ТОКМУ НА ПРОСЛАВАТА НА 73. ГОДИШНИНАТА ОД ПОСТОЕЊЕТО НА МАРКАТА, ABARTH ЈА ПРЕТСТАВИ ГАМАТА ЗА 2022 ГОДИНА НА СВОЈОТ ДОСЕГАШЕН ФАВОРИТ ABARTH 595, НО И НА ПОМОЌНИОТ ABARTH 695 КОЈ ГО ПРЕТСТАВУВА ВРВОТ НА ПОНУДАТА
Воден од пасијата кон мотоспортот Карло Абарт, основачот на славната спортска марка која ја краси лого на астролошкиот знак шкорпија, не сонувал дека неговото име ќе продолжи успешно да живее далеку после неговата смрт во 1979 година. Љубителите на автомобилизмот најмногу се сеќаваат на името Abarth заради тркачката изведба на, кај нас популарниот „Фиќо”, односно југословенската верзија на оригиналниот Fiat 600 – Zastava 750. Тркачот Fiat-Abarth 850TC и 1000TC (Turismo Competizione) доби безброј трки меѓу 1962 и 1971 година во шампионатите за сериски модификувани автомобили во класите до 850 сс и до 1000 сс. Го нарекуваа убиец на џинови бидејќи благодарение на супериорните перформанси победуваше далеку поголеми модели. Посебно на трките во САД каде претежно на мокра патека беше далеку побрз од масивните V8 машини. Најмногу се памети верзијата 1000ТС заради нагласените испапчувања над тркалата, масивниот насаден браник напред во кого се сокриваше ладилник за маслото од моторот и кренатиот капак на моторот одзади. Зафатнината на малиот мотор со четири цилиндри и осум вентили му беше зголемена на 982 сс, а компресијата на 13:1. Имаше 2 x Weber 45DCOE карбуратори, истискуваше 120 КС при 8.200 min-1 и 130 Nm при 7.000 min-1, и беше способен да го одведе 353 cm долгиот и 570 kg тешкиот автомобил до максимални 215 km/h.
Годинава токму на 31 март марката Abarth слави 73 години од своето основање и во таа чест ја претстави гамата за 2022 година на успешните модели Abarth 595 и помоќната изведба Abarth 695. Понуда која опфаќа модификации и за оние на кои им е поважен стајлингот, но и за оние на кои перформансите им се приоритетна ставка. Како и да è и двете изведби со нивните различни пакети нудат возбудливи перформанси, одлична возна динамика, пробивен звук од издувот, храбар стил и над сè задоволство при возењето.
ABARTH 595: НАПОЛНЕТ СО ЧИСТО ЗАДОВОЛСТВО
Влезот во семејството на Abarth го одредува моделот 595 кој е наполнет со 165 КС чисто возачко задоволство. Срцето кое пумпа во 595 е познатиот 1.4 литарски турбо бензинец кој истискува 165 КС при 5.500 min-1 и 230 Nm при 3.000 min-1 со помош на турбо полначот Garrett 1446. Доволно за малата ракета да спринтува од место до 100 km/h за 7,3 sec. и да вози со максимални 218 km/h. Со спуштено подвозје потпрено од амортизери на Koni со FSD систем и напред, и одзади за поголема контрола и солиден сопирачи апарат од вентилирачки дискови напрeд 284 х 22 и перфорирани дискови назад 240 х 11 mm Abarth 595 носи доволно техника за да го поткрене возачкото задоволство на повисоко рамниште. Соодветно на техниката доаѓа и опремата која го надополнува задоволството да се поседува и управува возило на Шкорпијата. Надвор во очи паѓаат бандажите од 16 инчи и двојниот хромиран издув, а внатре спортските седишта со задолжително лого на Шкропија, спортските педали од не`рѓосувачки челик и воланот со рамно дно дебело поставен за поспортско чувство при управувањето. Конективноста е поткрепена со екран осетлив на допир од 7 инчи со DAB радио и Apple CarPlay, а е компатибилен и со Android AutoTM.
За оние кои се грижат за стајлингот во понуда е изведбата Abarth 595 Turismo која дополнително носи кожни седишта во црна или кафена кожа, 3D Навигација, 17 инчни бандажи Granturismo, автоматски клима уред и хромирани капаци на ретровизорите. Ентузијастите насочени кон перформанси кои извлекуваат повеќе од својот автомобил ќе се одлучат за Abarth F595 каде музиката ја прави издувниот систем Record Monza Sovrapposto кој претставува еволуција на исконскиот издув Record Monza кој го прослави името на Abarth. Со нова звучна конфигурација и четири издувни цевки, по две од страна и поставени вертикално протокот низ Sovrapposto го контролира вентил со кого се управува преку копче на арматурата на кое стои логото на Шкорпијата. Така возачот бира дали сака да вози како џентлмен, или пак, сака да ужива во полниот продорен звук препознатлив за Abarth.
ABARTH 695: КУЛМИНАЦИЈА НА АБАРТОВАТА ФИЛОЗОФИЈА
За оние возачки настроени ентузијасти кои никогаш не пропуштаат возењето да го претворат во возбудливо искуство врвот од понудата на Abarth верзијата 695 е вистинскиот избор. Во Abarth 695 1.4 литарскиот турбо е навиен на 180 КС и 250 Nm при истиот број на вртежи како и кај 595. Растот на коњицата го скратило времето потребно за спринт до тем – по 100 кое изнесува 6,7 sec., додека ловот на максималната брзина застанува кога брзино – мерот ќе стигне до 225 km/h. 695 нуди подо – бра возна динамика благодарение на спортското подвозје, а сопирачката моќ е поголема и поотпорна на прегревање благодарение на предните дискови кои доаѓаат од Brembo. Овие вентилирачки бушени дискови 305 х 28 ги зафаќаат четири клипни фиксни алуми – ниумски клешти обоени во препознатлива црвена боја. За дополнителна стабилност на овој мал беснотилак се грижи варијабилниот спојлер кој се добива со ексклузивниот тркач – ки пакет. Аголот на спојлерот се менува во 12 позиции од 0° – 60° и овозможува да се зго – леми аеродинамичкото оптоварување врз задната оска. При максимален агол и брзина од 200 km/h оптоварувањето врз задната оска изнесува 42 килограми. Покрај прак – тична спојлерот има и естетска примена и се навраќа на тркачко минато на Шкорпијата.
Во споредба со опремата која веќе ја опи – шавме кај 595 и изведбите, агресивниот 695 додава некои елементи кои ја нагласуваат неговата спортска нота како специјалните бандажи од 17 инчи кои создаваат ефект на присилно одведување на врелиот воздух од сопирачките, задолжителниот издув Record Monza со двојни издувни цевки поставени хоризонтално, со алкантара поставената арматура која не дозволува одблесок врз предното стакло дури и при најјако сонце, ав – томатски клима уред и 3D Навигација. Стилски напредната изведба Abarth 695 Turismo во однос на 595 додава сончев кров, додека ултимативниот тркач Abarth 695 Competizione додава титаниумски цевки на издувот Record Monza Sovrapposto, меха – нички диференцијал со ограничено пролиз – гување и тркачки кади кои доаѓаат од спе – цијалистот Sabelt. Седиштата имаат корито од карбон-фибер, нагласени страници и се поставени со комбинација од алкантара и кожа за да обезбедат поголема странична поддршка при спортско возење. Без оглед дали станува збор за Abarth 595 или Abarth 695 секоја од изведбите може да се добие и во отворената кабриолет варијан – та која дополнително ја нагласува автентич – носта на оваа џебна ракета на четири тркала.