СПУШТЕНА Е ЗАВЕСАТА НА УШТЕ ЕДНА СЕЗОНА ОД ФОРМУЛА 1, ПРИ ШТО ФЕРСТАПЕН ЗА РАЗЛИКА ОД ПРЕТХОДНО, ДОБРО СЕ НАМАЧИ ЗА ОВАА ВОЗАЧКА ТИТУЛА, НО СЕПАК РЕД БУЛ ОСТАНА БЕЗ ГЛАВНИОТ ПЛЕН – ТИТУЛАТА ЗА КОНСТРУКТОРИ ОДИ ВО РАЦЕТЕ НА МЕКЛАРЕН!
Портокаловата боја која е корпоративен заштитен знак на Мекларен од неговото основање, повторно е во мода! Овој пат, нејзиното интернационално име e поврзано со името на едно јужноамериканско овошје како објаснување за точниот колорит на нивните болиди – папаја! По дефиниција, за папајата се вели дека е освежувачка, а тоа не може да се негира ниту во смисла на Ф1 – свежината која ја внесоа Ландо Норис и Оскар Пјастри со неколку победи, а надополнето и со повремени изблици на перформанси од страна на Ферари, направија оваа сезона да биде навистина поинаква од претходните две во кои Ред Бул доминираше од почеток до крај.
Ѕвездените денови на Мекларен завршија откако Мика Хакинен и Дејвид Култхард возеа заедно во 1998 и 1999 година. Во `98 ги освоија двете шампионски титули (Хакинен поединечно, Мекларен како конструктор), а во `99 само Хакинен успеа да го повтори успехот. Екипата во 2007 беше на прагот да освои конструкторска титула, но беше казнета поради скандалот кога беа осомничени за шпионирање и поседување интелектуална сопственост која му припаѓала на Ферари.
Ландо Норис е роден во 1999 година и не ги памети тие шампионски денови, но сега е дел од поставата што успеа да направи нов рекорд – 26 години меѓу две конструкторски титули. Пред неговото деби во тимот кое се случи во 2019 година, Мекларен го достигна дното по раскинот со дотогашниот акционер Мерцедес, кој формираше сопствен тим. Во 2017 година тие беа пласирани на 9 место во генералниот пласман, по што го раскинаа договорот со Хонда и се вратија на погонот на Мерцедес.
Победата на Норис во Абу Даби беше десетта за возач кој стартувал од пол позиција, а интересно е што претходно никогаш не успеал да финишира меѓу првите четири на оваа патека. Ова е втора победа за него остварена со поаѓање од првата позиција, при што првиот ваков триумф го прослави во Сингапур оваа година.
Минатово десетлетие на патеката Јас Марина доминирале возачи од Мерцедес и Ред Бул, па победата на Норис е прва остварена од друг тим, по фамозната 2012 година кога Кими Раиконен со Лотус направи сензација и ја изговори славната реплика преку радио врската „оставете ме, знам што правам“.
Со овие 25 бода заработени во Абу Даби, Норис се етаблираше на второто место во индивидуалниот пласман, при што Макс Ферстапен имаше 437 бода, а тој 374 поени. Ферстапен имаше девет победи, Норис четири, додека Леклер со три победи стигна до 356 бода. Пјастри (292) ги прокнижи првите две победи во кариерата оваа сезона, а исто толку имаа и Саинц, Расел и Хамилтон, но секој од нив со уште помалку бодови на следните позиции.
Мекларен иако имаше само шест победи, наспроти оние девет на Ред Бул (сите на Ферстапен), успеа да стигне до првото место кај конструкторите со 666 бода, благодарение на фактот што неговите возачи имаа вкупно 21 пласман на подиумот. Ферари го заземе второто место, со четири победи – но 22 подиуми, од кои собра 652 бода. Ред Бул е трет на табелата со 589 бода (од кои 437 освоени од Ферстапен, а 152 од Перез), при што имаа вкупно 18 пласмани на подиумот (14:4 во корист на холандскиот возач).
Иако де факто се возеше јубилејната 75. сезона од светските првенства во Формула 1, некои нешта статистичарите ги забележаа дека се случиле по првпат.Во 2024 година се случи четири различни конструктори да имаат „еден-два“ победи во текот на сезоната. Исто така, за првпат четири различни конструктори победиле во четири или повеќе наврати. На возачка страна, нотирани се 7 имиња кои освоиле по две или повеќе победи. |
Ферстапен е шестиот возач во историјата на Формула 1 кој освоил (барем) четири титули. Тој сега е дел од величественото друштво во кое се Хуан Мануел Фанџо, Ален Прост, Михаел Шумахер, Себастијан Фетел и Луис Хамилтон.
На статистичарите не им избега ниту фактот дека во 2021 година за првпат се случи шампионот да биде познат во сабота, бидејќи тогаш се возеше спринт трка како дел од Големата награда на Катар. Трката во Лас Вегас се вози во сабота навечер во САД, но поради временската разлика на европскиот, азискиот, африканскиот и австралискиот континент гледачите ја следат во недела претпладне, па малкумина сфатија дека Ферстапен по втор пат станува светски првак ден порано од „нормално“.
Ферстапен немаше лесна задача како минатите две сезони, но сепак оваа сезона никој не го оспори неговото прво место на табелата. Уште повеќе, тој е на чело на табелата од 22 мај 2022 година, односно три сезони по ред, што според статистичарите е најдолгиот престој на оваа позиција, па дури и шампиони кои имаат повеќе титули од него (како Фанџо, Шумахер и Хамилтон), не можат да се пофалат со ваква низа.
Сепак, кога се во прашање освојување на поени, низата на Ред Бул брои 65 трки до сега, а Ферари го држи рекордот со 83 пласмани во поени остварени во времето од 2010 до 2014 година, кога нивните возачи (Алонсо, Маса, Раиконен) беа континуирано во врвот.
Откако на претходните шест трки Ферстапен имаше вкупно 35 кругови во водство, по освојувањето на титулата во Лас Вегас, се врати со победа во Катар.
Победата на патеката „Лосаил“ беше деветта сезонава за Холанѓанецот, при што во новинарските бележници ќе остане празно место по прашање на престигнувањата. Единствената промена на позицијата беше онаа кога Макс го помина Џорџ Расел на стартот од трката и влезе прв во првиот свиок. На претходните две беше видено сценариото „победа со старт од пол позиција“.
Новата сезона во 2025 година е предвидена да стартува со трките во Австралија и Кина на 16 и 23 март, по што возачите ќе имаат уште четири трки на разни локации низ Азија и САД пред да стигнат до Европа, каде што на 18 и 25 мај ќе се возат трките во Имола и Монако.
На почетокот од осумдесеттите години на минатиот век, кога трките во Лас Вегас беа дел од календарот на Формула 1, на тамошното гран при титулите ги имаат освоено и Нелсон Пике (1981) и Кеке Розберг (1982). Чудните патишта на судбините посакаа Ферстапен да е во врска со ќерката на Нелсон Пике и да ја освои титулата во Лас Вегас со пласман на 5. место, идентично како што и неговиот тест го стори тоа пред повеќе од 40 години. |