ВО ПОСТОЈАНАТА ЕКСПАНЗИЈА НА SUV И „КРОСОВЕР“ ВОЗИЛА, МОДЕЛИТЕ ИМААТ ТЕШКА ЗАДАЧА ДА СЕ ИЗДВОЈАТ ВО ЖЕСТОКАТА КОНКУРЕНЦИЈА, ЗАТОА СЕКОЈ ПРОИЗВОДИТЕЛ СЕ ОБИДУВА ДА ПОНУДИ АВТОМОБИЛ ШТО ТРЕБА ДА ПОСЕДУВА НЕШТО ПОСЕБНО ЗА ДА СЕ ИСТАКНЕ. TOYOTA ВО БОРБАТА ВЛЕГУВА СО HIGHLANDER КОЈ ШТО ГИ ИМА СИТЕ ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ КОИ ТРЕБА ДА МУ ДОНЕСАТ УСПЕХ И НА ЕВРОПСКО ТЛО
Моделот Highlander е автомобил што всушност се продава многу години, а сепак е потполно нова приказна во Европа. Пазарите во Северна Америка, Јапонија и Австралија ги имаат во понудата од претходните три генерации, од кои првата беше лансирана во 2000-та година. Растот на побарувачката на европските пазари на СУВ возила со 7 седишта ја убедија Toyota последната генерација да ја понудат на стариот континент, вклучително и на нашиот пазар, покажувајќи дека Highlander всушност станува вистински „светски автомобил“.
МОЌНО ПРИСУСТВО
Оваа креација на Toyota се сместува во опсегот помеѓу RAV4 и Land Cruiser, а неговата големина и формат со 7 седишта го ставаат против слично ориентирани ривали од европско и корејско потекло во SUV сегментот. Затоа, креаторите од јапонската марка на моделот Highlander му подготвија остар надворешен изглед кој како појдовна точка го зема дизајнерскиот јазик од тековната генерацја на RAV4, што на некој начин се обидува да го направи покомпактен. Но сепак, неговите габарити создаваат моќно присуство на патот што еповеќе од забележително. Најсилниот впечаток го остава предниот дел, благодарение на тенките и остро изведени светлосни единици и масивната маска на ладилникот. Страничната силуета покажува силни, мускулести движења над тркалата, особено кога погледот се движи кон втората половина од возилото. За разлика од остатокот, обликот на задниот дел делува сосема смирено и донекаде класично, создавајќи соодветен баланс на целиот екстериер.
ПРОСТРАНОСТ КОЈА ВООДУШЕВУВА
Позитивниот впечаток кој го остава надворешноста на Highlander се преточува во внатрешниот дел. Секако, неговата кабина е она што е најважно за семејните купувачи. Стандардниот распоред со седум седишта и пространоста на кабината е делот кој воодушевува. Поставеноста и дарежливиот габарит на предните седишта ги прави долгите релации вистинско уживање. Седиштата од вториот ред се лизгаат напред и назад, а делот за потпирање може да се подесува под агол. Подот е скоро рамен, а контролата на климата на задните седишта е стандард на во целиот опсег.
Последниот (трет) ред седишта може да прими и возрасни лица, но сепак најмладите патници ќе се чуствуваат најудобно на таа позиција. На крајот, стандардно доаѓа просторот за багаж, каде Highlander повторно импресионира, Toyota овој модел не го пласира како спортски теренец, наместо тоа ја истакнува неговата одлична практичност и конфигурабилност. Кога двата реда на задните седишта се спуштени добивате 1.909 литри товарен простор, 938 литри изнесува зафатнината кога се користат само два реда седишта, а дури и со сите три реда во функција можете да пренесете габарит од 305 литри, што е на ниво како кај некои хечбек модели. Во однос на квалитетот на материјалите и завршната обработка во Highlander забелешка може да најдат само најпребирливите. Единствената замерка оди на сметка на инфо-забавниот систем кој во 8 инчната верзија делува дека му недостасува модерна софтверска поддршка и бистрина на приказот.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН БЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 2.487СМ3 МОЌНОСТ: 190 КС При 6.000 врт/мин. (ел.мотор напред 182 КС+ел.мотор позади 55 КС) Вкупно 248 КС |
МОЌНОСТ: | 190 КС При 6.000 врт/мин. (ел.мотор напред 182 КС+ел.мотор позади 55 КС) Вкупно 248 КС |
МЕНУВАЧ: | E-CVT БЕЗСТЕПЕНА ТРАНСМИСИЈА |
ПОГОН: | НА СИТЕ ЧЕТИРИ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: | НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: НЕЗАВИСНО ПОТПИРАЊЕ СО ДВОЈНИ НОСАЧИ |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 235/55 R20, ПОЗАДИ 235/55 R20 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: | 2.100 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4.966X1.930X1.755 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: | 8.3 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: | 65 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: | 180 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ | 53.991€ |
ХИБРИДОТ Е ЕДИНСТВЕНА ОПЦИЈА
Во Европа Highlander доаѓа со најновата итерација на докажаниот хибриден систем на Toyota кој користи ефикасен 2.5-литарски бензински мотор со природна аспирација што продуцира 190 КС и работи во тесна поврзаност со електричен мотор со 182 КС задолжен за погон на предните тркала и електрo мотор со моќност од 55 КС кој ги движи задните тркала. Вкупната моќност на хибридниот систем по сложена пресметка изнесува максимални 248 КС. Преносот е изведен преку електронски контролиран менувач со континуирана варијабилна трансмисија (CVT), додека силата се пренесува на сите тркала преку интелегентниот AWD-i систем што моментално ја менува испораката на вртежниот момент помеѓу предните и задни тркала во зависност од условите.
Како дополнување се и однапред сетираните режими за возење „Eco“, „Normal“ и „Sport“ кои ги менуваат карактеристиките на менувачот и работата на моторот, а тука е и копчето „EV“ кое има за цел за да ја максимизира употребата на батеријата и овозможи возење на пократки дистанци со нула емисија на штетни гасови. Делот од перформансите изгледаат вака: забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8,3 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч.
Отстапката од декларираната потрошувачка не е голема, за време на неколкудневното дружење трошевме 8,9 литри на секои 100 изминати километри, за што сметаме дека е постигнување за респект, особено ако се земе тежината на возилото кое без патници тежи речиси 2,1 тони.
Трендовите се менуваат, па така во последно време се повеќе возачи бараат алтернатива за дизелските возила при изборот на следен автомобил, Јапонската марка преку Highlander нуди совршено решение, како традиционален хибрид што е тивок, чист и ефикасен низ град, а исклучително комфорен кога со него се патува на подолги дистанци. Неговиот простран распоред со седум седишта и сериозно добро опремената кабина сигурно ќе наидат на одбрување кај големите семејства кои можат да си дозволат и малку луксуз, по се изгледа дека Toyota добро го темпираше воведувањето на Highlander во европската понуда.