ШАМПИОНСКАТА ТИТУЛА ВО СВЕТСКАТА СЕРИЈА НА TCR ТРКИТЕ ВТОРА СЕЗОНА ПО РЕД ОДИ ВО РАЦЕТЕ НА УНГАРСКИОТ АВТОМОБИЛИСТ НОРБЕРТ МИШЕЛИС
Највисоката форма на трки со автомобили на кружни патеки, порано позната како WTCC, а потоа како WTCR, од минатата година се вози во ново руво и се нарекува TCR World Tour. Во суштина, континуитетот е запазен иако станува збор за различни имиња, бидејќи не постои друго натпреварување кое ги обединува возачите и конструкторите на ова ниво.
Последната промена дојде откако организаторите и ФИА одлучија дека терминот „светско првенство“ треба да биде изземен, иако претходно имаа постигнат договор да продолжат. Но, инсистирањето на ФИА околу промовирање на новите технички правила, кои имаат нагласена еколошка позадина, ја поттикна привремената разделба. Поточно, подобро упатените очекуваат статусот „светско првенство“ да биде вратен и покрај тоа што автомобилите ќе продолжат да користат мотори со внатрешно согорување како досега, тоа ќе биде во линија со очекувањата за користење на синтетичко гориво кое нема да предизвикува емисии на јаглерод диоксид во атмосферата.
Бидејќи TCR е приватна лиценца за трките со автомобили, оваа форма на „дипломатија“ се чинеше наједноставна за двете страни, без притоа да има „војна“ меѓу учесниците и организаторите. Со други зборови, истите екипи и истите возачи продолжија во новата авантура со ново име.
Она што беше новитет за 2024 година е фактот дека Ауди се повлече како тим со фабричка поддршка, што беше коментирано како логичен потег, односно дека ќе ги сконцентрираат своите ресурси на проектот со новоформираниот тим во Формула 1. Тимот со фабричка поддршка на Хјундаи, кој во 2022 година ја освои титулата со возачот Микел Аскона, ја продолжи низата во 2023 година со вториот возач Норберт Мишелис.
На почетокот од 2024 година, Мишелис стартуваше со победа во првиот гран при викенд, односно на една од двете трки на патеката Валелунга. Во текот на годината се наметнаа Јан Ерлаше и Тед Бјорк со по три победи, но тие имаа нестабилен ритам на освојување бодови на другите трки, па Мишелис влезе во последната рунда како водечки на табелата, а уште четири возач зад него беа со шанси да ја освојат шампионската титула.
Најсериозни меѓу нив беа Тед Бјорк (со тимот „Линк & Ko“) и Естебан Гуерери (со возилата на „Хонда“ под капата на тимот „GOAT racing“). На последната трка, Бјорк ја освои пол позицијата и победи во првата од двете трки, додека Гуерери имаше инцидент на стартот. Тоа доведе до ситуација Бјорк да биде единствениот ривал на Мишелис, но во втората трка во Макао, воедно последна во сезоната, тој требаше да стартува од 10. место, односно зад унгарскиот возач.
– Убаво е да се биде денеска тука. За тоа многу им благодарам на моите противници, а воедно им честитам. Во квалификациите успеав да го победам Аскона за само две стотинки, а тој има повеќе килограми во неговото возило, па верувам дека фактот што успеав да стартувам пред него ми го отвори вратите кон победата. Тој добро се бореше на патеката, но покажа голема почит и среќен сум што можев да победам. Но утре е нов ден, а Норби е водечки на табелата, додека јас стартувам од десеттото место. Убаво е да се освои победата во Макао, знам дека сѐ уште не е готово, но сепак сум многу среќен,- изјави Тед Бјорк.
Втората трка донесе драма и поместување на стартот поради врнежите. Во таква ситуација, возачите имаа опции да избираат меѓу различни стратегии, односно да возат со гуми за суво или за влажно време, како и со соодветни штелувања. Мишелис избра да оди на сигурно, со гуми за влажно, но во финишот на трката се најде во ситуација каде што патеката веќе беше сува и возачите со гуми за суво одеа напред. Наспроти тоа, тимот се одлучи да ги пропушти сите оние кои не им се ривали, а неговите тимски колеги Микел Аскона и Нестор Џиролами да ги постави како „жив ѕид“ кој требаше да го штити од престигнувачките маневри на Бјорк. Дополнително, работата им беше олеснета поради излетувања на други возачи, па неколку круга од трката се возеа зад возилото за безбедност, што ги уништи шансите на Бјорк да го стигне Мишелис.
– Не можеше да биде подобро. Да бидам искрен со вас, навистина бев под голем стрес. Вчера не можев да спијам, многу работи ми поминаа низ мислите, знаев дека денеска ќе биде зафркнато поради временските услови. Времето беше променливо, стартот на трката се пролонгираше, па би рекол дека ова беше едно од најтешките утра или претпладниња во мојот живот. Неверојатно сум среќен за себе, за тимот, уште еднаш покажавме оваа година дека тимската работа е најважна. Сакам да им се заблагодарам на моите тимски колеги, Микел и Нестор, кои цело време беа тука за мене, ми даваа поддршка и јас сум среќен со крајниот резултат,- рече унгарскиот возач во изјавата дадена во ТВ преносот.
Во таа втора трка победија возилата на Хонда, и тоа со Душан Борковиќ на чело, пред Гуерери и Бути. Покрај нив, Мишелис исто така беше присутен во салата за прес конференции.
– Денеска е прекрасен ден. Прво, да се биде во оваа позиција заедно со Душан Борковиќ е нешто специјално. Обајцата се знаеме мошне долго време. Јас знам колку е тешко да потекнуваш од земја каде што мотоспортот не е толку популарен, па затоа ова е неверојатно. Мислам дека ова беше сезона во која што од првиот момент не направивме ниту еден погрешен чекор. Освојував бодови во секоја трка, а тимот функционираше перфектно на секој гран при викенд. Уште од моите почетоци во трките знам дека доколку се има ефикасен тим, тогаш имаш добра шанса да се бориш за титулата, и поради тоа сум благодарен бидејќи без нив денеска немаше да бидам тука,- објасни Мишелис.
И Борковиќ од своја страна како победник во трката ја искористи шансата да му честита на колегата.
– Преплавен сум од емоции. Сакам да му честитам на Норби, бидејќи тој е навистина добар пријател. Ја започнав сезоната во ТЦР Европа, но потоа во Маракеш добив шанса да продолжам во светската серија. Морав да ги пренасочам моите мисли и да се соочам со притисокот, затоа што трките се пренесуваа на националната телевизија во Србија. Во текот на сезоната правев грешки, но истовремено бев мошне брз во Бразил и во Уругвај. Научив навистина многу од Естебан Гуерери. Сакав да се подобрам и понекогаш претерував, но Естебан навистина ми помогна. Јас сум мошне среќен да бидам на подиумот тука со овие момци денеска,- рече српскиот возач.
За стратегијата на победничкиот тим зборуваше аргентинскиот возач Естебан Гуерери.
– Ова беше неверојатната година за Норби и јас сакам да му честитам. Пред трката, заедно со нашиот менаџер Пепе Ориола ги разгледувавме сите опции. Помисливме дека немаме што да изгубиме ако ги потребиме мазните слик гуми, затоа што знаевме дека во измешаните временски услови ривалите ќе бидат побрзи од нас. Ако изберевме гуми за влажно, немаше да бидеме толку конкурентни. Со гумите за суво беше веројатно дека ќе бидеме престигнати на почетокот, но тоа ни се чинеше дека е единствениот ризик. Донесовме заедничка одлука, а таа се исплатеше,- порача второпласираниот Гуерери.
Табелата на крајот од сезоната покажува дека Мишелис собрал 323 бода, додека Бјорк стигнал до 312 поени. Во последната трка, Аскона „се протна“ до третата позиција со 295 бода, само четири повеќе од Гуерери кој остана без бодови во едната трка, а петти е Јан Ерлаше со 287 поени.
Екипата „Линк & Ko“, за која возеа Бјорк и Ерлаше стана шампион меѓу конструкторите со 735 поени, додека Хјундаи имаше 672, а Хонда вкупно 521 бод.