8 декември-Свети Климент Охридски ВО ЧЕСТ НА НЕГОВАТА ПРОСВЕТИТЕЛСКА ДЕЈНОСТ

07/12/2024

ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ЗА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА СЕ МНОГУ ВАЖНИ, ОТТАМУ И ПРОГЛАСУВАЊЕТО НА 8 ДЕКЕМВРИ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПРАЗНИК, НЕРАБОТЕН ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ НА ДРЖАВАТА. ГОДИНАВА ПАЃА ВО НЕДЕЛА, НЕ СЕ РАБОТИ В ПОНЕДЕЛНИК, НА 9-ТИ. СЕ ОДРЖУВААТ ЧЕСТВУВАЊА, МЕЃУ НИВ И ДОДЕЛУВАЊЕТО НА НАГРАДАТА ЗА ДОЛГОГОДИШНИ ОСТВАРУВАЊА НА ПОВЕЌЕ ПОЛИЊА, КОИ СЕ ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС. СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ Е И ВЕРСКИ ПРАЗНИК, ГО СЛАВАТ ПРАВОСЛАВЦИТЕ

 

Неговата просветителска дејност има големо значење, ширењето на просветата му било примарно. Преданието за животот на Свети Климент Охридски е и народно и црковно. Бил ученик на словенските првоучители Кирил и Методиј. Се издвојувал меѓу другите и со своето филозофско убедување во безграничната сила на човечкиот разум, верувал во напредокот. Се одликувал и со своето христијанство, преку верата во Исуса Христа. Помагал во создавањето на двете (старо)словенски азбуки – глаголицата и кирилицата, едновремено заложувајќи се за нивна употреба, да го описмени неукото население…

Климент за време на престојот во Рим, кога светите браќа Кирил и Методиј на папата му ги предале моштите на Климент Римски, го поставиле за свештеник. Подоцна се здобил со епископски чин. Според ватиканските документи, се работело за две епархии (епископии) – тивериополската со која управувал до 906 година и величката, до крајот на животот. Во меѓувреме го затворале, прогонувале. Додека живеел во Охрид, го основал манастирот „Свети Пантелејмон“ каде што се поставени и темелите на Охридската книжевна школа позната како „прв словенски универзитет“. Оттаму излегле 3.500 образовани луѓе, поради што Словените го сметаат за покровител на образованието, вклучувајќи го и јазикот. Без оглед на тоа што барал да го смени од епископската должност, бугарскиот цар не го сторил тоа. Веднаш по враќањето од Преслав се разболел и починал на 80-годишна возраст (27 јули 916-та). Бил погребан во тремот на манастирската црква. Дел од неговите мошти се изложени и на други места, а се зборува дека имаат и чудотворна моќ.

Со портретирањето на неговиот лик во фрескоживописите на македонските цркви се обележува култот на Свети Климент Охридски. Наместо со кратка бела коса, на иконите и на фреските е претставен со долга бела коса, високо чело. Всушност, така го воспримил Дичо Зограф. Светецот е заштитник на градот Охрид и на неговите жители. Секако, името на Свети Климент Охридски го носат многу институции (научни, културни, здравствени), школи…, христијански храмови.

Овогодишни добитници на државната награда „Свети Климент Охридски“ во областа на културата и уметноста се Милован Стефановски (писател), Мирослав Масин (сликар) и Рефет Абази (актер). Во областа на воспитанието и образованието, добитничка е Маја Бојаџиевска (универзитетска професорка). Врачувањето е закажано за 12:00 часот во свечената сала на Собранието.

Голем број граѓани на Македонија ќе го искористат продолжениот викенд и за патување, како во земјава, така и во странство.

Нека е честит, за век и веков.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ