Светско првенство во Формула 1-РЕД БУЛ ЈА ОДЛОЖИ ГОЛЕМАТА ПРОСЛАВА, НО ПЕРЕЗ НАПРАВИ ЖУРКА

06/10/2022

БЛАГОДАРЕНИЕ НА ОДЛИЧНАТА НИЗА ОД ДЕВЕТ ТРКИ ВО КОИ СЕДУМ ПАТИ БЕШЕ ПРВ, А САМО ЕДНАШ ГО ИСПУШТИ ПОДИУМОТ, МАКС ФЕРСТАПЕН ДОЈДЕ ВО СИТУАЦИЈА ТЕОРЕТСКИ ДА ЈА ОБЕЗБЕДИ СВОЈАТА ВТОРА ТИТУЛА ВО СИНГАПУР, НА ПЕТ ГРАН ПРИ ВИКЕНДИ ПРЕД КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА, НО ИАКО НЕ УСПЕА ВО ТОА – РЕД БУЛ ПОВТОРНО „ГО УКРАДЕ ШОУТО“ СО ПОБЕДАТА НА ПЕРЕЗ

 

Шарл Леклер ја имаше пол позицијата во трката за Големата награда на Сингапур, но Ферари уште еднаш остана со празни раце. Ако од една страна за Ферари е добро што се враќа во ритам по тешките трки во средишницата на сезоната, сепак двете пол позиции во Монца и Сингапур, на две дијаметрално различни патеки, им даваат разумна надеж дека имаат добар производ со кој можат да ја „одбранат честа“ на тимот од Маранелo.

Победата на Перез во Сингапур е прва за Ред Бул во таканаречената турбо ера, односно доаѓа по деветгодишна пауза од нивниот последен триумф на ова гран при, остварен во 2013 година со Себастијан Фетел. Дополнително, Перез е првиот што успеал да го повтори постигнувањето на Фетел од 2011 година, и да слави на две улични трки во Формула 1, најпрвин во малото кнежевство на Азурниот брег, а потоа и под светлата на рефлекторите во азискиот град, државa.

Во историјата ќе остане запишан уште еден податок, а тоа е дека Мексиканецот станал 58-от возач во седум децениската историја на Формула 1, кој што водел во една гран при трка од почеток до крај, што е втор ваков настан за оваа сезона, откако во Австралија истото успеа да го направи и Шарл Леклер.

На патот кон победата, Перез се соочи на два пати со истрага од стјуардите, кои го обвинија во два различни наврати дека не ја одржувал дистанцата во однос на аплицираното возило за безбедност, па за првиот инцидент му дадоа опомена, а за вториот временски пенал од пет секунди на конечниот резултат. Бидејќи неговата победа беше извојувана со предност од седум секунди, на крајот сепак ја задржа победата и покрај драмата во канцеларијата на стјуардите.

Многу сум среќен што се изборив за оваа победа, за мене и за тимот, таа ми значи многу. Не сум бил на подиумот последниве трки, но постојано работев и се трудев, па сум многу горд на моите денешни перформанси. Ментално, беше тешко бидејќи морав да бидам на штрек во текот на целата трка. А денеска условите беа многу комплицирани, а луѓето потценуваат колку е тешко да се вози во такви услови, особено во последниот сектор. Мислам дека имаше и малку недоразбирање со безбедносното возило, тоа возеше многу брзо на некои места каде што не можев да го стигнам, а потоа забавуваше на места каде што јас можев да одам брзо. Возевме со гуми за суво на влажната патека, се обидувавме да ја одржуваме температурата, а тоа е тешко. Кога ми кажаа дека сум под истрага, едноставно нагазив како да возам 15 круга во квалификации, за да направам што е можно поголемо растојание од Шарл, изјави Перез по трката.

За Леклер пол позициите во Монца и Сингапур дојдоа по двомесечна пауза. Моначанецот беше втор во Белгија, а потоа и на овие две трки, со што успеа да врзе три финиши на подиумот во низа. Сепак, со последната победа Перез му се доближи на само два бода разлика во генералниот пласман.

Сакам да ги искористиме последните неколку трки за да имаме подобра егзекуција во трката. Овој викенд чувствував како да имаме направено чекор напред. Мораме да направиме уште чекори во иста насока бидејќи сме на добар пат и тоа ме прави среќен. Од друга страна, не сум задоволен затоа што успеавме да стигнеме само до второто место, рече Леклер.

ФЕРСТАПЕН „ЗАГЛАВИ“ ВО СИНГАПУР

Иако конечниот пласман на 7 место се толкува како мал успех за Макс Ферстапен, целата приказна всушност укажува дека тимот направил грешка со количеството на гориво во неговиот резервоар за време на квалификациите. Тој мораше да се повлече во боксот пред да извози летечки круг, па на крајот од квалификациите беше осми. Сепак, тоа не беше единствениот малер за него овој викенд, бидејќи на стартот имаше дополнителни проблеми.

Честитки за Чеко, возеше одлично денес. За мене ова беше фрустрирачки викенд. Стартот не помина најдобро, ми се вклучи системот против гаснење, па изгубив неколку позиции. Од тука натаму, се вратив на разумно ниво откако се префрлив на гуми за суво. Кога сакав да го престигнам Ландо, при сопирање наидов на една нерамнина на асфалтот, по што ми блокираа тркалата. Морав да ги менувам гумите бидејќи беа оштетени и морав да почнам од почеток. На оваа патека е тешко да се престигнува, особено кога сите имаме загреани гуми. Се чувствував како да сум заглавен. Добро е што освоив неколку поени, но не бевме тука дојдени за тоа. Време е да се фокусираме на следната трка во Јапонија.

 

Тимскиот шеф Матија Биното, исто така, го задржа оптимизмот дека Ферари и натаму може да ја одложува промоцијата на новата титула на Ферстапен.

Верувам дека ги донесовме правилните одлуки. Бевме меѓу првите коишто ставија гуми за суво во време кога патеката сè уште не беше перфектно исушена. На тој начин го натеравме и Перез да направи застанување и се обидовме така да влијаеме на расплетот, вели првиот човек на Ферари.

Од друга страна, тимскиот шеф на Ред Бул, во својата изјава по трката беше фокусиран на одлуките на стјуардите кои можеа да влијаат на расплетот на конечните позиции во трката.

Ова беше светска класа од Чеко, рамо до рамо со неговите најдобри трки. Постојано се бореше, па иако имаше многу нешта за да се справи со нив, успеа да остада биде голема пречка, но ние досега сме имале многу случаи и за нас ова не беше проблем. Стјуардите имаа време да го разгледаат случајот, но ја донесоа вистинската одлука. Ќе беше неверојатен срам ако му ја одзема победата на Чеко. Ова е голем резултат и ние сме горди на него. За Макс ова беше тежок викенд, му се случија многу работи, па иако беше трпелив, не му појде од рака. Мораше постојано да напаѓа, па имаше извртување, па повторно напаѓаше. Постојано се бореше сè до последните кругови. Штета, но тоа не треба да го намали успехот од спектакуларното возење на Чеко.

Октомври е месец во кој Формула 1 ќе има три трки, и тоа во Јапонија, САД и Мексико, по што следуваат Бразил и Абу Даби во ноември. Голема е веројатноста Ферстапен да успее да ја конвертира предноста од 100 бода во нова титула, откако по три трки на стартот од сезоната „губеше“ со 71:25 во однос на Леклер. Сега тој е водечки со 341 бод, по што следува дуелот Леклер – Перез со 237:235, а подеднакво напнато е и на следните две позиции на табелата, каде што Расел води пред Саинц со 203:202.

На табелата на конструкторите, Ред Бул е изолиран на врвот со 576 бода, додека Мерцедес успеа да му се доближи на Ферари и да влезе во борба за второто место. Италијанскиот тим во моментов води со 439:373, но со оглед на фактот дека до крајот на сезоната екипите имаат можност да освојат преку 200 бода, сите сценарија сè уште се возможни.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ