Тест: Range Rover Evoque SE D165 AWD 9A MHEV-УРБАНА АРИСТОКРАТИЈА

22/02/2023

МАРКАТА RANGE ROVER ОД МОДЕЛОТ EVOQUE СОЗДАВА ВИСТИНСКИ ПРЕТСТАВНИК НА УРБАНАТА АРИСТОКРАТИЈА КОЈ ВО СЕБЕ ГИ СОДРЖИ СИТЕ ПРЕПОЗНАТЛИВИ ЕЛЕМЕНТИ ОД БОГАТОТО НАСЛЕДСТВО И ТРАДИЦИЈА НА БРИТАНСКИОТ БРЕНД

 

Иако е еден од најатрактивните и најпосакуваните СУВ модели, по неколкугодишно егзистирање на пазарот, марката одлучи да го освежи најмалиот претставник од гамата преку имплементација на најнови технологии и промени во моторизацијата. На надворешноста не се забележуваат измени, затоа што Evoque и денес изгледа свежо и авангардно, како и на денот на својата инаугурација.

ПОСЕБЕН ВО СЕКОЈА СМИСЛА

При првата средба со Evoque е забележливо дека дизајнерите добро си ја завршиле задачата, создавајќи компактен, урбан теренец со т.н купе изглед. Надворешниот изглед на Evoque очигледно црпи инспирација од моделот Velar, што пред сè се рефлектира во обликот на светлосните групи, а тука се и неизбежните рачки за отворање на вратите кои се сосема рамни и слеани во самите врати, а при отклучување на возилото излегуваат од каросеријата и по завршување на својата работа повторно се вовлекуваат… момент кој го нагласува високото ниво на софистицираност во креирањето. Каросеријата во делот над големите 20 инчи тркала е дополнително испакната нагласувајќи ја атлетската става, додека ниската поставеност на кровот со неговата надолна линија само го дополнува купе стилот. Сите ситни детали и дизајнерски движења на екстериерот на Evoque резултираат со силен визуелен идентитет што го издвојуваат и го прават да биде посебен.

СОФИСТИЦИРАНА КРЕАЦИЈА

Во кабината кај освежениот Evoque забележуваме дека е редизајниран управувачот со три пречки кој сега делува поспортски од претходно. Внатрешноста е прекриена со првокласни материјали, а завршната обработка е подигната на уште повисоко ниво, речиси сè одава впечаток на беспрекорен луксуз. Просторот на предните седишта во Evoque делува идеално, како за возачот така и за совозачот, задната клупа, пак, располага со комодитет што пријатно изненадува со своите раскошни габарити во сите правци. Багажниот дел ветува дека на патување може да понесете и повеќе од што ви е потребно благодарение на капацитетот од 591 литри. Големиот дел од централната конзола го заземаат двата мултифункционални екрани преку кои се командува со речиси сè во возилото. Тука Evoque може да се пофали со преземање на најновиот систем на британската компанија наречен Pivi 2 што отсега овозможува безжично поврзување со паметните телефони што работат на Android и Apple оперативните системи. Иако е речиси сè целосно дигитализирано, сепак инженерите изнашле начин да вметнат и хардверски копчиња со кои се поедноставува управувањето со одредени функции.

ВО СКЛАД СО ТРАДИЦИЈАТА

Најголемата новост кај овој Evoque е 2.0 литарски турбодизелски агрегат со 163 КС и 380 Нм. Тој е замена за верзијата со 150 КС и сега претставува влезна моторизација на овој модел. Агрегатот се одликува со особена рафинираност во работењето, делува тивко и мазно и при ладен утрински старт. На двигателот е додаден мек хибриден 48V систем што е поврзан со литиум – јонска батерија чиј капацитет изнесува 200 W и генерира сила од 140 Nm вртежен момент со што на Evoque му помага при забрзување, а воедно делува и на потрошувачката. Истата, во случајов изнесуваше просечни 8,3 литри на секои 100 изминати километри што за возило со маса од речиси 1.800 килограми е сосема разумна. Стрелката на брзиномерот се движи до границата на максимални 200 км/ч, додека за стигнување до 100 км/ч на Evoque му се потребни 9.8 секунди, што во реалност делува како да е доста пократко за што голема заслуга оди на сметка на беспрекорниот автоматски менувач со 9 брзини.

Вака спакуваниот британски SUV делува природно во урбаната зона, додека долгите рути на автопат се претвораат во вистинско уживање благодарение на потпирањето кое прави комоцијата да дојде до полн израз. Дека станува збор за производ што доаѓа од куќа со долга традиција на модели со теренски намени видливо е во моментот кога со Evoque ќе се симнете од асфалтот. За таа намена погонот на сите тркaла во себе ја пакува технологијата наречена „Terrain Response 2“ која овозможува да се избере една од претходно сетирани опции за пренос на силата во зависност од подлога по која се движи, што со други зборови значи дека со препреките во природа се справува на несекојдневно лесен начин. Впечатливиот карактер дополнет со ново ниво на динамика, како и вештата имплементација на технологија од последната генерација, помогнати од традиционално, исклучителните теренски можности, прават моделот Evoque да биде една целина која може перфектно да функционира во урбани и теренски услови.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБОДИЗЕЛ
ЗАФАТНИНА: 1.997 СМ3
МОЌНОСТ НА
БЕНЗИНСКИ
АГРЕГАТ:
163 КС (120kW)
При 3.750 врт/мин
МЕНУВАЧ: 9 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА СИТЕ ЧЕТИРИ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: MULTILIKNK
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД 245/45 R20
ПОЗАДИ 245/45 R20
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
КГ 1.787 КГ
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В:
4371Х1904Х1649 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
9.8 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
6.4 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
199 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ:
74.900 ЕВРА

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ