СО РЕСТИЛИЗИРАНАТА KUGA, FORD ЈА ДЕМОНСТРИРА СВОЈАТА СПОСОБНОСТ ДА ЈА ЗАДРЖИ КОНКУРЕНТНОСТА НА ПАЗАРОТ ВО БРЗОРАСТЕЧКИОТ СУВ СЕГМЕНТ. ОВОЈ МОДЕЛ, КОЈ ВЕЌЕ ДОЛГО ВРЕМЕ Е СИНОНИМ ЗА УДОБНОСТ И ПРАКТИЧНОСТ ВО СЕМЕЈНИОТ ЖИВОТ, СЕГА ДОАЃА СО НОВИ ЕСТЕТСКИ ПОДОБРУВАЊА И НЕКОЛКУ ВАЖНИ МЕХАНИЧКИ АЖУРИРАЊА. СЕКОЈДНЕВНАТА ВОЗАЧКА АВАНТУРА СЕГА Е ПОИНТЕРЕСНА, БЛАГОДАРЕНИЕ НА ОСТРИОТ ДИЗАЈН, ПРОШИРЕНАТА ПОНУДА НА ОПРЕМА И ЕФИКАСНИТЕ ХИБРИДНИ ПОГОНСКИ ОПЦИИ. ОВА Е ВАЖЕН ЧЕКОР НАПРЕД ВО ОДРЖУВАЊЕТО НА СВЕЖИНАТА И РЕЛЕВАНТНОСТА НА KUGA, ОСОБЕНО ВО УСЛОВИ НА СÈ ПОГОЛЕМА КОНКУРЕНЦИЈА
РАФИНИРАНИ ВИЗУЕЛНИ ПОДОБРУВАЊА
Новиот дизајн на Kuga носи неколку клучни промени во естетиката на возилото, кои го подобруваат неговиот визуелен идентитет. Највидливите подобрувања се на предниот дел, каде што редизајнираната решетка за воздух и новиот браник создаваат пософистициран и динамичен изглед. Решетката сега има поизразен облик, а отворите на браникот се редизајнирани за да овозможат подобра естетика и функционалност. Новите светлосни групи, поврзани со светлечка „coast to coast“ лента, додаваат модерна нота, која го прави предниот дел на возилото да изгледа поелегантно и подинамично. Од страната, Kuga ја задржува познатата силуета, но со неколку фини промени кои го подобруваат изгледот на возилото. Новите 18-инчи леснометални бандажи и заштитните пластични обраби додаваат посилен „теренски“ карактер. Задниот дел е релативно непроменет, со светлосни групи кои имаат сличен облик како кај претходната генерација, но со нова графика која додава свежина на дизајнот. Посебно треба да се спомене и новата „Active“ опција за опрема, која е поставена повисоко од подлогата, идеална за возачи со авантуристички дух. Тест моделот доаѓа во ексклузивната зелена боја, која дополнително ја нагласува уникатноста и карактерот на возилото.
ВНАТРЕШЕН ПРОСТОР СО НОВО НИВО НА УДОБНОСТ
Ford Kuga не е само надворешно освежена, и внатрешноста е доживеана со нова доза на стил и функционалност. Еден од најзначајните новитети е новиот 12,3-инчен екран кој служи за основните возачки функции, а централниот мултимедијален дисплеј сега изнесува 13,2 инчи и работи со најновата четврта верзија на SYNC системот. Управувањето со мултимедијата и другите функции преку дисплејот е поедноставено и логично, благодарение на подобрениот интерфејс.
За да се создаде поквалитетно искуство, внатрешноста е редизајнирана со употреба на повисококвалитетни материјали. Текстурите на седиштата и обложувањето на внатрешноста значително го подобруваат чувството на луксуз. Предните седишта се поставени повисоко, што овозможува одличен преглед на патот и чувство на контрола. Ова е особено корисно при возење во урбани средини и теренски услови. Просторот на задните седишта е повеќе од доволен за комфор на сите три патници, без оглед на нивната висина. За разлика од некои конкуренти, Kuga нуди поголема просторност на задните седишта, што ја прави идеален избор за повеќечлени семејства. Багажниот простор со капацитет од 421 литри е повеќе од доволен за секојдневни потреби, а со соборување на задната клупа се зголемува на 1.534 литри, што овозможува пренос на покабасти предмети.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБОБЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 2.488CM |
МОЌНОСТ НА АГРЕГАТОТ: |
183 КС При 4.000 врт/мин |
МЕНУВАЧ: | БЕЗСТЕПЕН CVT МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА СИТЕ 4 ТРКАЛА |
ПОТПИРАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: MULTILINK |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 225/60 R18, ПОЗАДИ 225/60 R18 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.690 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4.645Х1.8.82Х1.683 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
8.3 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
5.8 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
196 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
54.900 ЕВРА |
ХИБРИДНИОТ ПОГОН ИЗБИВА ВО ПРВ ПЛАН
Со новите промени, дизелските мотори се веќе дел од минатото, а Kuga сега нуди три бензински мотори. Основниот е 1.5-литарски турбо бензинец, додека другите две верзии се хибридни. Самополнечката (FHEV) хибридна верзија комбинира 2,5-литарски бензински мотор со електричен мотор, кои заедно произведуваат системска моќност од 183 КС и 320 Нм. Електричниот мотор користи мала 48-волтна батерија со капацитет од 1,1 kWh, што овозможува кратки растојанија да се поминат само на електрична енергија. Клучната предност на хибридниот систем е можноста за регенеративно сопирање, кое ја враќа енергијата во батеријата што ја складира за подоцнежно користење. Ова значи дека нема потреба од постојано полнење на батеријата, што го прави возилото практично за секојдневна употреба. Перформансите се одлични за оваков тип на возило, Kuga забрзува од 0 до 100 км/ч за 8,3 секунди и има максимална брзина од речиси 200 км/ч. За време на тестирањето, потрошувачката беше околу 8,2 л/100 км, што е нешто повисоко од декларираните 5,8 л/100 км, но со внимателно возење може да се постигне пониска потрошувачка. Моделот Kuga е препознатлива по својата извонредна возна динамика, карактеристика што ја делат сите модели на Ford. Управувањето е прецизно и дава чувство на сигурност при возење, особено при влегување во свијоци. Оваа динамика ја прави Kuga идеална не само за урбано возење, туку и за авантуристички патувања. Погонот на сите тркала е уште еден значаен адут, кој овозможува сигурно управување на различни типови на патишта и терени. Покрај тоа, неколкуте модови за возење овозможуваат адаптација на возилото според условите на патот, што дополнително го зголемува уживањето при возење.
Рестилизираната Kuga нуди уникатни карактеристики кои ја издвојуваат од конкуренцијата. Комбинацијата на стил, технологија и перформанси го прави овој СУВ идеален за секојдневно користење, но и за подолги патувања и авантури. Опциите за хибридни погони и погонот на сите тркала се значајни фактори кои ги привлекуваат современите купувачи, додека подобрениот дизајн и квалитетот на внатрешноста придонесуваат за луксузно чувство. Со новиот изглед и напредната технологија, Kuga е подготвена да ги освои срцата на сите оние кои бараат модерно и практично СУВ решение.