ВО СВЕТОТ НА АВТОМОБИЛИТЕ ЈАНУАРИ Е ПОЗНАТ ПО РЕЛИТО ДАКАР, НЕКОГАШНО ПАРИЗ ДАКАР, НО И ПО САЛОНОТ ЗА АВТОМОБИЛИ ВО ДЕТРОИТ. РЕЛИТО ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО ЈАНУАРИ, НО ЗАТОА САЕМСКАТА МАНИФЕСТАЦИЈА Е ПОМЕСТЕНА НА ЛЕТО
Релито Дакар е најтешкото и драматично од било кое друго рели на планетава. Секоја година сведоци сме на вистински драми кои се случуваат среде пустинските, полупустинските или други тешко проодни предели. Годинава натпреварувачите, авантуристите, по трет пат ќе тргнат да ги освојуваат непрегледните песочни пространства на Саудиска Арабија.
Стартот е закажан на 1 јануари со развозување, а потоа следи талкање низ пустините до 14 истиот месец. За време од две недели учесниците (возачите на автомобили, камиони, квадрицикли и мотоцикли) ќе изминат скоро 8.500 км, односно 8.375 км од кои 4.258 км се специјални испити и токму во нив се мери времето на минување и сето тоа со само еден ден одмор, 8 јануари. Трасираната патека, всушност не е патека туку случајно избран правец по кој ќе се движат возилата. И на таков „пат“, а пат нема, возачите кои ќе посегнат по титулата ќе мора да возат и над 200 км/ч за да стигнат први на целта. На асфалт таа брзина ни изгледа преголема, а замислете како е да возите теренско возило низ пустина со над 200 км/ч.
Ауди, и оваа година повторно со желба за победа. Има електрично возило кое може да измине околу 800 км со едно полнење на батеријата, но за тоа има заслуга и клипен мотор кој служи како агрегат и ја дополнува батеријата. Тимот на Ауди е оставен од 14 кратниот победник С. Петерхансел со совозачот Е. Булангер, потоа рели легендата К. Саинц со Лукас Круз и М. Екстром ќе вози со Е. Бергквист. Ќе биде „густо“, но тука има и други „лавови“ како на пример Себастијан Лоеб најтрофејниот возач во историјата на Светскиот шампионат во рели кој ќе вози во тимот на Продрајв со автомобил правен на основа од Фордов модел. Во истиот тим се и „ѕверките“ О. Теранова и Хуан Нани Рома.
Следни на списокот се возачите и совозачите од Тојота Газу Рејсинг на чело со Насер ал Атија и Жињел де Виларс, а во другите две возила од вкупно четирите, ќе бидат возени од Хенк Летеген и Шамир Вариава.
А кога сме кај камионите тука Русите со Камаз се неприкосновени и засега единствени кои можат нешто да направат се Де Рој и легендата над легендите 80 годишниот Терухито Сугавара со Хино.
Засега списокот содржи 750 возачи и совозачи, а меѓу нив има дури 130 учесници кои учествуваат по десетти пат или повеќе, и 60 дами кои ќе се борат за место на победничкиот подиум. Ако бројките ги гледаме според возилата кои ќе учествуваат, тогаш вкупно се 587 од кои 149 се мотоцикли, 21 квадрицикли, 97 автомобили, лесни возила од типот на баги 44 + 61 и 58 камиони. Покрај овие присутна е и класиката 128 автомобили и 20 камиони.