АВТО-МОТО-Тест: CHERY FX NOBLE COLOR-АВАНГАРДЕН ПРЕДЛОГ

29/11/2023

МОДЕЛОТ FX ЦЕЛИ КОН ПОМЛАДАТА И УРБАНА ПУБЛИКА ШТО НЕПРЕСТАЈНО ТРАГА ПО ВОЗИЛО СО ИЗРАЗЕН ДИЗАЈН, ИНОВАТИВНИ РЕШЕНИЈА И ТЕХНОЛОГИИ ОД НАЈНОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА

 

Најпрво би сакале барем за момент да ги тргнете на страна сите предрасуди што ги имате за возила кои доаѓаат од Кина, затоа што на производителите на автомобили од оваа земја, им требаше далеку пократок временски период да го достигнат посакуваното ниво на своите возила отколку што тоа им беше потребно на јапонските или корејските марки. Конкурентноста на автомобилите што доаѓаат од Кина повеќе не ја прави само поволната цена, туку и она што се добива за вложеното. За нештата да бидат појасни, на самиот почеток важно е да се знаат и некои основни податоци за куќата која стои зад моделот. Компанијата Chery од своето основање во 1997 година константно вложува во развој и имплементација на најнови технологии. Имено, освен во матична земја, свои развојни центри има на европскиот континент, како и во северна и јужна америка. Во целината се вклучени и 10 фабрики низ целиот свет во кои се произведуваат возила за преку 80 пазари. Покрај соработките со големи играчи од IT секторот, компанијата соработува и со реномирани автомобилски компании. Марката Chery е една од првите која го пробива патот на европскиот континент, со намера да се наметне како бренд што може да ја промени играта, а за тоа голема улога игра авангардниот кросовер FX.

АВАНГАРДНА СТАВА

Еден од главните аспекти на Chery FX, секако е неговиот впечатлив екстериер. Обликот е инспириран од концептот „уметност во движење“ со кој се истакнува неговата впечатлива и авангардната линија со исклучителен стил. Воедно, преку него се сплотува естетиката и функционалноста на несекојдневно хармоничен начин во футуристички кросовер модел кој не може да помине незабележан. На предниот дел доминантна улога игра масивната предна решетка со тридимензионален облик во дијамантски терк над чии крајни рабови се сместени тенките дневни светла. Светлосните групи се одвоени и се сместени подолу во маската. Силуетата го открива слегувачкиот-лебдечки покрив што е задолжен за трендовскиот „купе“ облик и неколку црвени елементи кои го подигаат визуелниот ефект. На задниот дел погледот го привлекува големиот спојлер кој е изведен во две нивоа. Дизајнерскиот тим и тука играл со колоритот, горниот дел е изведен во сјајна црна боја, додека понискиот дел е акцентиран со црвена нијанса. Од кој било агол, Chery FX е визуелно впечатливо возило кое привлекува големо внимание, иако не ги следи „правилата на игра“ што ги поставија некои од неговите ривали, несомнено изгледа динамично, особено во двобојна комбинација на надворешноста како што е и тесттираниот примерок.

ВИСОКО НИВО НА НАПРЕДНИ ТЕХНОЛОГИИ

Во внатрешноста Chery FX продолжува со истата комбинација на стил и функционалност која е применета и на надворешноста. Ентериерот е исклучително добро и модерно дизајниран, а се забележува и големото внимание посветено на деталите и квалитетот на употребените материјали. Овде, оние со остро око ќе ги забележат дизајнерските потези кои прецизно ги следат луксузните автомобилски брендови. Показателот доаѓа во форма од 10,25 инчен екран на допир задолжен за „инфотејмнет системот“ и 10,25 инчен дигитален кластер пред возачот. Екраните со висока резолуција се интегрирани во една целина и го дополнуваат авангардниот дизајн што треба да обезбеди одредена индивидуалност. Во делот од новите технологии се и двете позиции на централниот гребен за одлагање на мобилните телефони кои во исто време овозможуваат и нивно безжично полнење. Поврзувањето со системот е без употреба на кабли, а пресликувањето на вашиот Apple или Android уред нема да трае повеќе од 30 секунди. Доколку не сакате да ги одвоите рацете од управувачот виртуелниот асистент е секогаш на располагање, со повикување ,,Hey Chery“. Изненадува неговото препознавање на глас, брзина на реакција и можност за управување со посложени функции… систем кој е еден од ретките што сме ги користеле, а не затаил во некоја команда! Возачот и патниците целосно уживаат во сите опции за комфор и удобност, како што е акустиката на Sony со 8 звучници, амбиентално осветлување во повеќе нијанси… Па така Chery FX со должина од 4.400 мм. ширина од 1.830 мм и висина од 1.588 мм. нуди дарежлив внатрешен простор. И не само на предните седишта, туку и на задниот дел каде возрасни лица со висина од 180 см ќе имаат доволно простор за нозете и соодветен простор за главата зад возач со иста висина. Багажникот е со зафатнина од околу 380 литри, што е просечно за сегментот и доволно за едно четиричлено семејство. Доколку е потребно да транспортирате погабаритни предмети, неговиот волумен може да се зголеми до 1.026 литри со преклопени задни седишта.

 

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ЧЕТИРЦИЛИНДРИЧЕН
ТУРБОБЕНЗИНЕЦ
ЗАФАТНИНА: 1.598 СМ3
МОЌНОСТ НА
АГРЕГАТОТ:
186 КС при 5.500 врт/мин
МЕНУВАЧ:  7 СТЕПЕН
АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ПОТПИРАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: MULTILINK
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД 215/55 R18,
ПОЗАДИ 215/55 R18
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
 1.444 КГ
 ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: 4.400Х1.830Х1.588 ММ
 ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
 7.8 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
7.1 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
 206 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ:
33.400 ЕВРА

 

РАФИНИРАН СОПАТНИК

Компанијата Chery кај своите модели нуди само една моторна опција. Станува збор за 4 цилиндричен турбо бензински мотор кој од 1.6 литарска зафатнина испорачува излезна моќност од 186 КС при 5.500 вртежи во минута и солидни 275 Нм влечна сила во опсег од 2.000 вртежи во минута и 4.400 врт/мин. Моторот е поврзан со седумстепен автоматски менувач (7DCT), производ на Getrag со двојна спојка што ја испраќа силата на предните тркала. Во склоп со него работат и трите режими за возење „нормал“, „еко“ и „спорт“ достапни да обезбедат непречено задоволство во секоја прилика. За забрзување до 100 км/ч потребни се солидни 7,8 секунди, а максималната брзина е округли 206 км/ч. За секои 100 изминати километри на FX му се потребни 8.2 литри гориво, што е податок кој често се сретнува и кај конкуренцијата. Возните карактеристики се умерено динамични што е разбирливо ако се земат во предвид габаритите, пониската поставеност од коловозот и тежината на моделот FX. Да нема забуни, тука не зборуваме за спортист, но доколку се вози во спортски мод знае навистина да „потегне“. Зад управувачот делува доста спретно и дозволува динамично темпо. Свиоците не претставуваат проблем, благодарение на покрутата суспензијата. На отворен пат, пак, делува доста сталожен и смирен, што го прави идеален сопатник и на подолги релации. Добрата изолација на кабината ја дополнува целокупната рафинираност на возилото. На сето тоа треба да се додат и низа напредни системи за помош (ADAS) кои се грижат за максимална безбедност на возачот и сопатниците.

Во Chery истакнуваат дека моделот FX е олицетворение на иднината што допрва треба да ја лансира компанијата во нова димензија. Ние би додале дека е одличен избор за оние кои бараат автомобил полн со стил, комфор и технологија. Неговата надворешност и ентериер се производ на модерните текови што го прави особено привлечен, додека напредните технологии и перформансите го ставаат во фокусот на современите возачи.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ