Opel Mokka Ultimate 1.2 130 HP AT8-СМЕЛ ЧЕКОР КОН ИДНИНАТА

23/10/2021

МОДЕЛОТ OPEL MOKKA ВО СВОЕТО НАЈНОВО ИЗДАНИЕ СТАНУВА КОМПАКТЕН КРОСОВЕР КОЈ СЕГА ИМА ЗА ЦЕЛ ДА ВЛАДЕЕ НИЗ УРБАНИТЕ СРЕДИНИ СО ДИНАМИЧНИОТ СТИЛ, НАЈНОВИ ТЕХНОЛОШКИ СИСТЕМИ И НАПРЕДНА МОТОРИЗАЦИЈА

 

Сликата за тоа како треба да изгледа еден компактен автомобил полека но со сигурност сè повеќе избледува. Модерното живеење и поимање на трендовите ги брише одамна поставените стандарди и внесува нова доза на стилски решенија во урбаниот сегмент. За тоа се свесни сите автомобилски производители, па затоа индивидуално се обидуваат да понудат што подобра интерпретација на својата визија за урбан кросовер модел. Во овој новонастанат сегмент се приклучува и Opel кој ја подготви новата, втора по ред генерација на моделот Mokka што отсега настапува со драстично изменет имиџ и динамика во движењето.

ИЗРАЗЕН ДИНАМИЧЕН СТАЈЛИНГ

При првата средба со новата генерација на Opel Mokka e забележливо дека станува збор за кросовер изведен со многу стилски елементи кои во себе ги носи новиот дизајнерски јазик на германската компанија. Меѓутоа гледано според димензиите, за разлика од претходната генерација сега е пократка за 12.5 см. Дизајнерскиот тим на надворешноста го истакнува новото „Vizor“ лице кое е целосно модерно, но сепак умно се повикува на моделите на Opel од минатото, што особено добро кореспондира со црниот покрив (кај тестираниот примерок) кој на Mokka и додава карактеристичен и оддалеку препознатлив изглед. Спортскиот и динамичен дизајн смело ја истакнува новата филозофија на компанијата што се стреми кон возбудлива иднина во која нема простор за традиционалните сфаќања. Слободно може да кажеме дека во моментов, Mokka е еден од најатрактивните автомобили во компактната кросовер класа.

ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВЛАДЕЕ СО КАБИНАТА

Дека инженерите и дизајнерите во Opel работеле рака под рака, доста темелно и прогресивно ни покажува внатрешноста на новата Mokka. Потполно новото опкружување во внатрешноста делува доста поедноставено, модерено и минималистички, што е во целост со новите трендови во индустријата кога станува збор за кабинското уредување. Пред возачот е поставена дигитална контролна табла што ја следи новата филозофија на Opel наречена „Pure Panel“ која дозволува неколку начини на персонализација што го подига искуството зад воланот на повисоко ниво. Целосното дигитално опкружување продолжува со мултимедијалниот систем сместен на 10 инчен екран кој покрај веќе стандардините функции е опремен со навигација како и поврзување со Apple Car Play и Android Auto оперативните системи. Добро е што командите за климатизација се одвоени од системот, со нив се управува преку физички прекинувачи што го поедноставува сетирањето на температурата во кабината. Новата Mokka е компактно возило, но во однос на сместувањето во внатрешноста делува доста конкурентно за оваа класа на возила, на предниот дел има доволно место и за лица со поголеми габарити, а две возрасни лица ќе патуваат без да се пожалат на достапниот простор за нозете и главата на задните седишта. Багажниот простор е добро организиран и има зафатнина од 350 литри.

ПОВЕЌЕ ЗАБАВА ОД ВООБИЧАЕНО

Погонската единица ни е добро позната и сме имале можност да ја испробаме во повеќе модели од групацијата, а кај овој мал автомобил одлично се совпаѓа со неговиот надворешен изглед и ја дополнува спортската страна на Mokka. Трицилиндричниот 1.2 литарски бензински турбо мотор создава 130 КС при 5.500 вр/мин. и поседува многу карактер. Како што можете да видите од техничките спецификации, својот максимален вртежен момент го произведува од навистина ниски 1.750 вртежи/минута. Инженерите одговорни за калибрирање на осумстепениот автоматски менувач максимално ја искористиле таа карактеристика, дозволувајќи ви да влијаете на возните особини со промена на режимот на возење (Eco, Normal, Sport) во зависност од моменталните потреби. Доколку сакате да бидете максимално инволвирани во процесот, тука е и прекинувачот со ознака „М“ со кој се активира мануелната промена на брзини преку педалите поставени зад управувачот. Бројките велат дека за забрзување до 100 км/ч се потребни 9,2 секунди, додека стрелката на брзиномерот патува до максимални 200 км/ч. Во меѓувреме, потрошувачката на гориво во просек се движи во зоната од 7,5 до 8 литри на секои 100 километри. Благодарение на димензиите и високата позиција природна средина на Mokka е градското опкружување, во кое се снаоѓа „како риба во вода“. Шасијата ве охрабрува да уживате во возењето на овој автомобил, без оглед на каков пат се наоѓате. Подвозјето делува доста цврсто и самоуверено на патишта полни со свијоци, каде прецизно може да се постави во секој момент, од друга страна, својата култивираност ја покажува на долги рути на движење по автопат каде комфорот доаѓа до полн израз. Моделот Opel Mokka е еден од најатрактивните претставници во сегментот кој преку својот спортски стил го нагласува смелото чекорење на компанијата во иднината и како таа ќе изгледа за сите модели кои допрва ќе следат.

 

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ТРИЦИЛИНДРИЧЕН, ТУРБОБЕНЗИНЕЦ
ЗАФАТНИНА: 1.199СМ3
МОЌНОСТ:  

130 КС При 5.500врт/мин.

МЕНУВАЧ: 8 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН:  НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ

НАЗАД: ДИСКОВИ

ГУМИ: НАПРЕД 215/55 R18, ПОЗАДИ 215/55 R18
МАСА НА ВОЗИЛОТО: 1.220 КГ
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: 4151 Х 1791 X 1531 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: 9.2 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: 5,9 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: 200 КМ/Ч
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ: 25.900 €

 

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ