Претставуваме MAZZANTI EVANTRA PURA-РЕТКА, ПОСЕБНА И ЧИСТА КАКО БОЖИЦА

20/11/2021

НАРЕЧЕНА СПОРЕД ЕТРУРСКАТА БОЖИЦА НА БЕСМРТНОСТА И СИМБОЛ НА ВЕЧНОСТА, EVANTRA Е СОВРШЕНА ПРЕТСТАВА ЗА ТОА КАКВА ТРЕБА ДА БИДЕ С`РЖТА НА ЕДЕН ЧИСТОКРВЕН ХИПЕРАВТОМОБИЛ СО АКЦЕНТ НА УЛТИМАТИВНО ВОЗАЧКО ЗАДОВОЛСТВО

 

Ако за некој производител на автомобили може да се каже дека „Возачкото задоволство” е центар на неговата филозофија тоа е италијанската мануфактура, или поточно автомобилски бутик, Mazzanti Automobili. Ова посебно се однесува на нивната последна креација Evantra Pura. Нејзините квалитети, моќност, баланс и лесна градба, исклучително тешко можат да се спојат во еден автомобил, а сепак кај Evantra Pura доаѓаат природно. Доказ се бројките: тежина од 1.280 kg збиена во средина на автомобилот благодарение на паметниот инженеринг, моќност од 761 КС кои во комбинација со молскавичниот одзив на командите и безгрешната возна динамика дозволуваат возачот да чувствува како да вози тркачки автомобил.

Но, не на сметка на комфорот и на употребливоста како автомобил за секој ден. Вообичаеното производство на хиперавтомобил, термин кој во светло на новата класификација во автомобилската индустрија се појави пред околу три години и ги опишува автомобилите кои по своите перформанси ги надминуваат спортските автомобили, подразбира соголување на автомобилот со цел да се извлечат уште за некоја нијанса подобри перформанси. Но, одењето во крајност не е без цена. Повеќето сопственици ги чуваат своите бесценети примероци во гаража и ретко излегуваат да свртат круг. Можеби еднаш месечно, а можеби и поретко. Тие сакаат да поседуваат хиперавтомобил, но не уживаат додека го возат. Токму тоа е болката за која во Mazzanti, (се изговара Мацанти), нудат лек. Преку Evantra Pura, („pura” доаѓа од италијански и значи „чиста”), тие сакаат да создадат искуство кое ќе го охрабри возачот да го вози својот миленик секој ден и да ужива зад волан.

 

ОЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА БЕСМРТНОСТ

Mалку позната Evantra не е ново име меѓу автомобилите со екстремно високи перформанси. Се појави во 2011 како концепт, а серискиот модел подготвен за производство првпат беше претставен на изложбата Top Marques во Монако, во 2013 година.

Со лимитирана серија од пет примероци годишно заради зачувување на ексклузивноста, досега се произведени само грст нови модели. Но, за да се сочува актуелноста на Mazzanti постојано се работи на нови верзии и досега се направени неколку различни интерпретациии на тема Evantra кои ја одржуваат во нејзината бесмртност. Најмоќната е Evantra Millecavalli R која под хауба пакува 1.121 КС и вози со преку 400 km/h, a најновата е Evantra Pura во која тежината е спуштена за 90 kg во однос на класичниот модел и се добиени веќе споменатите 1.280 kg. Без оглед на намалената тежина и на подобрените перформанси кај Evantra Pura воопшто не е жртвуван комфорот. Pura останува да нуди максимално задоволство при секојдневно возење.

 

ПТИЦА ГРАБЛИВКА

Дури и додека стои Evantra личи како да бришка со максимална брзина од преку 360 km/h. А, кога ќе се подигнат вратите кои се отвораат на назад и нагоре, таа личи на птица грабливка во моментите пред зграпчување на пленот. Отворањето на вратите е техничко решение кое не е видено кај друг автомобил, а ги спојува класичното и модерното. Воедно значително го олеснува влегувањето и излегувањето преку високите прагови што го прави погоден да се користи секој ден. Со секој елемент изработен рачно евидентна е посветеноста на детали и врвната обработка. Ваквиот пристап дозволил создавање на некои уникатни елементи кои дозволуваат визуелното уживање во автомобилот да биде подеднакво силно како и возачкото. Затоа Evantra нема класична задна хауба. Отворањето приредува изненадување. Место моторно одделение тука се сокрива багажник и уметнички скроен проѕирен капак кој вкусно украсената енергана ја става на излог, а на неа може да се фрли поглед и од кабината.

ОСНОВА ЗА ВРВНА ДИНАМИКА

Монококот, односно кафезот на кокпитот е изработен од високолегирани хром-молибден челични цевки кои обезбедуваат екстремна цврстина и отпорност на усукување. Високите страници ја подигнуваат безбедноста, но не на сметка на комфорот. Кај Evantra севкупната маса која во најголем дел доаѓа од моторот е централизирана за да се добие колку што е можно пониско тежиште. За таа цел моторот, и погонската спрега се поставени во посебна просторна рамка која со 14 завртки е стегната за монококот и воедно лесно се демонтира за потребите на одржување. За моторот да биде што поблиску до центарот на автомобилот, резервоарот, кој вообичаено треба да се наоѓа меѓу централно поставениот мотор и кабината е преместен напред и стои меѓу кабината и предната оска. Така Evantra ја добива основата за нагласена возна динамика и максимална возачка инволвираност која е на рамниште на тркачки автомобил.

АМЕРИКАНСКИ МУСКУЛИ

Основа на високите преформанси на целата линија на Evantra се V8 мотори од американско потекло, поточно од General Motors. Американските мускули се дополнително модификувани во Mazzanti спрема нивни потреби. Конкретно во Evantra Pura работи алуминиумски 6,2 литарски V8 во кого присилно воздух пумпа механички компресор и му овозможува да истисне масивни 761 КС при 6.300 min-1. Вртежниот момент од мрсни 970 Nm при 4.400 min-1 е подеднакво импресивен. Спарен со седум степен менувач преку кого вртежниот момент се испраќа до задните тркала овој V8 му овозможува на возачот да се катапултира од место до 100 km/h за 2,9 секунди. Во колку не престане да притиска на педалот за гас тогаш за кратко ќе ја достигне и максималната брзина која преоѓа 360 km/h. За спротивното дејствие се грижат сопирачките на Brembo. Бушени вентилирачки дискови од 380 mm напред кои ги зафаќаат шест клипни сопирачки клешти, и исти такви назад од 360 mm со четири клипни клешти. Како опција стојат карбон-кермички дискови заедно со прилагодливи пружини и амортизери.

КРОЈ ПО СОПСТВЕН ТЕРК

Врвниот комфор го обезбедува благородна внатрешност. Таа во целост се крои според теркот и желбите на купувачот, а единствен лимит е неговата имагинација. Возачката позиција и седиштето се конфигурираат според пропорциите на клиентот, а мерките се земаат при неговата посета во ателјето на Mazzanti. Дури и дебелината на поставувањето на воланот и палките за менување на степените се моделираат спрема дланките на клиентот. Изборот на егзотични материјали, на бои и на украсни панели е без малку неограничен. Пракса која се применува кај најпрестижните марки од светот на модата кои шијат костими по мерка. Централната конзола го носи најновиот информациски систем на Mazzanti кој управува со сите функции на автомобилот, а копчето за стартување изработено во боите на италијанското знаме е поставено на таванскиот панел во кабината. Од централната конзола штрчи копчето за избор на сетапот на моторот и менувачот: Strada – за на пат, и Corsa – за на патека. Во стил на вистински тркач пред возачот стојат LED индикатори за навремено менување на степените што е важно кога се вози на писта. Вака скроена Evantra Pura со право го исползува епитетот: Ултимативна возачки настроена машина. Секако овој врвно изработен возачки инструмент има и соодветна ценовна поддршка од 1,3 милиони евра. Цена која е оправдана и со ексклузивноста на лимитираната серија од не повеќе од 20 примероци од секој модел на Mazzanti.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ