ХРВАТСКИОТ МАЈСТОР НАД МАЈСТОРИТЕ СЕ ЧИНИ ВООПШТО НЕ МИРУВА И ПОВТОРНО ЈА ИЗНЕНАДУВА СВЕТСКАТА АВТОМОБИЛСКА ИНДУСТРИЈА. СЕРИСКИОТ АВТОМОБИЛ ШТО ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ПРВИЧНО ПРЕТСТАВЕН МИНАТАТА ГОДИНА НА САЛОНОТ ЗА АВТОМОБИЛИ ВО ЖЕНЕВА, ДЕНОВИВЕ ДОЖИВЕА ПРЕТСТАВУВАЊЕ ПРЕД СВЕТСКАТА ЈАВНОСТ. ДОЦНЕЊЕТО Е ОД ОПРАВДАНИ ПРИЧИНИ БИДЕЈЌИ ОРГАНИЗАТОРОТ ГО ОТКАЖА СОБИРОТ ПОРАДИ ВЕЌЕ ПОЗНАТАТА СИТУАЦИЈА ВО СВЕТОТ.
Што всушност подготви работилницата Римац? „Невера“, тоа е името на серискиот автомобил кој ќе биде произведен само во 150 примероци. Ништо необично зарем не!? Но што ако ви кажеме дека „римац невера“ е хипер електромобил кому му требаат само 9,3 секунди до 300 км/ч, тогаш ви станува јасно зошто купе автомобилот ќе биде произведен во само 150 примероци. За новиот модел сопственикот и конструкторот Мате Римац подготвил и нова производна лента. Како што вели сопственикот, на секои пет недели ќе излегува по еден автомобил. Секој примерок пред да го напушти дворот на работилницата, ќе биде потпишан лично од конструкторот, односно сопстевникот М. Римац и сето тоа ќе чини два милиони евра – скромна сума за тие што умеат да му кажат на М. Римац кои измени да ги направи и да си доплатат за желбите.
Ова хипер купе е задвижувано од четири електромотори, на секое тркало по еден и наместо за стабилноста и пролизгувањето да биде вграден класичниот уред што го поседуваат сите други моторни возила, „римац невера“ има сосема поинаков уред, а е наречен „р – автв 2“ (римац ол вил торк векторинг). Тоа „два“ кажува дека уредот е од втората генерација, а работи на следниов начин. Супер компјутерот заедно со цел куп од сензори, осум камери, жироскопи но и со свои алгоритми пресметува како возилото би се однесувало на патот и според тоа го подесува секое тркало, односно секој пневматик ја допира подлогата најдобро што може во даден миг, односно до крајни граници го подесува вртежниот момент. Таа „операција“ се одвива 100 пати во една секунда, така што овој систем е понапреден од класиката „абс + есп“. Секое тркало си има свој оптимален вртежен момент и тоа допринесува за врвната стабилност на автомобилот – како тркалата да се магнети, а асфалтот железо. Кога на ова ја додаваме и конструкцијата која е како во болидите од формула 1 (монокок), тоа потсетува на врвна безбедност. Бидејќи автомобилот престанува да забрзува на високи 412 км/ч, конструкторот повеќе посветил внимание на аеродинамиката, во спротивно автомобилот нема да се однесува како што треба при големи брзини. Затоа сите аеродинамични крилца и спојлери си фаќаат свој агол, односно некои од нив се подвижни и се приспособуваат според моменталните услови, но оставена е можност возачот сето тоа да го подесува, се разбира доколку има познавања од аеродинамиката, барем малку од малку.
Невера е името, звучи необично и сега сигурно се прашувате што значи. Во летните месеци на хрвтското крајбрежје понекогаш оденадеш се појавува силна бура проследена со јак ветар и грмотевици. Таквиот вид невреме кое се појавува многу брзо и без некои уочливи наговестувања, народот го нарекува невера. Мате Римац го позајмил името на летното невреме за својот нов модел, кој всушност е продолжение од концептот „римац ц 2“. Невремево на тркала има ни повеќе ни помалку туку точно 1914 КС и 2360 Нм максимален вртежен момент, затоа забрзувањето од 0 д 100 км/ч изнесува само 1,85 секунди. Мајсторот над мајсторите по трет пат им зема мерка на сите во автомобилската индустрија, од најмалите до најголемите кои тежат со по неколку десетици и повеќе милијарди долари.