ПОБЕДИ МОДЕЛОТ „АВЕНЏЕР“ ВО СОПСТВЕНОСТ НА ЏИП. ТРИОТО НА ПОДИУМОТ Е ЦЕЛОСНО ЕЛЕКТРИФИЦИРАНО, ТАКА ШТО „ОДДАЛЕКУ“ СЕ ЗАБЕЛЕЖУВА ДЕКА АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА НЕ ОСТАВА ВЕЌЕ МЕСТО ЗА ТИЕ СО ОТО И ДИЗЕЛ МОТОРИ
Европскиот изборот за автомобил на годината мина во знакот на „странецот“
„Џип авенџер“ кој ја доби титулата Автомобил на годината за 2023.
Да, Џип е марка која потекнува од другата страна на „големата бара“, но откако Крајслер е под Фиат, некои работи се изменија или подобро да кажеме се надополнија. Италијанско американскиот „зачин“ дополнително беше зачинет откако Фиат склучи договор со Пежо за заеднички вложувања и основање нова компанија која во себе има над десетина марки. Таа компанија е наречена Стелантис и сега сите марки настапуваат и заеднички и одделно, да бидеме попрецизни, си позајмуваат шасии, мотори итн и со тоа си ги намалуваат трошоците за развој и производство, а го зголемуваат профитот. „Џип авенџер“ е токму таков примерок, возило налик на теренско, најмал и најнов во семејството Џип. Тоа користење заеднички платформи, мотори и сѐ друго, доведува до едно исто возило во неколку различни пакувања. Според димензиите и сите други параметри „џип авенџер“ е во тесни роднински врски со „пежо 2008“ и сличните на него од големото семејство наречено Стелантис.
Како што спомнавме на почетокот „џип авенџер“ е носител на престижната титула за 2023 година, а второто и третото место им припадна на Фолксваген за моделот „ид. баз“ и „нисан арија“. „Авенџер“ доби неверојатни 328 гласови, а меѓу нив имаше дури 21 „десетка“. „Ид. баз“ доби 241 бод и воедно собра 16 чисти 10-ки, додека третопласираната „арија“ доби 211 гласови. По нив следеа „нирото“ од Киа со 200 бодови, „рено аустрал“ со 163, „пежо 408“ 149 и „субару солтера / „тојота бз 4 икс само 133 гласови или ако сакате бодови. Жирито е составено од 57 специјализирани новинари од 22 европски држави, односно од држави во кои е присутна автомобилската индустрија или попрецизно држави во кои се произведуваат автомобили.
Сепак во едно треба да се сложиме, „џип авенџер“ располага со врвен дизајн и рака на срце привлекува многу погледи. И не само што има врвен облик, туку го има зачувано и тоа „џиповското“ во себе – личи на постарите во семејството, што е дополнителна придобивка. Дизајнерите си ја завршиле работата, а конструкторите својот дел од работата со електрификацијата, така што сега Џип и доби и има чиста „струја“. Возилото располага со следниве димензии: 4.084 мм должина, ширина 1.776 мм и висина 1.528 мм, додека меѓуоскиното располага со солидни 2.562 мм. Во зависност од временските услови (температурите) „авенџер“ со едно полнење на батеријата (54 kWh) изминува најмалку 205, односно најмногу 440 км. Така е затоа што батериите страдаат, имаат проблем со ниските температури. Од 0 до 100 км/ч потребни му се 9,0 секунди и постигнува максимални 150 км/ч. Силината е еднаква на 156 КС со максимален вртежен момент од 270 Нм. Според првичните најави од производителот и продавачите, цената е некаде околу 40.000 евра, а првите примероци се очекуваат да стигнат во продажните салони на крајот од март и почетокот на април.
И за крај едно потсетувања. Наместо изборот и доделувањето на наградата да се одржи во март во Женева за време на одржувањето на Салонот за автомобили, сета работа се случи во Брисел за време на автомобилската манифестација, бидејќи Женева го откажа одржувањето на изложбата, како за оваа така и за следната година. Се пријави Катар да помогне и сега треба да причекаме да видиме што ќе се случи.