НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА МОДЕЛОТ 508 ГО МЕНУВА ПРАВЕЦОТ НА ДВИЖЕЊЕ НА БРЕНДОТ, СО ОВОЈ ПОТЕГ PEUGEOT ЈА ПРЕТСТАВУВА СОСЕМА НОВОТА ВИЗИЈА СО КОЈА ИЗЛЕГУВА ОД СТАНДАРДНИТЕ РАМКИ ЗА КРЕИРАЊЕ ЛИМУЗИНА И ОДИ ВО ПРАВЕЦ КАДЕ ШТО НА АВТОМОБИЛОТ МУ ПОДАРУВА КУПЕ ФОРМА.
ИНСПИРИРАН ОД КУПЕ
Во споредба со претходнaта генерација, новиот Peugeot 508 јасно покажува дека дизајнерите играат со емоциите и преферира да го покаже најдоброто од препознатливиот француски висок стил. Речиси невозможно е да не го забележите неговиот облик по кој се издвојува од конкурентите во класата. Елегантниот, софистициран и атлетски стил на каросеријата јасно покажува дека акцентот е ставен на креирање автомобил со оптимални пропорции, инспириран од купе, што ги поседува сите карактеристики на седан. На предниот дел доминираат нетипичната решетка на ладилникот и обликот на светлата, чии што делови длабоко навлегуваат во браникот со што е добиен маркантен светлосен потпис кој е веднаш забележлив и пре- познатлив за овој модел. За ефектот да биде потполн се грижат вратите без рамка, чија што елеганција се надоврзува на силуетата која ја красат совршено чистите линии со што од друга страна, пак, е добиена бескомпромисна естетика. Задениот дел со својата слегувачка линија на кровот и нагласените крила во облик на цврста мускулатура го истакнуваат атлетскиот став на 508. Кон новиот дизајнерски правец се надоврзува и хоризонтално поставената сјајна црна лената која ги спојува задните светла со тројна канџа со што дополнително се нагласува тридимензионалниот ефект на целиот светлосен склоп. Компанијата „Peugeot“ е позната по своите успешни дизајнерски промени, затоа новата генерација на моделот 508 повеќе не е класичен седан, туку купе лимузина со 5 врати и соодветно пропорционална силуета.
УМЕШНО СКРОЕНА КАБИНА
Како што на екстериерот е работено со цел да се измени сè од корен, таков пристап дизајнерите имале и при креирањето на кабинскиот простор. Обликот кој што го диктира надворешноста побарува ентериерот да биде создаден по теркот на најдобрите примери од француската школа на градење. Пред возачот доминира малиот управувач со неконвенционален облик кој веќе станува заштитен знак за речиси сите возила на Peugeot, а тука е вкомпониран во својот можеби најспортски облик. Како замена за секундарните прекинувачи свое место земаат познатите типки од пијано, кои гарантираат брз и лесен пристап до дел од подсистемите, како аудиосистемот, климатизацијата, навигацијата, мобилни апликации. Зад малиот управувач е интегриран i-Cockpit од последната генерација, со 10-инчен екран кој му овозможува на возачот да избере како приказ и кои информации ќе му бидат презентирани. На предните седишта просторот ќе ги задоволи и најпребирливите, но спортскиот изглед и намалената висина на каросеријата влијаат врз влезот на задната клупа, тоа се забележува во пределот на горниот дел каде што данокот го плаќа ограничениот простор, сепак откако ќе се сместат удобноста за двата патника одзади е како во нормален седан. Иако, однадвор не делува така, багажникот е со правилен облик, а големата врата овозможува непречен пристап до неговиот капацитет од 487 литри што е доволно да ги задоволи потребите на едно семејство, доколку е потребно со соборување на задните седишта просторот се зголемува до 1.537 литри.
СООДВЕТНА ОПЦИЈА
Тестниот примерок под предниот поклопец доаѓа со проверен агрегат од полиците на групацијата во облик на HDi турбодизелска единица што располага со зафатнина од 2 литри и моќ од 160 КС. Идеален избор за моделот 508 кој овозможува извонредна агилност особено кога е споен со автоматска 8 степена трансмисија како во дадениот случај, комбинација која гарантира уживање во управувањето. Моторот испорача влечна сила од респектабилни 400 Нм кои се на располагање веќе од 2.000 врт/мин. Во било кое време забрзувањата и меѓузабрзувањата се одвиваат со задоволителен временски интервал без разлика на избраниот степен на пренос. Можеби неговиот облик ќе ве насочи во тој правец, но Peugeot 508 со овој агрегат не е најбрзиот на асфалтот, сепак со перформансите кои ги поседува може да се истакне како подинамичен примерок во класата. За да покаже 100 км/ч на брзиномерот му се потребни 8,4 секунди, додека патувањето на стрелката оди до максималните 230 км/ч. Понудените перформанси се сосема доволни за секојдневна употреба, а воедно ќе исполнат очекувањата на поголемиот број возачи. Автомоблскиот свет знае дека агрегатите на Peugeot не се големи потрошувачи, во што се уверивме за време на неколкудневното дружење со знаменосецот од гамата. Во периодот на користење во просек потрошивме 7.7 литри на 100 километри, што како податок докажува дека ако се внимава автомобилот може да потроши и помалку од нашето постигнување. Моделот Peugeot 508 нуди четири индивидуални режими на возење кои се одговорни за моменталниот карактер и однесување на автомобилот во зависност од тоа каков избор направил возачот. Прецизното управување, префинетиот комфор, како и атрактивниот дизајн и квалитетната изработка на внатрешноста му овозможува на моделот 508 да напаѓа конкуренти кои досега играа во повиска лига.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
МОТОР: | Трицилиндричен, бензински |
ЗАФАТНИНА: | 999 СМ3 |
МОЌНОСТ: | 125 КС При 6.000 врт / мин |
МЕНУВАЧ: | 6 Степен Мануелен |
ПОГОН: | На предните тркала |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: | НАПРЕД: McPherson НАЗАД: Мултилинк, спирални пружини |
СОПИРАЧКИ: | Напред: Дискови Назад: Дискови |
ГУМИ: | напред 205/60 R16 , позади 205/60 R16 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: | Кг 1.322 кг |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4378 X1979X 1452ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: | 10.0 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: | 5.0 лит/100 км |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: | 200 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ | 23.900 € |