АВТОМОБИЛ НА ГОДИНАТА ЗА 2022-СВЕТОТ ГО ИЗБИРА НАЈДОБРОТО

23/02/2022

Жирито составено од специјализирани новинари чие поле на делување се исклучиво автомобилите, го објави скусениот список на кандидати кои остануваат во игра за престижното признание Светски Автомобил на годината за 2022. Спомнатото жири е составено од дури 102 новинари од 33 држави и нивна задача е од сите пријавени автомобили да изберат полу финалисти, односно да го изгласаат покусиот список на кандидати. Тоа го сторија на почетокот од месец февруари, а сега се чека 15 март, денот кога од полу финалистите треба да ги одберат трите финалисти. Потоа карванот се сели преку „големата вода“ во Њујорк каде за време на годишната салонска изложба на автомобили, жирито на 13 април ќе го прогласи победникот и ќе му биде врачена наградата на производителот.


Покрај наградата Светски автомобил на годината, жирито ќе додели уште неколку награди, Луксузен автомобил во светот, Спортски автомобил во светот, Градски автомобил во светот, Автомобил со најдобар дизајн во светот и Електричен автомобил во светот.


Ништо друго не ни преостанува туку да ги дочекаме 15 март, а потоа и 13 април на Салонот за автомобили во Њујорк.
За крај на текстов, ги објавуваме списоците на кандидатите. Ова е списокот од 10 автомобили кои ќе се борат за титулата Светски автомобил на годината за 2022. Првично овој список беше составен од 28 автомобили, но по првото гласање на жирито беа одбрани следниве 10. „ауди ку 4 е трон“, „купра форментор“, „форд мустанг мах – е“, „генезис г 70“, „хонда сивик“, „хјундаи јоник 5“, „хјундаи туксон“, „киа ев 6“, „лексус н икс“ и „тојта гр 86“ / „субару брз“.


Градски автомобил на годината во светот: „дачија сандеро“, „опел мока“, „рено кигер“, „тојота јарис крос“ и „фолксваген таигун“.
Електричен автомобил на годината во светот: „ауди ку 4 е трон“, „бмв и икс“, „форд мустанг мах – е“- „хјундаи јоник 5“ и „мерцедес – бенц е ку с“.
Луксузен автомобил на годината во светот: „ауди ку 5 спортбек“, „бмв и икс“, „генезис гв 70“, „мерцедес – бенц е ку с“, „волво ц 40 речарџ“
Спортски автомобил на годината во светот: „ауди е трон гт“, „бмв м3 / м4, „порше 911 гт 3“, „тојота гр 86“/ „субару брз“ и „фолксваген голф гти/р.


Сите автомобили од претходните категории учествуваат во шестата категорија, односно за шестата награда која е поврзана со обликувањето на автомобилите – Светски дизајн на годината за 2022. Фотографиите се од минатогодишните победници. За Автомобил на годината во светот е прогласен „фолксваген ид 4“, за Светски дизајн на годината е прогласен „ленд ровер дефендер“, „Луксузен автомобил во светот за 2021  титулата ја има „мерцедес – бенц с класа“, додека признанието за Спортски автомобил во светот му припадна на „порше 911 турбо“ и Градски автомобил на годината е „хонда е“ .

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ