Претставуваме TOYOTA GR SUPRA „GT4 100th Edition Tribute“-ДОБЛИЖУВАЊЕ НА МОТОСПОРТОТ ДО ОБИЧНИОТ ВОЗАЧ

07/08/2023

ЛИМИТИРАНА ИЗВЕДБА НА GR SUPRA ОД САМО 100 ПРИМЕРОЦИ Е СОЗДАДЕНА ВО ЧЕСТ НА ТРКАЧОТ ОД СЕРИЈАТА GT4 И ИМА ЗА ЦЕЛ ДА ГИ ДОБЛИЖИ СПОРТСКИТЕ ПЕРФОРМАНСИ И ВОЗНА ДИНАМИКА ДО ОБИЧНИОТ ВОЗАЧ ЗА ВРВНО ДОЖИВУВАЊЕ ЗАД ВОЛАН

 

Ако можат извиканите производители на суперспортски автомобили да пуштаат лимитирани серии на своите рачно изработени беснотилаци, зошто тоа да не може да го направи Toyota? Без оглед што важи за најголемиот производител на светот со масовна продукција на обични автомобили Toyota има и скриени адути. Модели кои нудат перформанси на ниво на спортисти, но што е уште повеќе интересно нудат врвно возачко доживување кое за волја на вистината и не би требало да се очекува од оваа јапонска марка. Во одбрана на овие позиции доаѓа GR Supra, славно име кое мами одушевување кај октанските зависници, кои кон него се однесуваат со должен респект. За да го задржи интересот за својот славен модел чија нова генерација подеднакво како и претходникот ја збудалува возачки настроената публика, Toyota на пазарот пушта лимитирана серија.

ВО ЧЕСТ НА ТРКАЧОТ GR SUPRA GT4

Колку за потсетување GR Supra е првиот глобален модел на Toyota целосно развиен од новото спортско одделение на марката наречено Toyota Gazoo Racing. Создадена од спортисти, за спортисти, GR Supra доби и своја тркачка изведба која со душа ја очекуваа клиентите од светот на мотоспортот. Без оглед дали станува збор за тимови, или индивидуалци, секој од нив може го добие тркачот GR Supra GT4 развиен популарната класа GT4 која се вози како серија и зема се поголем замав во светот. Откако пред три години тркачот доби хомологација за учество на трки, во седиштето на Gazoo Racing во Келн се изработени точно 100 примероци кои во полн налет возат и победуваат на тркачките патеки низ Европа, Америка и Јапонија, а се натпреварувале и на легендарната трка на издржливост 24 часа Нирбургринг. Досега GR Supra GT4 вкупно учествувала на 317 трки низ цел свет, победила во класа на 79 трки, има 20 целосни победи и 207 подиуми. Токму во чест на тркачот и неговиот јубилеј Toyota одлучува на пазарот да испрати лимитирана серија од 100 примероци GR Supra кои ќе носат посебен амблем „GT4 100th Edition Tribute“. Секој примерок ќе биде изградeн врз основата на изведбата GR Supra Lightweight која носи рачен шестстепен менувач.

ОТКРИВА ТЕСНА ВРСКА СО МОТОСПОРТОТ

За да нема двојби дека станува збор за ексклузивна серија развојното одделение на Gazoo Racing одлучило оваа GR Supra со својот настап неодоливо да потсетува на чистокрвниот тркач. Прво на поглед доаѓа масивното задно крило од карбон-фибер, слично како кај GT4, кое со рачно местење може да го менува аголот и преку него да влијае на возната динамика зависно од патеката, или патот по кој вози. Мускулестиот задник го следи уште поагресивна предница која носи масивен спојлер од карбон-фибер којшто впечатливо стрчи од под предниот браник, додека на капакот од моторот е вметнат дополнителен панел, исто така, од карбон-фибер во кого се поставени отвори за одвод на врелите гасови.

Додатоците од карбон-фибер прават одличен контраст со ексклузивната боја наречена Plasma Orange и совршено се совпаѓаат со кованите бандажи од лесен метал лакирани во мат-црна боја и брендираните сопирачки клешти со лого GR Supra, исто така, изведени во црн финиш. Клиентите на кои овие додатоци им делуваат премногу нападно можат да се одлучат и за изведба без нагласени спојлери.

ЗА ПОГОЛЕМА ВОЗАЧКА ИНВОЛВИРАНОСТ

Како што веќе споменавме лимитираната серија ќе биде поставена врз основата на GR Supra со рачен менувач. Изведбата со автоматски менувач не е во игра. Во Gazoo Racing едноставно веруваат дека автоматикот не може да го подигне возачкото доживување на рамниште кое го нуди рачното менување на степените. Плус оваа изведба со рачен менувач е значително полесна што ветува подобри перформанси и на пат, и на еднодневните излети на патека за оние возачки кои милуваат да искусат уште поголемо возачко доживување.

Моќноста на 3.0 литарскиот линиски шест цилиндричен битурбо останува на 340 КС кои стојат на располагање меѓу 5.000 и 6.500 min-1, во пар со вртежниот момент од 500 Nm расположливи од ниски 1.600 до 4.500 min-1. Иако ова е далеку од тркачот GT4 за кого моторот е навиен на 430+ КС и 650+ Nm зависно од потребите, сепак заради значително пониската тежина оваа изведба на GR Supra нуди подобри перформанси отколку изведбата со автоматски менувач. Заштедата во тежината првично доаѓа од различниот тип на менувач.

Рачниот штеди 38,3 kg. Поставувањето на новите бандажи од лесен метал од 19 инчи заедно заштедуваат 21,8 kg. Со замена, пак, на аудио системот, исклучување на електричното местење на седиштата со лумбарната поддршка и кожата се заштедени дополнителни 16,5 kg. Кога сè ќе се собере се доаѓа до минус од 76,6 kg што е еднакво на тежината на еден просечен човек. Сето ова значително ја подобрува возната динамика. Рачниот менувач е посебно проектиран според карактеристиките на моторот. Поставено е полесно куќиште со отстранување на елементите кои не се потребни како на пример звучната изолација, и попатно комплетно се сменети преносните односи на сетот запченици заедно со карданското вратило. За да се избегне задршката при повлекување кога ќе се притисне педалот за гас и да се подобри одзивот поставен е и покус преносен однос во диференцијалот 3,46:1 во однос на 3,15:1 колку што има автоматикот. А за подобро чувство при менување поставена е потешка топка на рачката од менувачот која сама по себе тежи 200 грама.

Комплетно е сменет и сетапот на подвозјето. Поставени се сосема нови амортизери кои ја ограничуваат играта на каросеријата, додека предниот и задниот стабилизатор добиваат поцврсти чаури од вулканизирана гума. Сето ова ветува поголема стабилност и попрецизно водење низ свијоци. Кон последново се надоврзуваат и измените кај управувањето. Поставени се нови механички компоненти на постоечкото електрично серво, а сменети се и параметрите благодарение на кои управувањето е поостро и попрецизно со 2,1 свртување на воланот открај – докрај.

Како шлаг на тортата доаѓа новата функција наречена Hairpin+. Нејзината замисла е да обезбеди забава при возењето во најсложените возачки ситуации. Посебно кога се протнувате низ остри свијоци на нагорнина поголема од 5%. Ова најмногу се однесува на планинските делници кои често се среќаваат насекаде низ Европа, па дури и кај нас ги има во изобилие. При одбирање на Hairpin+ системите за стабилност дозволуваат пролизгување на задните погонски тркала, а со тоа и пролизгување на задникот кој минува во надуправување и дозволува возачот да го лови со контра корекции преку волан.

Нема двојби дека со оваа изведба на GR Supra, јапонскиот производител ги погодил возачките уживатели во срце. Стартот на продажбите на „GT4 100th Edition Tribute“ е закажан некаде наесен заедно со моделската изведба на GR Supra за 2024 година и секако ќе зависи од пазар до пазар. Во колку некој и не успее да ја резервира заради ограничената продукција не треба да очајува. GR Supra Lightweight која секако е во редовна продажба ги нуди истите возни карактеристики и перформанси, иако за волја на вистината без драматичниот настап на „GT4 100th Edition Tribute“.

 

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ