУВАЧ: | 5-СТЕПЕНА МАНУЕЛНА ТРАНСМИСИЈА |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: БАРАБАН |
ГУМИ: | НАПРЕД 195/55 R16 ПОЗАДИ 195/55 R16 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.146 КГ. |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4.109/1.780/1.459ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
15.5 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
5,1 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
179 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
18.460 ЕВРА |
ОДЛИЧЕН ВО ГРАД, СТАЛОЖЕН НА ПАТ
Во новата иретација моделот се нуди исклучиво со бензински двигатели од две работни зафатнини со распон на сила од 65 КС до максимални 150 КС. Тестираниот примерок беше опремен со бензинскиот 1.0-литарски мотор со 80 КС кој претставува типичен трицилиндричен агрегат што и покрај недостатокот на турбополнач е способен лесно да ја задвижи каросеријата тешка 1.1 тон, иако поседува само 93 Нм влечна сила која е на располагање во целост при 3.700 врт/мин. Автомобилот е одличен за возење низ град и извршување на секојдневните обврски, од друга страна на отворен пат лесно ја одржува зададената брзина патувајќи со мирно и сталожено темпо. Во делот на перформансите, малата моторна опција го носи автомобилот од место на мирување до 100 км/ч за 15,5 секунди, а максималната брзина која ја постигнува е еднаква на 179 км/ч. Во полза на тестираниот примерок бенефитот оди на страна на потрошувачката, која за време на нашето дружење не се искачи над 6 литри на секои 100 километри. Возењето е удобно и е помеко сетирано што во комбинација со 16-инчните алуминиумски тркала на нашиот тест автомобил, обезбедува релаксирано возење. Под кожата на новата генерација на Fabia има значителни промени, сега ја користи платформата од која веќе неколку години бележат придобивки сестринските модели од групацијата. Новото издание на Škoda Fabia за многумина ги надминува стандардите во сегментот, созреа во многу попривлечен и далеку попрактичен автомобил кој со понудата на просторот во кабина и вонсериската големина на багажникот креира чувство на автомобил од една класа погоре.