ПРШТИ ОД БЕСНОТИЛАК НА СИТЕ СТРАНИ. ОВОЈ DODGE DURANGO SRT HELLCAT СО 710 КС ПОД ХАУБА Е НАЈМОЌНИОТ СЕРИСКИ SUV НА СВЕТОТ. ПЛЕНИ КАКО СО СВОЈАТА МОЌ, ТАКА И СО СВОЈОТ СТАС И ФРЛА СЕНКА НАД РАЗВИКАНИТЕ ЕВРОПСКИ КОНКУРЕНТИ.
Кога ќе се спомене американски „маслкар“ обично стои слика на некое набилдано купе од чија хауба штрчи масивен хрoмиран механички компресор кој дува зголемено количество воздух директно во цилиндрите за тие да истиснат што поголема моќност. Меѓутоа денес претставата за „маслкар“ американците ја носат на едно сосема поразлично место. На пример, во светот на спортските теренци. Зошто еден SUV не би можел да биде маслкар?
На зададената тема инженерите на SRT даваат соодветен одговор во облик на пет метарскиот SUV Dodge Durango, кому, за оваа прилика под хауба му е напикан монструмот од мотор прославениот 6.2 литарски V8 HEMI кој благодарение на механичкиот компресор истискува 710 КС и 875 Nm и со право го заслужува името Hellcat, кое, пак, се префрла и на теренецот Durango SRT Hellcat. Оваа мачка која доаѓа директно од пеколот со своите 710 КС во моментот важи за најмоќниот сериски SUV на светот.
ПЕРФОРМАНСИ НА ТРКАЧ
Колосот на Dodge, долг над пет метри, широк скоро два метри и тежок над 2,5 тони спринтува како прав тркач. Вчудоневидувачки е да се види олкава грдосија предвидена да влече товар од 4 тони како од место лови 60 mph, или 96 km/h во 3,5 секунди, или, пак, достигнува максимална брзина од сериозни 290 km/h. Но, уште поневеројатно делува официјалниот податок од Националната Хот Род Асоцијација на САД, (NHRA) кој вели дека Durango SRT Hellcat совладува четвртина милја, или 402 метри за 11,5 секудни. Во однос на Durango SRT 392 кој носи атмосферски 6.4 литарски V8 HEMI и се води како едно ниво подолу, Hellcat е побрз за 1,5 секунди на затворена писта од 3,4 километри. Можеби оваа разлика не личи многу, но секундите претворени во должина покажуваат разлика од девет должини на автомобил во само еден круг.
Уште поимпресивно е и мерењето на патот на сопирање ако се има на ум тежината од преку 2,5 тони. Залетан од 60 mph овој Durango сопира во само 35 метри, резултат кој е на ниво на спортски автомобил. Сопирачкиот апарат одговорен за голтање на брзината е дело на специјалистот Brembo. Напред се поставени дводелни вентилирачки дискови со алуминиумска капа 400 х 36 mm кои ги зафаќаат фиксни шестклипни сопирачки клешти. Одзади, исто така, работат вентилирани дискови 350 х 28 mm кои ги зафаќаат фиксни четириклипни сопирачки клешти.
СРЦЕТО НА ПЕКОЛНАТА МАЧКА
Го навестивме срцето на пеколната мачка, но подетално да откриеме какви тајни сокрива 6.2 литарскиот V8 HEMI за да може да ги испумпа бесните коњи. Во SRT најмногу внимание посветиле на ладењето. Со одржување на температурите во понизок опсег моторот работи поефикасно и испорачува поголема моќност. Затоа блокот на моторот има водови меѓу цилиндрите низ кои струи течноста за ладење, а кованите клипови од лесна легура директно ги запрскува масло од млазници. Механичкиот компресор има посебен систем за ладење интегриран во куќиштето со сопствена пумпа, резервоар за течност и ладилник. Целиот систем работи прилично ефикасно и успева да ја држи температурата на компримираниот воздух под 60 степени целзиусови пред да биде вшмукан во цилиндрите. Компресорот има зафатнина од 2.38 литри и максимален притисок од 0.8 бари кој се одржува со помош на бајпас вентил и се врти со максимални 14.600 вртежи во минута. Покрај кованите клипови овој HEMI користи ковано коленесто вратило термички обработено, ковани клипни лостови и термички обработени вентили сместени во главата од кована алуминиумска легура. Вака спремен подготвен е да испорача 710 КС при 6100 min-1 и максимален вртежен момент од 875 Nm при 4300 min-1. Моќност од која не би се посрамотил ниту еден суперспортски автомобил. Истото важи и за агресивната грлена звучна кулиса на осмакот. Со додавање на издувна цевка како буквата Х која ги вкрстува двете издувни гранки се мешаат издувните гасови со што е постигнат посакуваниот звук кој наежува дури и во лер.
МАСИВЕН ПРЕНОСЕН АПАРАТ
Погонот е постојан на четири тркала што било нужно за да се пренесе огромниот вртежен момент рамномерно врз подлогата која во случајот на Durango SRT Hellcat не е нужно да биде асфалт. Секако маслтеренецот е способен да игра и надвор од асфалт и тоа прилично успешно. Менувачот е автоматски со осум степени на пренос и опција за мануелно одбирање на степените преку палки на волан. Централниот диференцијал кој е електронски управуван дозволува варијабилна распределба на вртежниот момент. Во нормални услови кога е избран автоматскиот модус Auto распределбата предна/задна оска оди 40/60. На терен, при влечење и на снег во модусот Snow and Tow 50/50, во спортскиот модус Sport 35/65, а во ултимативниот модус Track 30/70. Тогаш Hellcat вози како вистински тркач и дозволува полесна контрола во свијоци и нуди неизмерно задоволство кога како воопшто да не се чувствуваат оние над 2,5 тони тежина.
За да се доживее во целост како ултимативна возачка машина се грижи и подвозјето кое е стегнато, но не на сметка на комфорот и управувањето со електрично серво со селективно менување на параметрите. На возачот му стојат на располагање три модуси Street, Sport and Track и Custom преку кои се подобрува тракцијата, возната динамика и чувството зад волан. Се менува и брзината на менување на степените кај менувачот, цврстината на потпирањето и одзивот на управувањето. И додека Street и Sport and Track се предодредени сетирања, во модусот Custom возачот буквално може да ги нагоди параметрите спрема своите афинитети за уште поголемо уживање додека е зад волан.
АГРЕСИВЕН СТАЈЛИНГ
Без оглед на масивната конструкција Durango SRT Hellcat плени со агресивниот стајлинг недвојбено покажувајќи кој е шефот на улица. Огромните отвори за довод на воздух надополнети со мачкестите светла со LED технологија, отворот на хаубата и неизбежната двојна полна линија лакирана преку каросеријата јасно ставаат на знаење дека со него нема игра. Посебно ако лутиот лик го здогледате во ретровизор спремен буквално да ве проголта. Стои на масивни тркала од 20 инчи кои се обуени во гуми на Pirelli P Zero со димензии 295/45. Ентериерот е ориентиран кон возачот со огромен екран од 10,1 инчи поставен централно на арматурата преку кого се управува со сите параметри на возилото. Инструментите ги красат двојни црвени кругови кои дополнително го креваат адреналинот кога преку нив проаѓаат стрелките од бројачите. Ентериерот е преслечен во кожа и внимателно дотеран за да понуди врвен луксуз кој годи како во секојдневието така и при долги патувања. Можеби овој мускул од теренец на европјаните им делува грубо, но факт е дека привлекува со својот настап и плени со својата моќ. Не залудно го носи приматот на најмоќниот сериски SUV на светот. Можеби е бучен, растрошен и нуди сирова сила, но сето тоа си има свои поклоници. Посебно во САД за каде е првенствено и скроен. Продажбите стартуваат на почетокот на 2021 година, а цената се очекува да почнува малку над 80.000 долари. Интересно е што Durango SRT Hellcat ќе се произведува само една година. Причина се построгите еколошки норми кои САД ги воведуваат од 2022 година. Се очекува да бидат произведени околу 2.000 примероци што само по себе ќе ја направи оваа мачка од пеколот ретка ѕверка.