ВО МНОГУ СЕГМЕНТИ НАЈНОВОТО ИЗДАНИЕ НА TOYOTA RAV4 НЕ Е ДАЛЕКУ ОД ИЗВОРНИОТ МОДЕЛ, НО СО МАЛИ МОДИФИКАЦИИ ДОБИВА НА КАРАКТЕР ПРЕКУ КОЈ ЈА ИСТАКНУВА СВОЈАТА ПОСЕБНОСТ И АВАНТУРИСТИЧКИ ДУХ
Со RAV4 Adventure, Toyota не оди многу далеку од она што го нуди во останатите изведби, но сепак тука како стандарден дел од опремата доаѓа погонот на сите тркала, за нијанса повисокиот клиренс и ред други измени на надворешноста и кабинскиот дел кои го прават посебен и различен.
ИНСПИРИРАН ОД МИНАТОТО
Стајлингот на надворешноста во оваа Adventure изведба му дава на RAV4 поробусен изглед преку дизајнот на предниот дел на кој се истакнуваат новите LED светлосни склопови, изменетата маска на ладилникот во која е интегрирано логото на брендот, предниот браник има нов облик и е со истакнат заштитен панел во долниот дел изведен во сива-мат завршница. Сите оние препознатливи off road стилски примеси доаѓаат на RAV4 како дел од портфолиото на компанијата врз кое Toyota ја има изградено својата репутација. Според нас, а и според реакциите на минувачите, одговорните за дизајнот на надворешноста работата ја завршиле доста успешно. Како дополнување на целата тема доаѓаат и новите, уникатно дизајнирани лесно метални бандажи од 19 инчи и пошироките пластични заштитни облоги над тркалата. Преку сите измени може да се забележи дека профилот изгледа исто, но сепак малку поразлично, изразените елементи воедно се тука да побудат интерес за истражување на нови авантури вон вообичаните асфалтни рути.
СОЗДАДЕН ЗА МАКСИМАЛЕН КОМФОР
За „авантуристичкиот“ RAV4 компанијата не оди многу далеку од она што го нуди во останатите изведби. Единствената забележлива разлика се однесува на дизајнот на кожните седишта и контрастните портокалови шевови кои продолжуваат да се протегаат по централната конзола, а може да се забележат и на облогите од вратите. Чувството во кабината е исклучително пријатно, големата пространост е очигледна, а дополнителен комфор носи и начинот на кој е таа изведена. Површините кои се во видно поле и почесто изложени на допир се направени од високо квалитетни материјали, а онаму каде погледот и раката нема да ви оди често се направени од потврда пластика, но со висок квалитет. Нешто што посебно ни се допадна е употребата на гума со изразена текстура на внатрешната страна од рачките за затварање на вратите и големите прстени на контролите за климатизација. Ергономијата е на високо ниво, примарните и секундарни команди се логички распоредени и на дофат, воедно истите се и едноставни за користење. Единствената замерка во кабината оди на сметка на инфотејмент системот кој иако поседува копчиња за брз пристап до одредени функции и конекција со Android Auto и Apple CarPlay неговото мени не делува интуитивно и брзо како кај некои од конкурентите, но како што истакнуваат од Toyota, наскоро пристигнува освежување на таа тема. За габаритите на ентериерот може да се каже дека се во врвот на класата, благодарение на TNGA-K платформата која има 2.690 мм меѓуоскионо растојание, затоа покрај стандардната удобност на предните седишта ниту патниците на задната клупа не се лишени од максимален комфор, бидејќи истата има опција да прими три возрасни лица кои нема да имаат проблем ниту со просторот за колената ниту, пак, со висината на кровот. Со целосна посветеност да се задоволат семејните потреби е и багажниот дел кој располага со капацитет од минимални 580 литри, а со соборување на задната клупа се добиваат 1.690 литри.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | Четирицилиндричен бензинец |
ЗАФАТНИНА | 2487 см3 |
МОЌНОСТ НА БЕНЗИСКИ АГРЕГАТ: | 177 КС
При 6.000 врт/мин |
МОЌНОСТ НА ПРЕДЕН ЕЛ. МОТОР: | 120 КС (88 kW) |
МОЌНОСТ НА ЗАДЕН ЕЛ. МОТОР: | 55 КС (40 kW) |
МАКСИМАЛНА МОЌНОСТ НА ХИБРИДЕН ПОГОН | 222 КС (165,5 kW) |
МЕНУВАЧ: | E-CVT безстепен автоматски менувач |
ПОГОН: | На сите четири тркала |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
Напред: McPherson Назад: Мултилинк |
СОПИРАЧКИ: | Напред: Вентилирачки дискови
Назад: Дискови |
ГУМИ: | напред 235/55 R19, позади 235/55 R19 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
Кг 1.730 кг |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4600х1855х1685 мм |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
8.1 секунди |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
4.6 лит/100 км |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
180 км/ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
49.619 Евра |
СЕКОГАШ НА ВИСИНА НА ЗАДАЧАТА
Кога станува збор за моторизацијата кај хибридниот RAV4 објаснувањето оди по следниот распоред: под предниот поклопец работи 2.5-литарски четири цилиндричен бензински двигател со моќ од 177 КС кој дејствува во синергија со еден електромотор задолжен за движење на предните тркала што располага со 120 КС и уште еден електромотор со јачина од 55 КС што ја движи задната осовина. Номиналната вредност која ја произведува овој бензински-електро погон по сите пресметки на компанијата изнесува вкупно 222 КС кои според нашето искуство се и повеќе од доволни за возилото тешко преку 1.700 килограми. Енергијата потребна за придвижување на електромоторите се чува во батерии чие надополнување се врши додека работи бензинскиот агрегат и при сопирање преку регенерација на силата на сопирање, со други зборови нема потреба од кабли и приклучување во електричен систем.
Како по традиција производителот кај хибридните модели користи безстепена континуирана варијабилна трансмисија (e-CVT) која ја распоредува силата од хибридната моторизација кон сите четири тркала и знае да биде малку побучна кога моторот е под полно оптоварување. Бројките велат дека RAV4 стигнува до 100 км/ч за 8,1 секунди, а максималната брзина изнесува 180 км/ч. Производителот декларира дека на хибридниот погон му се потребни помалку од 5 литри во комбиниран циклус на возење. Ние, вредностите не ги постигнавме и за време на тестот успеавме да измериме просечна потрошувачка од 7,6 литри. Секако, доколку сте понежни со педалот за забрзување истата може да биде блиску до декларираната. Самото возење со ваков тип на погон ве тера да размислувате потрезвено во секојдневниот сообраќај обидувајќи се што подолго време да го користите предностите кои ги нуди хибридниот систем што во исто време резултира и со многу помало ниво на штетни честички ослободени во атмосферата. Моторизацијата и одлично одмереното потирање му дозволуваат на RAV4 да биде забавен ако од него тоа се побара, без разлика за каква подлога станува збор, бидејќи за тоа се задолжени 4 модови на работа, „нормал“, „еко“, „спорт“ и „трејл“ со што неговиот карактер на R- рекреативно, A- активно, V – возило, со погон на 4 тркала доаѓа до полн израз.