НОВИОТ УЛТИМАТИВЕН MCLAREN W1 НОСИ 1.275 КС И 1.340 NM И ГО ЗАЗЕМА ПРИМАТОТ КАКО НАЈМОЌЕН МОДЕЛ ВО ИСТОРИЈАТА НА БРИТАНСКАТА МАРКА. ЕКСТРЕМНО ЛЕСЕН И БРЗ ПОДГОТВЕН Е ДА ЈА ФРЛИ КОНКУРЕНЦИЈАТА ВО ОЧАЈ
Ова е тоа вистинското! Единицата на McLaren! После едни од најдобрите спортски автомобили на сите времиња: фасцинантниот McLaren F1 и извонредниот McLaren P1, на ред доаѓа ултимативниот супер спортски автомобил McLaren W1. Жежок како тазе леб изваден од фурна W1 е новиот изданок на лозата „1” на McLaren. Благодарение на врвните инженерски достигнувања кои стојат зад неговиот препреден карактер McLaren W1 отвора ново поглавје во светот на супер спортските автомобили.
Секој еден детаљ од конструкцијата на McLaren W1 е исполнет со суперлативи и патентирани елементи: од шасијата монокок изработена од карбон-фибер заедно со панелите од каросеријата, преку „чичка“ новиот мотор, хибридниот погон и врвното подвозје до активната контрола на шасијата и аеродинамиката. И, бидејќи сме нестрпливи да дознаеме што повеќе, да почнеме. Се надеваме ќе се сложите најдобро е да се почне од срцето.
V8 ПОМОГНАТ ОД ЕЛЕКТРИКА
Срцето на McLaren W1 е ново конструиран V8 со рамно коленесто вратило и асистенција од два турбо полначи. Беснотилакот од 4.0 литри има блок, глава на мотор и клипови од алуминиум што јасно говори за експертизата на McLaren во создавање на врвни мотори. Со дијаметар на цилиндрите од 92 mm и од на клип од 75 mm е конфигурацијата која дозволува лесно ловење високи вртежи. Внатре цилиндрите се преслечени со прскање со плазма која го намалува триењето и дозволува моторот без мака да се врти на електронски ограничените 9.200 min-1.
Подмачкувањето е со сув картер и 4-фазна пумпа кој зема масло од посебно конструиран резервоар отпорен на влијанието на екстремните сили G кои ги достигнува W1. Директното вшприцување на горивото работи под притисок од 350 бари, а двата турбо полначи со висок капацитет го хранат моторот со големи количества разладен воздух. Цевките од издувот имаат иста должина за рамномерно одведување на гасовите од моторот. Воедно внимателно дотераниот издув придонесува за најгласниот звук што го испушта моторот посебно при максимален број на вртежи.
Вака навиен моторот турка максимални 928 КС и 900 Nm, но во комбинација со електричниот модул кој остварува 347 КС и 440 Nm, моќноста расте на вкупно 1.275 КС и 1.340 Nm. Електричниот модул е дериват на оние кои се користат во Формула 1. Електромоторот со радијален флукс е способен да се врти со 24.000 min-1. Поставен директно врз менувачот ги зголемува моќноста и вртежниот момент, помага при забрзување и ја пегла турбо дупката на навиениот V8. Е-модулот има и други функции. Тој е алтернатор, стартер мотор, задолжен е за рикверц и при мали брзини дозволува возење само на електрика. Автономијата во овој модус е мала околу 2 km и се должи на батеријата со капацитет од 1.384 kWh која, исто така, доаѓа од светот на Формула 1. Во случај батеријата да се испразни при мирување, може да се приклучи на стандардна електрична мрежа и да се наполни.
ПОГОН НА ЗАДНА ОСКА
Вртежниот момент од моторот и Е-модулот ги прифаќа новиот менувач со две спојки и 8 степени на пренос. Менувачот е конструиран да издржи големи напрегања, а отсуството на дополнително вратило и запченик за рикверц го прави покомпактен и полесен. Е-модулот го испраќа вртежниот момент директно на вратилото кое ги врзува моторот и менувачот. Во менувачот е интегриран и хидрауличен електронски управуван диференцијал преку кого вртежниот момент се испраќа само на задна оска. По ова прашање McLaren W1 е единствен во сегментот.
И додека останатите производители олку голема моќност и вртежен момент ги испраќаат кон сите четири тркала, McLaren се дрзнува да вози со погон назад. И тоа на тежина од само 1.399 kg која резултира во сооднос моќност/тежина од 911 КС на 1 тон. Вистинско лудило!
Можеби е лудо, меѓутоа McLaren е свесен дека не постои почиста врска меѓу возачот и автомобилот од онаа што може да ја понуди погон на задна оска и совршено балансиран автомобил. McLaren не сака да се откаже од основните принципи на возачко умеење кои подразбираат балансирање на автомобилот под педалот за гас кого возачот го прилагодува за да предизвика странично движење. Односно, да предизвика контролирано пролизгување кое се смета за врв на возачкото умеење и доживување зад волан.
БЕСНОТИЛАК ОД ПЕРФОРМАНСИ
Набиен со толку моќ McLaren W1 e способен да го катапултира возачот од место до 100 km/h за 2,7 секунди, до 200 km/h за 5,8 секунди и до 300 km за помалку од 12,7 секунди. Максималната брзина е ограничена електронски на 350 km/h. Но, брзината е само дел од перформансите. Полната контрола ја обезбедува подвозјето со елементи изработени од титаниум и со 3D печатење. Активната контрола на шасијата нуди и два тркачки модуси. Модусот Comfort дозволува да се вози комфорно на пат и во град. Модусот Sport ја затегнува работата нудејќи поголема инволвираност на пат, додека модусот Race и Race + во целост ја препуштаат работата во раце на возачот.
Покрај местењето на активната суспензија различните модуси дозволуваат и менување на сетапот на активната аеродинамика која подеднакво придонесува за стабилноста преку генерирање на негативен потисок од 1.000 kg при 280 km/h. McLaren со низа патенти ги заштити активниот спојлер напред кој го менува аголот и должината, како и активното крило назад кое може да се извлече 300 mm зад автомобилот, да го менува аголот, па дури и да делува како воздушна сопирачка. Оваа функција им помага на сопирачките да застанат во место од 200 km/h во 100 метри, а од 100 km/h во 29 метри. Карбон-керамичките дискови од 390 mm и напред и назад се направени по посебна технологија и имаат дополнителен керамички слој. Овој слој ја зголемува издржливоста и дозволува користење на поагресивни плочки со повисок праг на триење.
ВИЗУЕЛНА АГРЕСИВНОСТ
McLaren W1 е изграден околу монокок од карбон-фибер кој има интегриран дифузор во подот и посебна преграда за батеријата. На него директно се поставени вратите кои се отвораат нагоре како галебови крилја. Седиштата, исто така, се интегрирани во неговата структура. Од ова се извлечени неколку придобивки. Меѓуоскиното растојание е покусо за 70 mm отколку кога седиштата би биле подвижни. Ослободен е простор за багаж зад нив, седиштата нудат повисока безбедност и возачко доживување како да сте едно со автомобилот. На сметка на седишта кои се фиксни, се местат педалите и конзолата на воланот. Нивното местење е толку прецизно што се добива чувство на идеално возачко окружување.
Панелите на каросеријата го формираат дизајнот на McLaren W1 кој се перчи со визуелна агресивност како ниту еден модел на McLaren досега. Наспроти агресивниот екстериер, ентериерот е олицетворение на спортски луксуз кој зависно од желбите на купувачот се крои индивидуално. Според МcLaren опциите за персонализација се безмалку бесконечни. Меѓутоа конечна е бројката со која се калкулира за бројот на произведени примероци. Серијата на McLaren W1 ќе биде ограничена на само 399 примероци и без оглед на цената од грубо 2 милиони британски фунти со вклучени давачки, во Велика Британија секој примерок веќе има свој сопственик.