WRC–Рели Естонија, Рели Финска, Рели Белгија-ЗА ВЛАКНО ПА ТИТУЛА

23/08/2022

КАЛЕ РОВАНПЕРА БЕШЕ НА РАБ ДА ЈА ОСВОИ ВОЗАЧКАТА ТИТУЛА НА ДУРИ ЧЕТИРИ РЕЛИЈА ПРЕД КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА И ДА СТАНЕ НАЈМЛАДИОТ ШАМПИОН ВО ИСТОРИЈАТА НА РЕЛИТО, И ТОА ВО СЕЗОНАТА ВО КОЈА ШАМПИОНАТОТ ЈА СЛАВИ СВОЈАТА ПЕДЕСЕТ ГОДИШНИНА

 

Релито на Белгија, последно од трите релија кои едно по друго се возеа на северот од Европа, е настанот каде што 21 годишниот Кале Рованпера требаше да има прилика да ја освои својата прва возачка титула во WRC, и тоа, на четири релија пред крајот на сезоната, и со неа да стане најмладиот возачки шампион во педесет годишната историја на светското рели. Ова е прилика до која ретко се доаѓа и уште поретко се добива во Светскиот шампионат во рели. Иако Рованпера на релито на Белгија стартуваше како потенцијален шампион, сепак, боговите на релито имаа поинакви планови за него во тој момент.

Но, да се вратиме две релија поназад, релито на Естонија, каде Рованпера на супер брзиот чакал, тип на подлога на која за првпат возеа хибридните рели монструми, покажа дека е мајстор да се прилагоди на условите кои во секој момент се менуваат. Без оглед  дали сонцето се претвора во потоп, или обратно Кале брилира. Така направи и во Естонија каде буквално беше недостижен во текот на целиот настан, а посебно на последниот телевизиски испит каде во само 15,95 километри му украде 22,4 секунди на својот тимски другар Елфин Еванс. Британецот кој накусо водеше на почетокот на релито беше искрен дека едноставно не може да најде одговор за возењето на Кале, и призна дека тој е многу, многу добар. На релито на Естонија, Еванс мораше да се задоволи со второто место заостанувајќи повеќе од 1 минута на крајот. Домаќинот От Танак кој во текот на целото рели не успеа да ги реши проблемите со управувањето на неговиот автомобил беше пресреќен што заврши трет. За Кале победата во Естонија беше потврда на неговиот успех од минатата година каде токму на ова рели ја освои својата прва победа во WRC и стана најмладиот возач во историјата која победил на рели од светскиот шампионат. Годинава, пак, победата во Естонија го постави на вистински пат да стане најмладиот возачки шампион во историјата на релито.

Шансите да блесне и на следното рели, релито на Финска, беа на страна на Кале. Очекувањата да ја освои шестата победа од осум релија се чинеа реални.  Меѓутоа релито на Финска повторно не му беше наклонето на Рованпера. Во неговиот случај како да не важи правилото дека Финска им припаѓа на Финците. Минатата година заврши со незгода. Годинава иако сите прогнози беа во негова корист и беше најбрз на тренингот патеките беа против него. Стартуваше прв и ја имаше неблагодарната ролја да го мете слободниот чакал додека тркалата се борат за тракција. Ова беше пресудно за исходот на релито. Иако дождот заедно со подобрата стартна позиција ја свртеа насоката во негова корист на вториот ден од релито Кале сепак не успеа да ја стопи големата предност која Танак ја стекна претходниот ден. Доби и повеќе брзински испити од него, но сепак, решителниот Естонец кој два пати претходно славеше на релито во Финска беше јунакот што по трет пат ја однесе победата дома. Рованпера заврши втор, а третото и четвртото место ги поделија неговите тимски другари Есапека Лапи  и Елфин Еванс. Ако исходот на едно рели се гледа преку храброста на екипажите тогаш Лапи и совозачот Јане Ферм се победници. Имено откако камен им го скрши предното стакло низ кое едвај гледаа, тие на претпоследниот испит влегоа во длабок ров превртувајќи се три пати по што предното стакло отпадна, а со него и кровот. Со ветар в лице сепак успеаја да ја донесат издржливата Toyota GR Yaris Rally1 до целта. Кале во Финска го освои и специјалниот телевизиски испит кој му донесе дополнителни 5 бода. Со нив ја зацврсти позицијата во генерален пласман и стигна на влакно од титулата.

Со резултатот од Финска и предноста од 94 бода пред второпласираниот Танак и 95 бода пред третопласираниот Нувил во генерален пласман, постои шанса Кале на следното рели, релито на Белгија, да ја освои шампионската титула во колку победи и освои 5 бода од специјалниот испит на крај. Но, исто така, и во колку  Танак и Нувил се откажат. Секако, оваа весела математика на крајот се сврте против Рованпера. Тој беше меѓу првите возачи кои се откажаа од првиот асфалтен настан после релито на Хрватска од април годинава. Рованпера го поведе релито после првиот брзински испит, но веќе на вториот неговиот GR Yaris со десните тркала пропадна во ендек крај патот и превртувајќи се повеќе пати при полна брзина неславно го заврши релито. Се врати во игра следниот ден, но се што успеа да освои Кале беа петте бода од последниот специјален ТВ испит. Секако тоа беше далеку од доволно за титула. Неговото отсуство го искористија Нувил и Танак. Нивната меѓусебна битка како тимски другари заврши неславно за Hyundai. Нувил кој го поведе релито после незгодата на Рованпера и самиот се соочи со сличен исход. На претпоследниот испит од вториот ден Нувил пропадна во ендек. Гледачите брзо се собраа и го истуркаа автомобилот на пат, но за жал после само еден километар Нувил мораше да се откаже заради механички проблеми.

Така му ја препушти водечката позиција на Танак кој во целост го искористи подарокот. Иако последниот ден мина во жестока борба со Еванс, сепак возачот на Toyota не успеа да го надомести дефицитот од 8 секунди. Танак на релито на Белгија ја забележа втората по ред победа, или вкупно трета годинава. Еванс мораше да се задоволи со второто место, а Лапи со третото.

Со четири релија до крајот на сезоната и предност од 73 бода во генерален пласман Рованпера е на добар пат да ја освои годинешната титула. Тој сега има 203 бода, второпласираниот Танак 131 бод, a третопласираниот Еванс 116 бода. Тoyota, пак, води со 381 бод пред Hyundai со 293 бода и M-Sport Ford со 188 бода.  Со тешки и непредвидливи настани како релито Акрополис на Грција, релијата на Нов Зеланд и на Шпанија, и новото рели на Јапонија кое после дванаесет години се враќа во календарот, неизвесноста за титулата дури и меѓу производителите лебди во воздух.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ