ТРЕТИОТ МОДЕЛ ВО ТРИ ДЕЦЕНИСКОТО ПОСТОЕЊЕ НА PAGANI, UTOPIA, Е ПРОИЗВОД НА МЕЧТА ПРЕТВОРЕНА ВО НЕШТО РЕАЛНО, НЕШТО ОПИПЛИВО, НЕШТО КОЕ Е СПОСОБНО ДА ПРЕДИЗВИКА НЕИЗМЕРНО ЗАДОВОЛСТВО
Италијанскиот производител на автомобили, или поточно, ателје за креирање на автомобилска извонредност Pagani Automobili, ја претстави својата трета креација наречена Utopia. Името доаѓа од познатото дело на филозофот Томас Мор, кој во 1516 година ја напишал книгата Утопија како претстава за место кое е совршено, недостижно. Оттогаш поимот утопија се користи кога се опишуваат нешта кои се идеализирани, или за кои сонуваме. Меѓутоа за Хорасио Пагани основачот и движечката сила на Pagani Automobili, човекот кој сонот за совршен автомобил го претвори во јаве, Утопија постои. И тој не само што успеа да ја пронајде, туку ја претвори во нешто опипливо, нешто реално, нешто кое е способно да предизвика неизмерно задоволство. Тоа е Pagani Utopia.
ВО ЧЕСТ НА ТРИ ДЕЦЕНИИ ПОСТОЕЊЕ
Годината 1992 се смета за почеток на постоењето на Pagani Automobili, бидејќи истата година основачот Хорасио Пагани започна со конструирање на својот прв автомобил под кодна ознака C8. Овој проект стана реалност во 1999 година на салонот на автомобили во Женева. Тогаш светот за првпат ја виде Pagani Zonda во полно светло. Автомобил кој воодушевуваше со својот дизајн, техничко совршенство и перформанси. И што е уште поважно, со своето звучно име се претвори во легенда и го стави Pagani на светската мапа како производител на автомобилска извонредност.
Дванаесет години по Zonda, развиена под кодна ознака C9, во 2011 година на светската автомобилска сцена настапи Huayra. Таа користеше далеку понапредна технологија како материјалот карботаниум, инвенција на Pagani, лесна и цврста композиција од карбон-фибер и титаниум, или, пак, активна аеродинамика која ја исклучи потребата од масивни спојлери.
Следствено на ред дојде проектот С10 кој после 6 години развој стана реалност. Трет модел во 30 годишната историја на Pagani чие име не е асоцирано со ветер. Zonda е истоимен ветер којшто дува по падините на аргентинските Анди со брзини и до 240 km/h, додека Huayra го носи името на истоимениот бог на ветрот од митологијата на Инките. Името, пак, на оваа најнова креација ја носи филозофијата на Pagani во друга насока.
ЕДНОСТАВНОСТ, ЛЕСНОТИЈА И ЗАДОВОЛСТВО
Трите термини од овој поднаслов ја објаснуваат суштината под чија водилка е создадена Pagani Utopia. И без да се опишува, или доживее, овие термини нераскинливо се врзуваат за Utopia само преку гледање на фотографиите. Не сакајќи да лови во матно, без оглед на своите замисли за новиот автомобил, Хорасио Пагани одлучил да ги замоли своите најверни клиенти кои со нетрпение ја очекуваат секоја негова креација, да ги изразат своите желби, да кажат што им недостасува. Во сите нивни образложенија трите термини се повторувале одново и одново. Затоа Utopia не носи хибриден погон, не носи тешки батерии, нема роботизиран менувач со две спојки, нема огромни екрани во кабината. Само убаво навиен V12, рачен менувач и подвозје и аеродинамика кои се грижат автомобилот да реагира подобро и побрзо од било кој друг на секоја реакција на возачот, и да соработува со него додека ја доживува најчистата форма на возачко уживање.
СЕКОГАШ ПОДГОТВЕН НА СПРИНТ
Навиениот V12 доаѓа директно од ергелата на Mercedes-AMG со кого Pagani веќе традиционално соработува од своите почетоци. Новиот 6.0 литарски битурбо V12 е специјално развиен за Utopia. Во неговиот развој е вложен огромен труд за да одговара со светските важечки регулативи за емисија на издувни гасови. Дури и оние најстрогите кои важат во Калифорнија. Моторот е навиен на 864 КС при 6.000 min-1 и испорачува масивен вртежен момент од 1.100 Nm кои стојат на располагање меѓу 2.800 и 5.900 min-1. Максималниот број на вртежи е подигнат на 6.700 min-1. Моторот е спарен со напречно поставениот менувач кого специјално за Utopia го изработува специјалистот Xtrac. Вака поставен не стрчи далеку зад задната оска со што се смалуваат инерциските сили кои водат до над управување во свијоци. Во него вртат хеликоидни запченици како кај тркачките автомобили и нудат екстремно брзо менување низ седумте степени. Соодносот на преносните односи е внимателно одбран да одговара со карактеристиките на Utopia. Спојката е со три ламели, а диференцијалот е електронски управуван. Катапултирањето од место до 100 km/h се случува во помалку од 3 секунди и трае сѐ додека не се достигнат максималните 370 km/h.
ЧУВСТВО ЗА СЕКОЈА СПЕЦИФИЧНОСТ НА ПОДЛОГАТА
Подвозјето претрпело опсежни тестирања за фино дотерување на сетапот. Како тест лабораторија послужила Huayra R. Главчините на тркалата со шасијата се поврзани преку двојни напречни водилки. Секој елемент е изработен од кована алуминиумска легура и наликува на мала уметничка скулптура со неизбежниот потпис Utopia. Пружините се хеликоидни и во нив се вметнати полуактивни коаксијални амортизери врзани со водилките преку пуш-род систем. Сетапот е дотеран за да напаѓа свијоци и да не дозволува понирање при силно сопирање на патека, а во исто време благодарение на повеќето модуси на работа овозможува комфор при возење на пат.
За сопирање е задолжен новоразвиениот систем на Brembo составен од карбон-керамички вентилирачки бушени дискови. Предните од 410 х 38 mm ги зафаќаат шест клипни моноблок сопирачки клешти, а задните од 390 х 34 mm ги зафаќаат четири клипни моноблок сопирачки клешти. При тоа се водело сметка дури и сопирачките клешти да бидат изработени во стил на мали уметнички ремек дела. Сето ова го покриваат ковани алуминиумски монолитни бандажи на APP Tech обуени во гуми на Pirelli специјално развиени за Utopia. Предните P Zero Corsa мерат 265/35 R21, a задните 325/30 R22. За во зима тука се гумите Sotto Zero со исти димензии.
СКУЛПТУРА НА ТРКАЛА
Pagani Utopia недвосмислено може да се поистовети со скулптура на современа уметност поставена на тркала. И не само гледано од надвор, туку и внатре. Пристапот кон едноставен, а функционален дизајн довел до смалување на бројот на панели кои ја сочинуваат каросеријата. Деталите инспирирани од дизајнерски ремек дела од 1950-те години ја прават Utopia единствена бидејќи не престанува да одушевува при секоја средба. Истото важи и за внатрешноста која се доживува како најфино изработен филигран и оди спротивно од сите модерни правила на екранизација. Современата ретро естетика со аналогни инструменти кои откриваат делови од нивните механизми заедно со рачката од менувачот делуваат како подвижни егзоскелети чие сино осветлување дополнително ја нагласува нивната уникатна претстава.
Оваа технички совршена уметничка креација е предвидена да биде произведена во 99 бројки со почетна цена од 2.150.000 евра. Но, без брзање. Цела продукција веќе е продадена на верните клиенти на марката.