СО ПРВАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА KONA КОРЕЈСКИОТ ГИГАНТ HYUNDAI ПОКАЖА ДЕКА СМЕЛАТА И ПОИНАКВА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА ПОСТОЕЧКАТА ТЕМА МОЖЕ ДА БИДЕ УСПЕШНО ПРИФАТЕНА НА РЕЧИСИ СИТЕ ПАЗАРИ ВО СВЕТОТ. ЗА НОВАТА МОДЕЛСКА ГЕНЕРАЦИЈА ОД КОМПАНИЈАТА СЕ ОДЛУЧИЈА ДА ГО СЛЕДАТ ЗАЦРТАНИОТ ПАТ, ПА ТАКА ДИЗАЈНОТ ОСТАНУВА ПРЕПОЗНАТЛИВ, НО Е ПОСОФИСТИЦИРАН, СЕ КОРИСТАТ НАЈСОВРЕМЕНИ ТЕХНОЛОШКИ РЕШЕНИЈА, А ВОЗНИТЕ КАРАКТЕРИСТИКИ И КОМФОРОТ ОДАТ ЧЕКОР НАПРЕД
АВАНГАРДЕН ПРИСТАП
Возилата на Hyundai во последните неколку години се одликуваат со исклучително авангарден стилски јазик, што е веднаш забележливо штом сте малку поблиску и до возилото кое ни е отстапено на неколкудневно дружење. Новата, втора генерација на Kona црпи јасна визуелна инспирација од својот претходник, но сето тоа го подига на далеку повиско ниво. Највпечатлива визуелна карактеристика на новата Kona се дневните светлата кои се протегаат високо по ширината на предниот и задниот дел од каросеријата, тие му даваат на автомобилот доза на футуристички изглед кој е надополнет со не помалку забележливи масивни пластични панели што се протегаат по профилот на каросеријата кои навлегуваат длабоко во предниот и заден дел, а воедно служат и како „заштитни“ куќишта за светлосните групи. Севкупно гледано Kona ја следи смело поставената траекторија на својот претходник, создавајќи поларизирачки ефект што кај некои лица веднаш ќе наиде на воодушевување, додека на други можеби нема да им ги разбуди емоциите. Сепак, една работа е сигурна, а тоа е дека не постои кросовер во класата што изгледа толку интересно во живо.
РЕТРО-ФУТУРИСТИЧКИ
Новата генерација на Kona е значително поголема од оригиналот. Покрај надворешните димензии тоа највеќе се забележува преку меѓуоскиното растојание кое е за само 20 милиметри пократко од она на Hyundai Tucson што, пак, директно влијае на комфорот во кабината отворајќи простор за привлекување на многу поширока публика од порано. Смелите линии на екстериерот во внатрешноста се заменети со далеку посуптилни движења, што во исто време делува смирувачки и на моменти футуристички. Квалитетот на вградените материјали е на сосема коректно ниво, исто како и завршната обработка. Целата кабина одава впечаток на пространост и максимален комодитет. Тргнувајќи од предниот дел каде седењето е исклучително комфорно и добро поставено, па сè до задните седишта каде има повеќе од доволно простор за сместување на патници чија што висина го надминува просекот без да допираат со колената во седиштето пред себе или главата да им удира во кровот. За да ја зголемат сензацијата на пространост инженерите и дизајнерите дошле до решение со кое од централната конзола е отстранета рачката на автоматскиот менувач и е преместена на задниот дел од управувачкиот столб. Во случајов делува сосема логично решение на кое веднаш се навикнувате. Багажниот дел располага со варијабилна полица која овозможува максимална зафатнина од сосема доволни 407 литри, а доколку се собори задниот ред седишта волуменот расте на 1.241 литри што без проблем може да послужи за транспорт на погабаритни предмети. Дека Kona е возило од најновата генерација ни покажуваат и двата 12.3 инчни екрани кои се меѓусебно поврзани. Првиот е задолжен за приказот на примарните функции кои се најважни за возачот, додека вториот е одговорен за инфозабавата чиј „интерфејс“ наликува како оној кај паметните телефони, па дури дозволува и да го персонализирате според вашите потреби. Поврзувањето со оперативните системи на Android и Аpple се тука доколку целосно сакате да го пресликате вашиот мобилен телефон.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБОБЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 1.598CM3 |
МОЌНОСТ НА АГРЕГАТОТ: |
198 КС при 6.000 врт/мин |
МЕНУВАЧ: | 7 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧЧ |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ПОТПИРАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: MULTILINK |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД: 215/55 R17, НАЗАД: 215/55 R17 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.360 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4350/1825/1580 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
7.8 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
5.9 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
210 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
35.300 ЕВРА |
СПРЕТЕН ИЗБОР
Под предниот поклопец (капак) на тесттираната Kona работи најмоќниот четирицилиндричен бензински турбо агрегат во понудата. Неговата зафатнина изнесува 1.6 литри и произведува 198 КС при максимални 6.000 врт/мин. Додека максималната влечна сила од 265 Nm е расположива во зоната од 1.600 до 4.500 врт/мин. Кога овие вредности ќе ги споите со исклучително добро пресметаниот 7 степен автоматски менувач со двојна спојка се добива затскриен спортист.
Kona во оваа конфигурација својата сила ја испраќа кон предната оска и се одликува со прилично мазна работа, а знае и силно да повлече низ средниот дел од опсегот на вртежи. Eкономичностa зависи од условите и перформансите кои ги наметнува возачот, а како опција се понудени и неколку различни режими на работа. За време на дружењето успеавме да постигнеме комбинирана потрошувачка од просечни 9 литри на 100 изминати километри, што е повеќе од фабрички декларираната вредност, но е сосема фер за моќноста со која располага. Максималната брзина е на прагот од 210 км/ч, додека од место до 100 километри на час стигнува за 7.8 секунди. Со должина од 4.350 мм Kona одлично се справува во градски услови на користење. Повишениот клиренс и коректно подесеното потпирање делуваат многу ефикасно низ лошите градски улици. Крстосувањето на отворен пат го покажува второто лице, возилото едноставно се претвора во средина каде комодитетот е во прв план. Но, ако затреба подвозјето е спремно да вози и подинамично по патишта полни со свиоци. Севкупното искуство вели дека не е чистокрвен спортист, но добриот баланс уверува дека може да донесе повеќе забава од колку што тоа изгледа на прва топка.
Со секој нов модел Hyundai покажува дека возилата од нејзината гама имаат сопствен идентитет и карактер кој го градат низ годините. Моделот Kona е СУВ што е замислен како позабавен одговор за живот на градскиот асфалт, а воедно е пристојна алтернатива за пошироките потреби на целото семејство.