МиМо 2021-АВТОМОБИЛСКА ИЗЛОЖБА ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

31/08/2021

Можеби изгледа необично, но Милано и Монца имаат изложба на моторни возила под отворено небо и сето тоа се одвива нa улиците и на плоштадите во центарот на градот и на тркачката патека Монца. Ваквиот вид манифестација опстанува речиси една деценија, така што тоа покажува дека и посетителите и организаторот се задоволни.

Неколку години наназад, од 2015 година, градот Милано заедно со одговорните за организирање трки на патеката Монца, приредува изложба на отворено, поточно на плоштадите и на улиците, а на асфалтот каде што се организираат трки од шампионатот во Формула 1, парадираат гран туризмо автомобилите заедно со болидите. Убава можност за посетителите и за случајните минувачи да видат моторни возила од целиот свет и тоа не само најновите, туку постарите и, што е најважно, присутни се не само тие на четири тркала туку и тие на две. Моторни возила од домашно производство, но и од цел свет. Списокот на учесници е долг, а уште подолг е списокот на изложени возила. Шеесет и четири марки биле присутни на изложбата на годинашново издание од автомобилската парада, а сето тоа поддржано од 21 медиум и АКИ (Автомобилски клуб од Италија – Аутомобиле Клуб де Италија).

Ова е списокот од компании што изложуваа свои моторни возила во Милано и Монца. Аивејс, Алфа Ромео, Априлија, Ауди, Автобили Ламборџини, Бентли, БМВ, БМВ Моторад, Бугати, Кадилак, Цитроен, Корвета, Купра, Далара, ДР, ДС, Дукати, Енел Икс, ЕВО, Ферари, Фиат, Форд, Гаража Италија, Харли Дејвидсон, Хелбиз, Хјундаи, Хонда, Јагиар, Џип, Кавасаки, Карма, Киа, Ланча, Ленд Ровер, Лексус, ЛисисГО, МАК Вилс, Масерати, Мазда, Мекларен, МГ, Милитем, Мини, Митсубиши, Моле Автомобилс, Мото Гуци, МВ Агуста, Опел, Пагани, Памбуфети, Пежо, Пирели, Порше, Рено, Сеат, Сеат МО, Шкода, Сузуки, Тацари ЕВ, Тојота, Фолксваген, Велтмеијстер и Зеро Моторсајклс.

На годинашнава изложба, која беше отворена на 10 и траеше до 13 јуни, покрај автомобилите од марката Пагани, со свое присуство ги удостоил и сопственикот на компанијата Хорацио Пагани. Ако на некој од минувачите нешто не му било јасно за друмските болиди наречени Пагани, тука бил мајсторот над мајсторите Х. Пагани да ги објасни сите нејснотии. Нема поголема чест од тоа лице в лице да разговарате со големиот мајстор на брзите автомобили и од него, на пример, да дознаете повеќе за моделите „уаира“ или „зонда“ или за уникатите наречени „триколори“ посветени на италијанските воздухопловни сили, а ги има само три. Автомобилите на патеката Монца имале можност да почувствуваат како тие чуда на четири тркала „грмат“ на асфалтот.

Убава манифестација среде град. Ако изложбата се одржеше во саемските хали, тогаш ќе ги видеа само заинтересираните за автомобилите и нивните обожаватели. Ова беше задоволство на отворено и за случајните. Намерата на организаторот е исполнета – секој минувач бил дел од манифестацијата.

Наредната изложба МИМО ќе се одржи од 15 до 19 јуни 2022 година и ќе трае еден ден повеќе од годинашнава.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ