ВО ПРЕСРЕТ НА ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИЦИ – ВЕЛИГДЕН, КОГА СЕ СЛАВИ ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ, ЧИЈА СИМБОЛИКА Е ПОБЕДАТА НА ЖИВОТОТ НАД СМРТТА, ПОДГОТОВКИТЕ ВЕЌЕ СЕ ВО ТЕК: 40-ДНЕВНИТЕ ПОСТИ, УКРАСУВАЊЕТО НА ДОМОТ, ВАПСУВАЊЕ ЈАЈЦА…
Велигден ја претставува сржта на христијанството, а тоа е победата над смртта преку жртвувањето и страдањето. Денот на Христовото воскресение ѝ припаѓа на групата „менливи“ празници, но секогаш, без исклучок, паѓа во недела. Датата се одредува согласно лунарниот календар. Имено, денот – неделата е неменлива во седмицата кога полната месечина се јавува по пролетната рамноденица. Православниот Велигден никогаш не може да биде порано од 4 април, ни подоцна од 8 мај. Секогаш му претходи главниот еврејски религиозен празник – Пасха. Оваа година се прославува на 5 мај, додека припадниците на западната, римска христијанска вероисповед и заедница – католиците го слават на 31 март.
Подготовката на верниците за Велигден (денот на Христовото воскресение) како една од најзначајните догми на христијанството е особено важна. Нему му претходат велигденските пости, заедно со неколкуте важни празници. Во првата недела на постите се прославува Тодорова сабота (23 март), денот е посветен на светиот великомаченик Теодор Тирон, кога во домовите на православците се вари пченица како за слава. На тој начин всушност се одбележува споменот за него. Лазарова сабота (27 април) е во чест на воскреснувањето на Лазар, денот пред Цветници – Цветна недела (28 април), кога Христос влегол во Ерусалим, заедно со своите ученици. Вечерните богослужби некаде се проследени со светење врбови ластари кои се делат на верниците. Ова е празник на децата со што почнуваат официјално и велигденските празници.
Неделата (седмицата) пред Велигден се нарекува и страсна, деновите од понеделник до петок се означени како велики. Петтиот ден во неделата е најтажниот, кога Исус го распнале на крст со венец од гранки покриени со трње на главата наместо круна. Велики петок (3 мај) всушност е ден исполнет со тишина, ниту се пее, ниту се игра, црковните ѕвона не ѕвонат. Литургија се служи само ако се поклопува со Благовец. Православниот народ се протнува низ распосланата плаштаница пред олтарот, откако ќе ја целива, ќе си замисли желба и ќе се помоли на Бога за нејзино исполнување. Во некои региони не се погребува на Велики петок бидејќи се верува дека извршувањето погреб ја растројува земјата во која почива Христос.
Претходниот ден – Велики четврток (4 мај) се вапсаат црвени јајца. Домаќинките стануваат рано за пред изгрејсонце да ги бојадисаат првите три. Ваквата црковна традиција датира од првиот век по Христа. Инаку, вапсувањето се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици, наследниците за што сведочи и евангелието. Велигденското јајце е старо колку и христијанството. Симболиката на црвената боја е токму победата.
Со текот на времето, јајцата почнале да се фарбаат и во други, различни бои. Така е и денес. Колоритот всушност е својствен за овој христијански празник. Исто така и за украсувањето на домот. Се чини дека трендовите не го заобиколуваат ни него. На пример, годинава се фаворизира бојата на златото. Такви се дури и пакувањата на чоколадните јајца што ги прават самостојните и кондиторите на познатите стоковни куќи, меѓу нив и Fortnum’s.
Идеално за љубителите на чоколадата, во исто време и на темнината и на светлината, јајцето е обвиено со златна алуминиумска фолија. Внатре има чоколадни бонбони со полнежи од јатки, карамел, путер, суво грозје. Вкупната тежина изнесува 227 г.
Иако е британска, годинава стоковната куќа соработува и со Италија (Тоскана) каде што се прават чоколадните јајца со минимум 71% какао и бадеми од Сицилија. Чоколадата малку е лута. Секое јајце тежи 190 г. Замотано е, исто така, со алуминиумска фолија во боја на злато.
Во годинашната колекција чоколадни јајца на бриселскиот слаткар Пјер Марколини спаѓаат и оние со тежина од 500 г. Иако се направени од бела чоколада, бојосувањето е со природни прашоци од јаболко, лимон, ‘рдоква, рибизла, шафран, па дури и од алгата спирулина. Украсени се со ф’стаци, сушено овошје и нугат „монтелимар“, а внатре има 20 јајценца со бисквити, пралине…